понеделник, 31 декември 2007

2 0 0 7

Годинава што полека изминува и за неколку часа ќе и го отстапи местото на долгоочекуваната 2008, помина во знакот на Тоше и
Пандев . За Тоше се е кажано, неповторлив глас, прекрасни песни, уште подобри изведби,досега невидена позитивна енергија и каризма од голем калибар. Со својата музика и љубовта кон сите ги обедини раскараните балкански племиња. Неговата прерана смрт само ќе ја зголеми неговата популарност, а секако беше настан на годината. Малку ми смета лицемерноста на некои што додека беше жив Тоше ,слушаа се што доаѓа северно од Куманово , па дури и ѓубрето од кое и самите Срби се срамат, а откако загина дознаа дека токму тој бил најдобар. 2007 ќе ја паметиме и по успешното деби на Горан Пандев во лигата на шампионите и по двата гола што му ги даде на најдобриот голман од последното светско првенство - Џанлуиџи ( Џиџи ) Буфон на еден натпревар. Ќе го паметат Пандев и фановите на Реал, им даде три гола. Неговата цена расте а очекувам 2008 да блесне со уште поголема светлина. Господ нека го чува ,а тој ќе ни приредува уште многу пријатни моменти поради кои ќе имаме причина да се гордееме што сме Македонци. На сите што ќе го посетат мојот блог им посакувам многу здравје и среќа во новата 2008 година и Господ нека Ве благослови, останатото со работа и упорност се постигнува.

понеделник, 17 декември 2007

АНТОН ПАВЛОВИЧ ЧЕХОВ (биографија)


Роден е во градот Таганрог на 17 (29) јануари 1860 год. , а умрел 2 (15) јули 1904 год. Во Баденвејлер ( Јужна Германија ). Погребан е во Москва .
Татко му – Павел Егорович Чехов (1825-1898 ), а мајка му била Евгенија Јаковлевна (родена ) Морозова ( 1835 – 1919 ) .
Браќа и сестри : Александар – писател , лингвист ( 1855 – 1913 ); Николај – сликар ( 1858 – 1889 ) ; Михаил – писател , правник ( 1868 – 1936 ) ; Иван – учител ( познат московски педагог ) ( 1861 – 1922 ) ; Марија – сликарка , пејзажистка (1863 – 1957 ) . Сите деца на Чехови биле исклучително надарени , високообразовани луѓе.
Татко му – Павел Егорович бил интересна личност. Со трговија се занимавал без особен интерес, поголем дел од своето внимание го посветувал на црковните служби, пеењето и на општествените работи. Семејството било традиционално – патриархално : децата ги воспитувал во строгост, често применувајќи и телесни казни, безделничењето никому не му било дозволено. Покрај учењето во гимназијата, синовите на Павел Егорович понекогаш му помагале на татка си во работата, а навечер пееле во хорот. Таткото прекрасно свирел на скрипка и пеел, Маша го придружувала на фортепијано, а заедно образувале целосна музичка семејна претстава.
Мајката – Евгенија Јаковлевна, прекрасна домаќинка, целосно му го посветила животот на децата и на сопругот. Но, при тоа страсно го сакала театарот. Во раната младост таа го посетувала таганрогскиот приватен пансион на благородни девици, кадешто ги изучувала танците и убавите манири. Евгенија Јаковлевна извршила огромно влијание врз формирањето на карактерот на своите деца, воспитувајќи ги на одговорност, почитување, сочувство и милосрдие кон послабите и угнетените , љубов кон природата и светот. Антон Павлович постојано нагласувал : „ Талентот го наследивме од татко ми, а душата од мајка ми “ .
Во 1876 год. следува преселба на семејството на Чехови во Москва. Трговијата во Таганрог станала убиствено лоша, Павел Егорович пропаднал и бил принуден да бега од кредиторите.
Во Москва семејството на Чехови долго, речиси три години живее во тешка сиромаштија. Но и покрај тоа, сите деца го продолжиле образованието, а Антон заработувајќи за живот со репетиторство, останува до завршувањето на гимназијата во Таганрог. Во Москва пристига дури во 1879 година за да се запише на медицинскиот факултет на Московскиот универзитет, каде што ги слуша предавањата на знаменитите професори Н. Склифовски, Г. Захарин и др.
Во 1880 год. во број 10 од списанието „ Стрекоза “ се појавуваат неговите први печатени текстови. Во тоа време започнува литературната дејност на Антон Павлович Чехов. Тој соработува со списанијата „ Гледач “, „ Будилник “ и други. Најчесто објавува кратки раскази , хуморески, сценки, потпишувајќи



