четврток, 27 август 2009

ДОЈРАН



Иако ми е многу блиску, иако многу спомени од детството и младоста ме врзуваат со Дојран, одамна не бев стапнал таму. А одев таму и кога се претвараше во мочуриште...кога за да дојдеме до водата, газевме во милта до колена. Со нас беа и нашите деца. Тогаш беа мали и му се радуваа на езерото, а никогаш не го беа виделе во убаво светло. А јас бев тажен, зашто пред себе гледав како умира дел од мене, од мојата младост, од моето детство.
Наутро го гледав духот на езерото, кој талкаше низ школките и калта...онаму каде некогаш плискаа брановите.
Последен пат бев 2002г. кога свечено се пушташе каналот за спас на Дојранското Езеро. Се разочарав кога во таа маса народ од цела Македонија, не познав ниеден дојранчанец. Ниту еден званично не изнајде сили да се заблагодари за големиот гест...а сите живееја и зависеа од езерото.
Денес, се изненадив од она што го видов и чув. Езерото се враќа во живот, а ги нема школките на брегот...ја нема калта. Плажите се чисти... Сите дојранчани едногласно признаваат дека се чувствуваат огромни промени, со промената на локалната власт. Се радувам дека езерото се полни...Догодина ќе има кај да одиме на одмор, ние што престанавме да одиме.






























понеделник, 24 август 2009

Св. Богородица Елеуса


На оддалеченост - 7км. западно од Струмица, се наоѓа селото Вељуса, каде на една бигорна карпа, монахот Мануил подигнал манастир во 1078 год. и ја посветил на Богородица . Манастирската црква до денешни дни ја зачувала својата оригинална архитектоника. Во времето на градењето на црквата, селото се викало Палеокастро, но подоцна според манастирот го добило денешното име – Вељуса (од Елеуса). Манастирот лично го посетил и византискиот император Алексиј I Комнен и бил восхитен од неговата убавина.
Бидејќи е посветен на Богородица, овој манастир бил ослободен од секакви давачки. Се што влегувало во манастирот, останувало тука, а манастирот поседувал обработлива земја, лозја, пасишта, шуми, ливади и бил еден од најбогатите и најзначајните манастири, не само кај нас, туку и пошироко. Денешниот изглед, околината на манастирската црква ја доби со доаѓањето на владиката Наум, кој има голема заслуга за основањето на монашкиот ред. Некогаш овој манастир бил машки, а во Водоча имало сестринство, а сега е обратно.
Оние што сакаат повеќе да знаат, нека кликнат тука.





























































недела, 23 август 2009

СТАРАТА ТУРСКА БАЊА ВО БАНСКО

Освен Римјаните, бањи на овие простори граделе и Турците. Се уште стои старата турска бања во Струмица, но кој знае кога престанала да се користи. Стојат ѕидините и од бањата во Баница, која сведочи дека некогаш таму живееле богати Турци, но и дека извори со топла вода имало и во Баница, по што го добила и името.
Веќе повеќе години старата турска бања во Банско не се користи, па таа стана собиралиште на духови и ја нагрдува сликата на Банско. Во најскоро време локалните власти би требало да преземат нешто...овој објект или да се ревитализира или да се заштити како споменик на културата.