вторник, 20 декември 2011

Раскажувачот

И годинава направивме заеднички час со најмалите... со првоодделенците. Им ја раскажав сказната за „Момчето и четириесетте калуѓери“, а тие внимателно ме слушаа. Го голтаа секој мој збор.

вторник, 06 декември 2011

ПРЕВЕНЦИЈА ОД СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА - ПЕДОФИЛИЈА

Под мотото СО ЕДУКАЦИЈА И ЗНАЕЊЕ ДО ПРЕВЕНЦИЈА ОД СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА/ ПЕДОФИЛИЈА, денес со почеток во 12.00 часот, во просториите на ООУ „Даме Груев “ - Куклиш се одржа предавање во организација на Општинскиот Црвен крст, а во соработка со Заводот за социјални грижи и воспитување на децата и Министерството за внатрешни работи, преку кое наставниците беа запознаени со тој вид злоупотреба на децата и со начините како да ги препознаваат децата - жртви на педофилија.
Најпрво, на присутните наставници им се обрати претставникот на Црвениот крст - Љупчо Јанков, кој не запозна со целите на предавањето. Тој меѓу другото истакна дека нашето училиште е прво во низата во кои наставниот кадар ќе се едуцира за полесно препознавање на жртвите од педофилија. „ Вие , наставниците сте на некој начин најповикани да ги препознаете, зашто сте покрај другото и педагози, добро ги познавате децата , кои имаат доверба во вас и добар дел од денот поминувате со нив, а училиштата располагаат и со стручни служби, кај кои можете да го упатите детето.“ - рече на почетокот Јанков.
„Децата, како најранлива категорија, се изложени на секаков вид на злоупотреби, кои оставаат длабоки лузни во детската душа и го попречуваат нивниот нормален развој. Една од нив е и сексуалната злоупотреба... таа не е нешто ново. Веројатно ја имало отсекогаш, можеби и во поголем обем, но за тоа се молчело.“- истакна претставничката на Заводот за социјални грижи.
 „Педофилија е секаков вид сексуално насилство (и душевно и телесно) врз дете на возраст до 15 години, од лице постаро од жртвата за 5 години, без разлика на полот. Педофилот најчесто го познава жртвата, па може да биде од член на семејството (татко, очув, брат, сестра), близок роднина, сосед, семеен пријател, наставник... во многу ретки случаи се работи за непознат човек. Најчесто сторителите се од машки пол, а жртвите од обата пола, додека во улога на насилник многу поретко се среќаваат жените. Педофилот не се разликува од останатите луѓе во средината и има нормален интелектуален развој. Би можел да биде од сите возрасни и општествени категории и има нормално однесување во семејството и средината. По ништо не  се разликува од останатите во средината.


Децата, кои се сексуално злоупотребени, би можеле да имаат пречки во нивниот емотивен и сексуален развој. Според статистичките податоци, најчесто жртва на таков вид на насилство се деца над петгодишна возраст. Но не е исклучена можноста и деца од помала возраст да бидат сексуално злоупотребувани, но нивниот број е значително помал. Таквите деца најчесто се поповлечени од другите, пасивни се во детските игри, потиштени се и најчесто кај нив се забележува нагла промена и во однесувањето и во успехот.
Хризантема Рендевска


сабота, 19 ноември 2011

44. Детски Рацинови средби


Велес... градот на Жинзифов и Џинот, на гемиџиите и Брашнаров и пред се - градот на Рацин. Ако не бев на овогодишните 44. Детски Рацинови средби, ќе живеев (во заблуда) со убедување дека Велес е најгрдиот град во Македонија, поради лошата слика што ми се беше врежала, гледајќи го од далеку и на поминување кон и од Скопје.

Градската библиотека „Гоце Делчев“ беше местото каде требаше да се соберат учесниците на 44. Детски Рацинови средби, кои со своите ментори пристигнаа од сите делови на Македонија.

Нашето училиште ( ООУ„Даме Груев“ - Куклиш) , беше претставувано од три девојчиња од ликовната секција,(Марина Чонева и Анета Василева од Костурино, а Елизабета Митева од Свидовица) кои требаше да се натпреваруваат на вајарско-грнчарската работилница и Александра Донева, која учествуваше на литературниот конкурс.