ги со псевдонимот – Антоша Чехонте. Во 1884 година од печат излегува првата книга со раскази од Чехов „ Сказните на Мелпомена “.
По завршувањето на универзитетот, Чехов започнува да работи како општ лекар во Воскресенска ( сега градот Истра ), во болницата на познатиот лекар П. А. Архангелск. Се појавуваат расказите „ Беглец “ и „ Хирургија “. Потоа Чехов работи во Звениград. Се појавуваат теми за расказите „Мртво тело“ и „Сирена“.
Со доаѓањето на пролетта 1885 година, семејството на Чехови пристига на селскиот имот Бабкино, недалеку од Воскресенска ( Чеховска Истра ), кај своите добри пријатели и подолго остануваат таму. Тоа на најдобар начин се одразило на творештвото на Антон Павлович. Прекрасна природа, разговори за музика, уметност, литература, дружење со сликарот Левитан. Чехов многу и плодотворно работи.
По враќањето во Москва, во 1886 година, Чехов добива охрабрувачко писмо од писателот Д. В. Григорович, патува во Петербург, за да му изрази почит и признание. Во Петербург тој неочекувано добива понуда за работа од познатиот издавач А. С. Суворин во весникот „ Ново време “. Од тој период потекнуваат збирките „Одбрани раскази“ ( 1886 ) и „ Невини зборови “ ( 1887 ). Во почетокот на регуларната соработка со весникот Чехов се откажува од псевдонимот и почнува да се потпишува со полното име и презиме.
Во 1887 год. на сцена се поставува првата пиеса на Чехов „ Иванов “. Најпрво таа била поставена во Москва, во театарот на Корш , многу популарен кај московската публика.
Ф. А. Корш – страстен љубител на театарот, автор и преведувач на пиеси, добар претприемач, изградил во 1882 година театар за многу кратко време. За десетгодишната дејност на реатарот, во којшто настапувале познатите В.Н. Давидов, Глама – Мештерскаја, Рипчинскаја, Мартинова, Кошева, Красовскаја, спектаклите ги виделе повеќе од 1 500 000 гледачи, а на репертоарот биле поставени повеќе од 500 пиеси. Главната заслуга на Корш се состоела во тоа што тој вовел утрински бесплатни претстави од класичниот репертоар, коишто масовно ги посетувала младината.
На 19 ноември се одржала премиерата на пиесата од Чехов „ Иванов “. Реакциите на публиката биле различни: некои громогласно аплаудирале, некои свиркале, некои скокале од своите места и тропале со нозете, а на галеријата едноставно започнала тепачка. Но во целост претставата имала успех, дури била и забележена. Чехов го забележале, драматургијата и идејата на пиесата се покажале како нови и интересни. Започнала официјалната драматуршка дејност на писателот.
Во Петербург „Иванов“ одел со неколку исправки.
Во 1888 година семејството на Чехови се преселува во Лука, во близина на Сум, Харковска губернија, во вилата на земјопоседниците Линтвареви, за да ја поминат таму пролетта и летото. Чехов имал потреба од нови места и нови сижеа за своите дела, а кашлицата се почесто почнала да го мачи писателот.



Антон Павлович во вилата ги прима своите другари, писателите: Плешчеев, Баранцевич, книгоиздавачот Суворин. Меѓу Суворин и Чехов ќе започне дружење , кое ќе трае многу години. Чехови во Лука поминуваат уште едно лето, 1889 година, но тоа е помрачено од смртта на братот на писателот – Николај. Тој настан силно ќе го потресе Чехова, па тој наскоро по погребот , ќе отпатува од Лука, почнува да се подготвува за патување во странство, но ќе се задржи во Одеса. Овде Чехов се запознава со младата артистка Панова, заради којашто во наредниот период, веќе во Москва, него безуспешно се обидуваат да го сфатат. По Одеса Чехов патува во Јалта, со него завладува депресија. Во Јалта започнува пријателството со сестрите Шаврови. Со една од нив, Елена Михајловна, писателка, во наредниот период ќе се допишува, ветувајќи и помош околу издавањето на нејзините дела и давајќи и професионални совети. Враќајќи се во Москва, Чехов активно ќе се зафати со литературна работа. Од перото на Антон Павлович излегуваат „ Досадна приказна “ и пиесата „Леши“.
Пиесата „Леши“ била лошо изведена, па самиот Чехов ја симнал од репертоарот и по неколку години, откако ја преработил, и дал нов наслов „Вујко Вања“.
Во домот на Садово – Кудринска се напишани исто така : повеста „Степа“, водвилјите „Мечка“ и „Лебедева песна“, и повеќе од сто раскази.
При тоа во домот постојано имало гости. Додека на вториот кат вриело од млади, звучело фортепијаното, течеле разговори, за тоа време на првиот кат, Чехов седел покрај масата и пишувал. Во тој дом Чехов се запознал со Л.С. Мизинова, „прекрасната Лика“, како што подоцна ја нарекол. Многу убава, весела, умна, Лика станала миленичка во семејството на Чехови. Во домот на Чехови доаѓале Петар Илич Чајковски, Григорович, познатите во тоа време артисти А.П. Ленски и В.Н. Давидов, издавачот Лејкин, писателот Н.С. Лесков. Четвртата збирка раскази „Тмурни луѓе“ Чехов му ја посветил на Чајковски. Во 1888 година со решение на Академијата на науките, писателот добива половина од Пушкиновата награда за својата трета збирка раскази „Во самракот“. Не осврнувајќи се на се поголемата популарност и огромните литературни успеси, Чехов незадоволен од себе, се стреми не кон слава, туку кон креативност.
Во 1890 година Чехов се упатува кон Сибир, за потоа да го посети островот Сахалин – место каде издржувале казна осуденици на тешка робија. Патувањата по сибирските реки и патишта писателот во сета полнота ги опишал во есеите „По Сибир“.
Патувачката работа завршила со пристигањето на Чехов на Сахалин. Тој направил попис на населението на островот, направил околу десет илјади статистички податоци. Било собрано огромно количество документарен материјал за работата, за животот на сахалинските робијаши и локалните жители, за затворските началници и чиновничкиот апарат. Чехов го посетил затворот, потполно ја проучил техничката и санитарната состојба, се среќавал




и разговарал со многу луѓе. По враќањето од Сахалин, Чехов ги систематизирал своите записи и ја напишал книгата „Островот Сахалин“. Тоа дело предизвикало огромно бранување во Русија. На Сахалин му посветиле внимание официјалните лица. Министерството за правда и Главната затворска управа испратиле на Сахалин свои претставници. Сахалинскиот лекар Н.С.Лобас рекол: „Со лесната рака на Чехов Сахалин почнаа да го посетуваат како руски, така и странски иследници.“
Маршрутата на Сахалинското патешествие била следната: од Јарослав по Волга до Казан, потоа по Кама до Перма, оттаму по железничка линија до Тјумен, а потоа низ целиот Сибир на тарантас (вид руска запрежна кола) и по реките. На Сахалин Чехов поминал повеќе од три месеца, потоа низ Индискиот Океан, Суетски Канал, Средоземно и Црно Море. Ги посетил Јапонија, Хонгконг, Сингапур, Цејлон, Константинопол, пристигајќи во пристаништето на Одеса, тој со воз се враќа во Москва.
По некое време се појавуваат есеистичките записи „Од Сибир“ и „Островот Сахалин“, а исто така и такви дела како што се „Гусев“, „Во прогонство“, „Расказ за непознатиот човек“, „Убиство“.
Животот во Москва после таквото патување на Чехов му изгледа досаден, па тој се упатува во Петербург, за да се сретне со Суворин. Тие решаваат заедно да патуваат во Западна Европа и ги посетуваат Виена, Болоња, Венеција, од којашто Чехов е восхитен, а исто така и од Фиренца, Рим, Неапол, кадешто писателот се искачил на Везув. Од Ница Антон Павлович се упатил кон Монте Карло, каде на рулет губи 900 франци, потоа во Париз.
По враќањето Чехов оди во Алексин, каде што помладиот брат Михаил изнајмил вила на брегот на Ока. Но Чехови наскоро го менуваат местото, пристигајќи на селскиот имот Богимово, кој му припаѓал на локалниот земјопоседник Е.Д. Колосовски. Куќата на селскиот имот била велелепна, со огромни соби, прекрасна градина, со алеја од липи, со вештачки езера и рибници. Писателот бил восхитен. Секое утро тој станувал во четири часот, пиел кафе и седнувал да работи, не покрај маса за пишување, туку на прозорската даска. Тука ја напишал „Дуел“, ги систематизирал сахалинските забелешки. Чехов работел до единаесет часот, потоа одел во шумата по печурки или на риболов. Во еден часот семејството ручало, а во три Чехов повторно се зафаќал со работа до самата вечера. По вечерата често им доаѓал на гости еден од локалните сопственици на вила – зоологот Вагнер, подоцна станал познат професор. Со него започнувале дебата на тема дегенерација, за правото на посилниот и т. н. впрочем Вагнер се јавува како прототип на фон Корен во „Дуел“.
Во 1891/92 година дел од средна Русија и Поволожјето после сушата преживуваат силен глад. Чехов организира донации во прилог на гладните од Нижеградската и Воронешката губернија, а самиот двапати оди таму. Чехов е разочаран бидејќи за состојбата во селата нема објективни статии во весниците,



дека дописниците ги знаат селата „само по Хлеб Успенски“. Во тоа време Чехов го пишува расказот „Жена“.
Во 1892 година Чехови купуваат имот во Мелихово. Дамнешната мечта да живее во село, да биде земјопоседник му се остварила. Имотот (фармата) се наоѓал во селото Мелихово во Московската губернија, бил во запуштена состојба. Во месец март семејството , кое се состоело од таткото, мајката, сестрата Марија и самиот Антон Павлович пристигнало во Мелихово. Во прво време со нив живее и помладиот брат Михаил. Започнале работите околу реконструкцијата на куќата и околината. Чехов со огромен ентузијазам се зафатил со работа. Во домот на Чехови секој имал своја домаќинска улога: Павел Егорович, благообразен старец, некогаш строг и во некој степен деспотски воспитувач, сега во потполност му го признавал приматот на Антона. Во неговите задачи влегувала грижата за градината. Мајката, Евгенија Јаковлевна, го водела домаќинството, станувала порано а легнувала последна. Сестра му Марија се грижела за цветната градина, при тоа таа редовно патувала во Москва, бидејќи била учителка во гимназија. Михаил водел грижа за полското стопанство, тој дури се преместил на служба во Серпухов, за да биде поблизу до Мелихово. Павел Егорович започнува да води свој дневник- лаконски летопис за животот во Мелихово, одразувајќи ја состојбата на природата, домаќинството, посетите на многубројните гости, доаѓањето и заминувањето на роднините.
Мелиховскиот период не е само вдахновена литературна работа на Чехов и активна медицинска практика, туку е и колосална општествена дејност на писателот. За време на епидемијата на колера Чехов работи како земски лекар и опслужува 25 села. Отвара со свои средства медицински пункт во Мелихово, прима огромен број болни и ги снабдува со лекови. Во Мелихово и во неговата околина Чехов гради три училишта за селските деца, камбанарија и амбар за селаните. Учествува во поставувањето на автопатот на Лопасна, лобира за да почнат да застануваат брзите возови на лопасненската железничката станица и таму да се отвори пошта и телеграф. Освен тоа организира засадување на илјада вишнови стебла, пошумување на голините со ариш, брест, јавор,бор и даб.
Во Мелихово, на Чехов му доаѓа идеја да создаде народна библиотека во родното место Таганрог. Писателот за таа цел жртвува повеќе од две илјади томови сопствени книги, меѓу кои голем број уникатни изданија со автографи и музејска вредност, а исто така во библиотеката отворил и галерија со портрети на дејци од науката и уметноста. Во наредниот период Чехов постојано испраќа книги во библиотеката и тоа во големи количини.
И покрај тоа што патот бил тежок, (понекогаш од станицата морало да се пешачи по 12 врсти), кај Чехови постојано доаѓале гости. Често доаѓал сликарот Левитан, којшто црпел инспирации од скромните мелиховски пејзажи. На гости доаѓале многу писатели, артисти, музичари, луѓе од науката, постарите браќа со семејствата, роднини од Таганрог. Доаѓале актерките: О.Л. Книппер,