Откако пристигнаа сите учесници, заминавме кон ООУ„ Блаже Конески“, каде нашите деца требаше да се сретнат со своите нови другарчиња - домаќини, кај кои требаше да ноќеваат и да им бидат водичи низ градот овие два дена, зашто манифестацијата се одвиваше на повеќе локалитети.
Откако беа положени венци на спомениците на Рацин, се премина во Ликовниот салон, каде започна трибината „Лектирата и нејзината кореспонденција со современото дете“.


Воведниот збор го имаше Македонка Јанчевска, поетеса од Велес, чие име е тесно поврзано со организацијата на Детските Рацинови средби.

Потоа до израз дојде повредената суета на некои писатели, што повеќе не се во лектирите, но и интересни  предлози за во иднина да се „копира“ словенечкиот модел, според кој, за квалитетот на делата ќе судат нивната читаност и интерес од страна на децата , како крајни конзументи.



Следуваше Портрет на Васил Куновски, а за него говореше Горјан Петревски.

Во 16.00 започна промоцијата на книгата „Антологија на Македонската литература за деца“, во превод на Душан Ѓуришиќ, а потоа ја посетивме спомен -куќата на Рацин.


Вечерта, во салата Бели Мугри, во 19.00 започна богата пригодна програма, на која учествуваа ученици од сите Општински основни училишта во Велес.
Следниот ден, пред учениците од литературната секција на ООУ„Блаже Конески“ и нивните гости, учесници на литературните средби, свое претставување имаше Стојан Тарапуза. Домаќините заслужуваат честитки за добрата организација и пред се’ за топлото гостопримство, што е една од причините поради која догодина пак би дошол како ментор...
За мене ова беше драгоцено искуство и убава можност за стекнување на нови познанства и размена на искуства, кои во иднина многу ќе ми користат.

сабота, 12 ноември 2011

Тридневна екскурзија низ Македонија

Конечно, осамна денот Д... (09.11.2011.г), ден по Митровден, кога требаше да се тргне на долгоочекуваната и долгопланираната тродневна екскурзија низ Р. Македонија. Тендерот го беше добила ТА Атлантис, чија понуда беше нешто поповолна (поевтина) од онаа на ТА Сафари.
Откако се уверивме дека сите се присутни и седнати на своите места, тргнавме кон нашата прва дестинација - манастирот Св. Гаврил Лесновски.
Метеоролозите најавија пријатно време во наредните два дена, а на третиот облачност и дожд во попладневните часови. И не погрешија. Имавме среќа... во ноември да не грее септемвриско сонце, а природата, пејзажот, како создаден за уживање...вистински празник за очите.

Варовничките карпи покрај патот не’ потсетуваат дека сме некаде близу манастирот... наидуваме и на пештерни ќелии, во кои некогаш веројатно престојувале монаси „пустиници“.
Пред нас е манастирот и шествековната црница пред него... истата онаа, под која седел агата од „приказната“, што ни ја раскажа монахот.
 „Седнал агата под сенката на старата црница, за да го напише ферманот, со кој требало да се даде заповед за рушење на манастирот и негово претварање во џамија. Но, неговите мисли ги „прочитал“ Свети Гаврил и в часот агата ослепел... не само што го изгубил видот, туку и десната нога и десната рака, во која го држел перото со кое требало да биде потпишан ферманот - му се одзеле. По некое време стигнал некој од неговите слуги за да го извести за уште поголема несреќа... изгорело во страшен пожар се  што имал агата - и плевната и амбарот и куќата. Тогаш агата се покајал. Сфатил каков грев ќе сторил и почнал да му се моли на господа за прошка. Заповедал да се заштити манастирот, па и ден денес, во подножјето на крстот има полумесечинка, симбол на муслиманите, со која се давало до знаење дека овој манастир е под заштита на државата.“
По неколку заеднички фотографирања, кои ќе сведочат за посетата на овој манастир, повторно сме во автобусот и продолжуваме кон Скопје,нашата следна станица. Глетката е прекрасна - раскош од бои, кои само мајката природа умее вака да ги распореди.
Патем, наидуваме на „спомениците на културата“ од времето на СДСМ или „столбовите на срамот“, кои немо сведочат за човечката глупост.
Поминувавме низ чуден предел... глетка која заличуваше на некое друго место и друго време.
Следени од сонцето, стигнуваме во Скопје... имаме малку време за разгледување на градот, зашто во 14. часот сме најавени за ручек.
Во Музејот на македонската борба за државност или популарно наречен - Музеј на ВМРО, не можевме, зашто не бевме најавени. Обиколката траела 50 минути, а групите не требало да бидат повеќе од 30 лица... а ние бевме 49 ученика и три наставника. Се упатуваме кон плоштадот, а речиси на секој чекор подзастануваме да фотографираме личности од нашата историја, кои со своите дела си обезбедиле  место покрај Вардар или на самиот плоштад.