Т.Л. Шчепкина - Куперник, Д.М. Мусина – Пушкина. Често навраќале другарките на Марија Павловна, сликарките Хотјаинцева и Дроздова и секако Лика Мизинова.
Чехов не води живот на селски заточеник. Тој често патува за Москва и Петербург, каде што се среќава со писатели, сликари, артисти, посетува театри, концерти, оди во редакциите на списнијата и весниците, учествува на литературни читања, јубилеи, официјални ручеци и т.н. Појавата на Чехов предизвикува голем интерес во творечките кругови. Во 1895 година Чехов ја посетува Јасна Полјана , за да се запознае со Л.Н. Толстој, кој што одамна го очекувал тоа. Подоцна Чехов и Толстој често се среќавале на Крим.
Во Мелихово, не осврнувајќи се на постојаниот круг гости, кои искрено речено, не секогаш биле посакувани и тактични, Чехов постојано пишува. Во 1894 година тој изградил мала селска куќа, за која самиот напишал во едно од своите писма: „Куќата (крилото), излезе мала, но корисна“. Првобитно пријатниот дом, опкружен со ситни грмушки, предвиден за гости, наскоро станал работен кабинет на писателот. Кога Чехов бил дома, над новоизграденото крило се веело знаме. Овде ја напишал „Чајка“. Во 1896 година, на сцената на петербургскиот Александриски театар се одржала премиерата на пиесата, но спектаклот немал успех. Чехов многу тешко го преживеал неуспехот на претставата. Во 1898 година „Чајка“ била поставена на сцената на московскиот Уметнички театар и одела со непрекинат успех.
Во мелиховскиот период (1892 – 1898) се создадени: „Павилјон бр.6“, „Човек во лушпа“, „Бабјо царство“, „Случај од праксата“, „Јонич“, „Гускино грозје“, напишан е големиот „селски циклус“ со текстови како што се „Селани“, „На лицитација“, „Нова дача(вила)“, „По службена должност“, повеста „Три години“, пиесите „Чајка“ и „Вујко Вања“. Имено во тие години од страна на Чехов се напишани повеќе од 1500 писма до различни адресати.
Во 1897година кај Чехов нагло се засилил туберколозниот процес, па тој е принуден да се лечи во болница. Здравјето, и без тоа слабо, му е нарушено од патувањето на Сахалин, а толку многу му се влошило, што докторите настојувале да го испратат на југ. Есента и зимата 1897/98 година писателот живее во Ница, потоа во Париз, каде се запознава со познатиот скулптор М.М. Антокољски. Чехов го убедува Антокољски да направи споменик за Таганрог, на основачот на градот – Петар Први. Преговорите течат добро, Чехов организира бронзениот одлив на статуата од пристаништето во Марсеј да стигне во Таганрог.
Во мај 1898 година Чехов се враќа во татковината и оди во Мелихово. Овде тој живее до септември, додека не почнала есенската влажност, а потоа оди на Јалта. Таму тој се стекнува со земјишен простор два километри од кејот во селото Аутка. Во октомври Чехов дознава за смртта на татка си. На сестра си и пишува; „Жалната вест, совршено неочекувана, ме растажи и длабоко ме потресе. Жал ми е за татко, жал ми е за сите вас... Ми се чини, дека после смртта на татко ни Мелихово веќе нема да биде живеалиште, токму со неговиот



дневник прекина и течењето на мелиховскиот живот.“ Во Јалта Чехов започнува да гради куќа. Пари за градба се појавиле од продажбата на делата на познатиот издавач на книги – Маркс. Набрзо според проектот на архитектот Шаповалов била изградена прекрасна вила (Чеховска градина). Чехов со мерак се зафатил да го облагородува местото, засадил дрвја. Зимата 1899 година на Крим била екстремно сурова, со снег и морски бури. Писателот жалел за Москва, каде во тоа време со успех се прикаживале неговите драми и вриел творечкиот живот. Пролетта тој оди во Москва, а потоа во Мелихово. Но, на крајот на август повторно се враќа на Крим. Имотот во Мелихово е продаден, па Чехов со мајка си и сестра си се пребираат да живеат во Јалта. Овде тој започнува активна општествена дејност: како локален жител го избираат за член на туторскиот совет на женската гимназија, подарува 500 рубљи за изградба на училиште во Мухолатка, лобира за изградбата на првата биолошка станица. Во Јалта, иако и самиот е тешко болен од туберколоза, работи во Туторството за пристигнатите болни. Во тоа време на Јалта пристигаат многу болни, речиси без пари, само затоа што наслушнале за Антон Павлович Чехов, кој што помага да се гради и значи може да лобира за жителство на луѓето од еврејска националност.
Кон крајот на 1890 и почетокот на 1891 година Чехов станува признат уметник, неговите дела предизвикуваат чести литературни полемики и како по правило општественополитички бранувања. Чехов ги поставува пред себеси и читателите прашањата на совеста и одговорноста за својот живот. Тој пишува: „Писателот не е пекар, не е козметичар, не е развеселувач; тој човек е ограничен пред сознанието на својот долг на честа и совеста“. Тоа е – животното и писателското кредо на Чехов. Во 1900 година Чехов го избираат за пристапен член на Петербургската Академија на Науките. Но, во 1902 Чехов ги напушта нејзините редови во знак на протест и несогласување со решението на Академијата за исклучување на Горки од политички причини и неподобност. По тој повод кај Чехов на Јалта пристига В.Г. Короленко, со кого го врзуваат стари другарски односи.
Пролетта 1900 година во Крим пристига на турнеја Московскиот Уметнички Театар. Чехов се упатува во Севастопол, каде специјално за него ја прикажуваат „Вујко Вања“. Подоцна театарот пристига во Јалта и во домот на Аутка почнуваат да се собираат интересни луѓе: Бунин, Горки; секој ден кај Чехови – сета театарска трупа. Наскоро театарот се враќа во Москва. Но веќе во јули Олга Леонардовна Книппер, водечка актерка на МУТ, најдобрата толкувачка на улогите во чеховите драми, со која Чехов се запознал на пробите во 1898 година и во наредниот период активно се допишувале, повторно патува за Јалта на гости кај писателот. Тие заедно го поминуваат целиот јули и за тоа време се определува нивниот понатамошен заеднички живот.
Зимата 1900-1901 година Чехов се наоѓа во Ница на лечење, потоа оди за Италија, а во февруари се враќа во Јалта. На 25 мај 1901 година А.П. Чехов и О.Л. Книппер се венчале. Веднаш после свадбата Олга Леонардовна го води



мажот во Уфимската губернија. Чехов веќе е многу слаб, но не осврнувајќи се на мачната болест, тој продолжува да пишува, да се среќава со луѓето, да им помага на сите, доколку било возможно. „ Јас ја презирам мрзливоста, како што ги презирам слабоста и немоќта на духовните движења“, - рекол тој за самиот себе. Напишана и поставена драмата „Три сестри“(1901год.) Чехов главно живее во Јалта, есента и ветровитата сурова зима, коишто ги минува во лошо затоплениот дом, не му го враќаат здравјето на Антон Павлович. Во ноември 1901г. тој и пишува на жена си: „Кај мене во кабинетот обично температурата е +12, многу ретко бидува +13. Каминот не го палам, затоа што од каминот ме болат очите. А на 12 степени е тешко да се работи“. Сопружниците не се видувале по неколку месеци, бидејќи Олга Леонардовна била зафатена во театарот, а Чехов бил принуден да биде во Јалта по препорака на лекарите. Раздвоеноста била мачна за обајцата. Чехов и пишувал на жена си: „Ако ние во овој момент не сме заедно, за тоа не сум виновен јас, а не си ни ти, туку судбината, што во мене внесе бацил, а во тебе љубов кон уметноста“. Воопшто, преписката меѓу Чехов и Книппер е едно потресно сведоштво за нивните односи: во нив има само нежност, љубов, почитување, грижа еден за друг, а понекогаш лошо сокриена болка од невозможноста да се биде заедно. Во нивните писма е одразена историјата на развитокот на Московскиот Уметнички Театар, каде што Чехов е главен автор, а Книппер толкувачка на главните улоги; интересна размена на мислења за литературата, за писателите, за актерите, воопшто за уметничкиот живот од тоа време. Херои во писмата се – Горки, Бунин, Толстој, Станиславски, Немирович – Данченко, Шалјапин, Комиссаржевскаја, Мејерхолд и други познати личности. Понекогаш Чехов се најдувал во Москва.
Во 1904 година се поставува уште една драма на Чехов – „Вишновата градина“. Книппер ја игра Раневска. Како и улогата на Маша во „Три сестри“, улогата на Раневска се јавува како врв во творечкиот опус на актерката. „Вишновата градина“ е последно дело на големиот писател и драматург. Процесот на болеста (туберколозата) се засилува толку многу што во мај 1904 Чехов ја напушта Јалта и заедно со жена си оди во Баденвејлер, позната бања на југот на Германија. Но за оздравување не можело да стане ни збор, овде Чехов само привремено ги залечил своите страдања.
На 15 јули, во два часот по полноќ, Чехов се почувствувал посебно лошо. На докторот што дошол на повик, тој му рекол: „Јас умирам“. Потоа побарал да му донесат шампањско, не брзајќи го испил бокалот, легнал на левата страна и набргу умрел. превод од руски Л.Партиков

четврток, 18 октомври 2007

ТОШЕ, ПОЧИВАЈ ВО МИР...


ТОШЕ, ПОЧИВАЈ ВО МИР...

На 16. октомври во тешка сообраќајна несреќа загина човекот со ангелско лице, ангелски глас и исусовска добрина и љубов кон сите луѓе. Господ кај себе го прибра најдоброто од Македонија. До појавата на Тоше, мислев дека овој народ, што на светот му ги остави „ЗАЈДИ, ЗАЈДИ“, „ ЈОВАНО, ЈОВАНКЕ“, „ПАРАХОДОТ“, „НЕЛИ ТИ РЕКОВ..“ и многу други староградски бисери на кои ни се восхитуваа сите „соседи“ , нема добри композитори. Не дека немавме добри песни, не дека немавме добри пејачи... Вистински добрите песни беа вистинска реткост. Се што отпеа Тоше , стана хит. Тој нема -не лоша, нема просечна песна. Неговата мисија на земјата заврши, навистина штета... живееше кратко, но за своите 26 години постигна повеќе отколку некој што би имал и два живота по 100 години. Нека му е вечна слава. Отсега со својот ангелски глас ќе ги разгалува срцата на боговите...