Овде е и нашиот патрон - Даме Груев, а десно од него е Делчев. На некои им пречеше дека бил на коњ...„учителот“ одел пеш, а не на коњ. 
 Се договараме за заедничка фотографија под скулптурата на Даме...
На плоштадот доминира „коњаникот“, за кој сите знаеме кој е.
Точно на време стигнуваме на договореното место и се упатуваме кон ресторанот Македонска куќа.

По ручекот, следуваше посета на зоолошката градина. Таму се’ уште се работи на создавање на подобри услови за животните и нивната безбедност од неразумните посетители.
Кога го напуштавме Скопје, денот почна да и’ отстапува место на ноќта и набргу се стемни. До Маврово патувавме по темница. Нашите домаќини во хотелот Макпетрол, не само што не страдаа од претерана љубезност, туку изгледаа како целата планина да им тежи. Кога се раздени, видовме дека хотелот се наоѓа во прекрасна околина.
„Благословен е оној кој доаѓа во името Господово“, е цитат од Новиот Завет... овие зборови на Свети Јован Крстител може да ги прочита секој што ќе го посети манастирскиот комплекс посветен на овој светец,  кај народот познат како Свети Јован Бигорски.
Значајно за овој манастир е што иконостасот е ремек-дело на копаничарската тајфа на Петар Гарката. Од нивната мајсторска рака се изработени иконостасите на уште три наши значајни цркви: Свети Гаврил Лесновски, Свети Спас во Скопје и Свети Никола во Крушево, чиј иконостас настрадал во опожарување 1903. година.
За ручек бевме во ресторанот „Кутмичевица“ во Вевчани, каде што бевме топло пречекани и уште поубаво нагостени, а очите ни се одмараа во прекрасната глетка што се простираше пред нашите очи. За вечера бевме во хотелот Престол, откако направивме мала прошетка низ охридската чаршија. Третиот ден осамна без сонце, кое веројатно се беше сокрило зад оловносивите облаци.
На ред беше разгледувањето на Охрид, овој древен град, каде секој камен има своја приказна.
Најпрво бевме во Куќата на Робевци, стара, моќна охридска фамилија, која се занимавала со трговија со кожи, а во која слугувала мајка му на големиот Прличев.
Откако ѕирнавме низ собите на Робевци, на ред беше катедралната црква Света Софија.
Потоа се упатуваме по дрвениот „мост“, кој води кон Канео.


Веќе сме на Плаошник, првиот словенски универзитет, основан од Свети Климент Охридски.

Потоа се упативме кон Богородица Перивлептос, позната како свети Климентова Црква.
Тука се восхитувавме на фрескоживописот, дело на браќата Ефтихие и Михаило, водени од зборовите на најдобриот кустос во Македонија. Бев речиси дете (1975 или ’76.), кога покојниот академик Димче Коцо одржа предавање за проторенесансата во Македонија. Го голтав речиси секој збор и секој слајд и долго ги паметев неговите зборови дека „ десетина години пред италијанските ренесансни мајстори (Ѓото и Фра Филипо Липи),  да почнат да сликаат тродимензионално, овде, на Балканот, во Македонија, се напушта византиското сликање на светците со аскетски изглед и се слика тродимензионално,при што се користат и апокрифни текстови. Долго време нашите научници не знаеле, зашто било неможно и да се види, бидејќи фреските биле речиси црни од чадот на свеќите... дури откако го „исчистиле “ чадот виделе какво богатство спиело со векови на малтерот од црквата, која и на Турците не им се видела атрактивна, па затоа и не ја претвориле во џамија.
По испиеното кафе се упативме кон автобусот и по влажните улици на „Словенскиот Ерусалим“, се упативме кон градот на конзулите и клавирите, градот на културата, на кабадахиите и чаламџиите, на бадијалџиите кои по цел ден седат на Широк Сокак, пијат кафе или чај и гледаат во убавите жени или девојки, кои поминуваат пред нивните очи или седат на соседните маси и муабетат со кафето и никогаш не излегуваат од дома недотерани и ненашминкани.


 

Битола беше нашата последна дестинација... потоа се упативме кон дома и направивме само една мала пауза. Заврши едно прекрасно дружење, кое и ние и децата долго ќе го паметиме... нека ни простат ако некаде згрешивме.