четврток, 04 октомври 2007

GRANDE PANDEV

Синоќа започна големиот поход на Пандев кон Европа. Малиот Горан Пандев на големиот кралски клуб од Мадрид му даде два гола. На големите клубови ретко им се случува на еден натпревар да примат два гола од ист играч. Синоќа Пандев направи да се чувствувам гордо , со него се гордееме сите струмичани, сите Македонци. Но, тоа е само почеток, времето на Пандев допрва доаѓа. Господ нека го чува, а головите ќе ги дава тој.

вторник, 11 септември 2007

AПЕЛ

А П Е Л

Ние , соседите на неправедно приведениот Васил Бојаџиев, сме згрозени од она што го читаме , слушаме и гледаме во нашите печатени и електронски медиуми, во врска со неговата личност.

Нашиот сосед се товари за тешки дела против општата сигурност, врз основа на сведочењето на единаесетгодишен штитеник на Заводот , кој, како што се вели во соопштението, често ги менувал исказите. А ако некој ги менува исказите , тогаш нешто смрди. Васил Бојаџиев е претставен како агресивна личност, монструм кој им се заканувал на штитениците од Заводот дека еден ден ќе ги запали. Таков човек не живее на „ Иљо Шопов“. Човекот што ние го познаваме е мирен човек со топло срце и убав збор за секого. Тој е грижлив татко, добар сопруг и сосед каков што секој би посакал. Во неговото големо срце има доволно љубов и место за сите. Штитениците од Заводот ги сакаше како свои деца, тие тоа најдобро го знаат бидејќи честопати беа негови гости.

Апелираме до истражните органи професионално да си ја завршат работата и да не бараат вина таму каде што ја нема.

Во целата постапка нешто смрди! Никој не го објави името на дежурниот во критичната ноќ. Што правел додека му горело во близина, дали спиел или гледал телевизија?! Во колку часот малиот ја запалил свеќата? За колку време догорува една свеќа ?

Нека се направи реконструкција на настанот, можеби свеќата не е причинителот на несреќата...

НЕВИН ЧОВЕК ДРЖИТЕ ВО ПРИТВОР !

КОЈ ЌЕ МУ ЈА НАДОМЕСТИ ШТЕТАТА НА ВАСЕ БОЈАЏИЕВ ЗА НАРУШЕНИОТ УГЛЕД, А МОЖЕБИ И ЗДРАВЈЕ, ЗА ДЕНОВИТЕ ПОМИНАТИ ВО ПРИТВОР?

ДАЛИ ЌЕ БИДЕ ДОВОЛНО САМО ИЗВИНУВАЊЕ?!

ШТО БЕШЕ ТОА ПРЕЗУМЦИЈА НА НЕВИНОСТ!?

сабота, 08 септември 2007

Коментар по повод притворањето на Б. В.

На почетокот да им изразам длабоко сочувство на родителите и блиските на трагично загинатите штитеници на Заводот во Банско. Нивната несреќа е ненадоместлива... Но морам да го изразам и својот револт од непрофесионалноста на новинарката Сузана Тасева. На госпоѓата Тасева , која трча по сензации , изгледа не и е познато дека постои презумција на невиност, па веќе во чудни околности осомничениот и притворен В. Б. речиси го прогласи за виновен .Нејзе не и е првпат осомничените да ги посочува со нивното полно име и презиме. Од вербална закана до злосторство можеби има само еден чекор, но и тој чекор треба да биде направен за да имаме злосторник. Се работи за тешко злосторство, ако е смислено направено... многу потешко од подметнување пожар во редовно училиште, бидејќи несреќата се случила ноќе, на спиење, а штитениците на Заводот се лица што не се во состојба сами да се спасуваат. Но, уште поголемо злосторство ќе се направи ако се осуди невин човек. Не сум правник но од општа култура знам дека за да се обвини некој треба да има деликт,мотив, средства со кои е извршен деликтот и сведок, кој не е секогаш неопходен. Некогаш доказите упатуваат на злосторникот и без да има сведоци. Во случајов имаме трагичен настан кој можеби е несреќен случај, можеби настанал од несакање или невнимание ,а да не заборавиме и на фактот дека понекогаш децата умеат и да лажат за да се спасат себеси.

Според законите на физиката еден предмет или во случајов лице, во исто време не може да биде на две места, а Б. В. критичната ноќ бил дома и има цврсто алиби. Кога разбрал за несреќата веднаш отишол да помага. Ако некој понекогаш пие, не значи и дека е злосторник. Се работи за тежок и сложен случај во кој судиите треба да се остават да размислуваат со ладна глава а не под притисок на новинарите. Со емоции не се донесуваат праведни пресуди. Факт е дека детето купило свеќи и дека свеќите ги запалило, но дали нема пиромани и меѓу децата? Размислете колку пожари се предизвикани од деца... од невнимание ,од незнаење,од небрежност.

Зарем сите нив некој ги наговарал?! На мојот братучед децата двапати му ја палеа куќата, за среќа се добро се заврши, но не ја фрлаа вината на друг...во прашање беше невнимание. Мој бивш ученик од Јеловјане предизвикал пожар,запалил плевна, веројатно од небрежност. И да не набројувам други случаи кога причинители на пожарот биле деца во игра и тоа дома.Повторувам - поголем грев ќе се направи ако се осуди невин човек. А како илустрација каков човек е господинот В. Б. ќе посочам дека честопати штитениците од домот ги носеше кај него дома. И покојниот Златко беше негов гостин. Тој ни мравка не би згазнал и не е човек што ќе наговори некого на такво грозоморно злосторство.

среда, 08 август 2007

СПОРТСКИ РИБОЛОВ

Што е потребно за да се стане спортски риболовец ?
За да се стане спортски риболовец, најпрво е потребна желба, како и за секоја друга работа.Потоа треба да се набави опрема ( трска, најлон конци, јадици, пливки, оловца, храна за примамување, ранец, чуварка, црпка, а мамците се одбираат во зависност од сезоната и рибата што имате намера да ја ловите), да се зачлените во некое риболовно друштво, да набавите дозвола и да заминете на некоја река или езеро. Ако материјалната положба не ви дозволува да ја набавите сета опрема одеднаш, најпрво се купуваат најнеопходните елементи од опремата потребни за риболов, а останатите со текот на времето.

Најголема грешка се прави при изборот на опремата. Најчесто почетниците знаат дека сакаат да станат рибари и знаат дека им треба трска, а каква? Знаат дека сакаат да ловат риба, но каква? Во водата ги има многу -крап, црвеноперка, белвица, костреж, легва, сом...
Нашата земја е богата со води (реки и езера ), а во нив има риби, но тие се разликуваат освен по формата и големината и по начинот на исхрана. Не е исто дали ќе ловите пастрмка или сом. Со иста опрема не можете да ловите сом и белвица, или не е сеедно дали ќе ловите на река или на мирна вода. Најчесто кај нас на почетниците им препорачуваат трска со машинка, најлон 16, со 14 за подврз и им советуваат дека со таквата опрема можат да ловат се. Црвеноперката на таква дебелина на конецот послабо ќе гризе, а таа конструкција е преслаба за добар крап. Лесно е кога би знаеле дека во водата нема поголеми парчиња од 3кг. Рибата не знае каква марка е вашата трска, ниту кој ја држи трската, таа се залетува по мамецот, па често се случува најдобрата риба да ја фати некој почетник. Но, за да не ви биде риболовот чиста среќа , ве советувам пред да отидете по трска, веќе да имате на ум каде ќе ловите и каков вид риба ќе ловите, на тој начин ќе заштедите. Оние што го сакаат ловот на пастрмка, нека не го читаат овој текст, не го знам ниту начинот на лов на сом. Бидејќи најраспространета риба кај нас е црвеноперката, јас ќе се задржам на неа. Пред да ги потрошите парите по првата трска размислете каков тип сте и кој вид риболов најмногу ви одговара. Ако сте немирен дух и не ви се седи на едно место , туку ги сакате долгите прошетки , ви препорачувам да станете „ мушичар “ и да ловите пастрмка и кленови што во нашите реки ги има во изобилство. Ако по природа сте стрплив и можете со часови да чекате без да фатите риба - можете да ловите крап или сом. Но ако сакате да сте активни постојано, ви советувам лов на црвеноперка. Црвеноперката е риба што живее во огромни јата и нејзината ловна сезона трае преку целата година, со исклучок на сезоната за мрестот, кога треба да биде забранета , но не е , и периодот по нејзиното мрестење кога наеднаш исчезнува околу еден месец. Бидејќи трската е најважниот елемент од опремата, за лов на црвеноперка препорачувам лесна трска ( карбон ) , бидејќи цел ден ќе ви е во раката, а алатот не треба да му тежи на мајсторот. Должината на трската препорачувам да не е помала од 5м. а може и 6. Наместо да купувате повеќе трски со различни должини и опремени со машинки, купете само една- ама добра, затоа нека биде карбонска и долга како што реков погоре. Во зависност од сезоната и потребите, со вадење на членови, долгата трска се прави и пократка, но кратката не се продолжува.
Црвеноперката е риба што живее во јата и можете да ја ловите од брегот . Растојанието од брегот го менува зависно од сезоната, температурата на водата и притисокот. Најчесто добри резултати се постигаат на длабочина од 3,5 до 4м. (во вештачките езера, Дојран е поплиток). Ако ловите во Дојран , ќе може да ја ловите и влезени во вода до појас, но ќе барате места кај што нема капачи и ќе внимавате на дното- треба да биде песокливо или со школки.
Важен елемент од опремата се и конците. Никогаш не купувајте евтини конци, купувајте добри марки и внимавајте - одберете конец со потенко влакно а добра носивост. За лов на црвеноперка препорачувам 0,8 или десетка, ако правите подврз - нека биде потанок од основата. Јас користев 0,6 но таа дебелина ја препорачувам за поискусни рибари .
За лов на црвеноперка ви треба нежна пливка со мала носивост. Ако ловите на мирна вода,најдобро е за почеток да имате два комплета (намотани на моталка ) , едниот со пливка во форма на пенкало, а другиот комплет со пливка чие тело е во форма на топче или буренце. Кога има бранови пливката во форма на пенкало многу не ќе ви користи , затоа како универзална ја препорачувам малата пливка во форма на буренце, но со што помала носивост. Најмалите пливки се користат исклучиво за лов на плашки и белвици (дојрански) или за црвеноперки во време на мрестот.
Важен елемент е и оловото, т.е. отежнувањето на пливката. Отежнувањето на пливката е важно бидејќи таа е индикатор, т.е. ни кажува што се случува долу , дали рибата гризе и како гризе. Пливката е добро отежната око и се стави олово колку што треба, телото да и биде во водата, а над водата само перцето или антената во чиј врв постојано гледаме. Ако пливката не е добро избалансирана, таа нема добро да ни сигнализира. При изборот на олово внимавајте да биде со што поситни зрна и меко. Крупните зрна и крутото олово не се за вас. Постојат повеќе начини на распоредувае на оловото во зависност од тоа во каква вода ловите и во која сезона. Бидејќи препорачувам да одите на риболов само со една трска и тоа карбонска со должина од 5 или 6м. и тоа без машинка. Најпрво ќе отсечете парче кабел што ќе одговара за врвот на вашата трска, со должина од 2- 2,5 см. Жицата се разбира ќе треба да ја извадите. Внимавајте кабелот да биде мек. Низ него протнете го конецот трипати и зацврстете го на врвот од трската. Потоа измерете ја должината на конецот што ќе го користете. Ако ловите без подврз измерете 15- 20 см. повеќе од должината на вашата трска. Потоа монтирајте ја пливката на растојание 1,5м од врвот на трската, кога ќе ловите пливката се регулира зависно од условите. На долниот крај од трската врзете ја јадицата. Потоа монтирајте го оловото. Ако претходно сте знаеле колку олово носи пливката, одберете повеќе зрнца распоредени на поголемо растојание почнувајќи од половината на конецот.Последното зрно , над јадицата, нека биде најмало и на растојание околу 15см. од јадицата. Ваквиот распоред на оловото ќе ви овозможи успешен лов без разлика дали рибата е на површината , во средина или на дното, бидејќи бавно и рамномерно паѓа.

Важен елемент од опремата се и јадиците. За лов на црвеноперка препорачувам јадици со број 18, може и 16, јас сум ловел и со 20 и 22, но зависно од мамецот и големината на црвеноперката што се лови може да се користат од 12 до 18 . За почетници и лов со жито препорачувам 14. Ги има разни видови - со долг врат , „ папагалки“ , стандардни. Кога ловите со лепче препорачливо е да користите јадици со долг врат, но не се лоши и стандардните.

Кога веќе трската ви е подготвена , не заборавајте да си набавите и една специјална
прачка, (пластична или метална), за вадење на јадиците од рибата. Така ќе добивате во време. Таа прачка, која на едниот или на двата краја има зарез, додека ловите треба да ви биде при рака. Можете да си ја ставите на конец околу вратот , за да не ја барате, или да ви стои во кофата со храната за риби.

На риболов не тргнувајте без капа која ќе ве штити од сонцето и без очила за сонце. Изборот на капата ви го оставам вам според вкусот, а очилата да не бидат со црни стакла и пожелно е да бидат поквалитетни, бидејќи цел ден ќе бидете изложени на сонце и рефлексија на сончевите зраци од водата која ќе ве заслепува. Невозможно е спортски риболов без очила за сонце.
И во риболовот како и во секој друг спорт понекогаш има среќа, но не е пресудна и не е редовна. Има денови кога едноставно рибата не сака да јаде, но ќе забележите дека има рибари што и тогаш фаќаат, и редовно фаќаат повеќе од другите. Тие не се претплатници на среќата, туку едноставно знаат повеќе од другите, користат добра храна за примамување и на риболов не одат само со еден мамец. Цело време се активни и ја бараат рибата, (менувајќи ја длабочината и растојанието од брегот), менуваат мамци... Во такви моменти кога вам не ви оди, а некој друг фаќа, направете пауза , без да му пречите видете на кое ниво му е пливката, притоа имајте на ум -должината на неговата и вашата трска, а ако користи машинка- има и подвижни пливки. Видете каков мамец користи и коригирајте се . Прашајте за совет, во риболовот од секого можете нешто ново да научите. Ако мушичките се ројат над водата (поради промена на притисокот), а вие ловите на дно (3,5-4м.) и рибата не ви јаде, веднаш променете ја длабочината, бидејќи сета риба е горе, мушичките се нивната природна храна. Оние што ќе ги користат моите совети нема да станат натпреварувачи, но ќе бидат подобри од другите. Сакам да потенцирам дека не треба да и се препуштате на среќата, туку на риболов да одите подготвени како и секој друг спортист.
Нашиот народ вели : „ Со гол газ риби не се лови, сака и урда“. Е, сега ќе зборуваме за „ урдата“. Без разлика дали рибата ќе ја ловите на лепче или на жито (пченица), треба да знаете дека рибата најпрво треба да ја „повикате“ , а потоа треба да знаете да ја зачувате.
За таа цел треба да набавите ароматизирана храна специјално за риби, марките се важни за натпреварувачите, која во однос 1:3 или 1:4 ќе ја мешате со сув леб(кој претходно ќе го натопите со вода и добро ќе го истискате да му излезе воздухот) и мелена пченка. Треба да потсетам дека со една храна можете четирипати да одите на риболов, значи не едно пакетче за едно одење. Откако ќе ја измешате добро залејте ја со вода, ама внимателно да не ја направите премногу ретка. Измесете ја добро а потоа за фрлање во водата подгответе ја во форма на топчиња со големина на топче за тенис, или во форма на плескавици.