петок, 01 април 2011

Еко - семинар Во Охрид

На 29. и 30. март, во хотелот Белведере, во Охрид, се одржа семинар на тема: Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем, за наставниците од основото образование. Со мало задоцнување, тргнавме кон Охрид, а веќе пред Битола, темните облаци ни најавуваа лошо време.

Пред хотелот стигнавме по дождливо време.
Хотелот е сместен над патот што води кон Пештани, сред висока борова шума. Веднаш в очи паѓаат големите питуси. 

Откако се сместивме по собите, се симнавме во ресторанот на ручек.

По паузата за кафе, ја имавме првата сесија од семинарот, која беше заедничка за директорите, педагозите и наставниците.
Потоа, поделени во групи, низ работилници и низ игра, учевме - Како да се стане Еко-училиште?
Нашата група ја направи највисоката кула...
Вежбата, или - играта ни помогна да сфатиме дека кога имаме заедничка цел и работиме тимски, а секој од тимот го дава својот допринос, мораме да успееме... а работата во Еко - одборот е тимска работа.
По паузата за кафе, се симнав до езерото, но поради облаците тоа имаше некаква оловно-сива боја и ни оддалеку не личеше на „бисер“...

Кога се враќав кон хотелот, денот беше на умирање, па светлата почнаа да се палат.
 
На наредната сесија малку задоцнив, а моето доцнење беше искористено за наредната вежба. Нашата група требаше да симулира - кавга или тим кој делува како расштиман оркестар, поради што и нема резултати.
Потоа добивме задача да направиме проект за заштеда на водата.
По паузата, следеше одбрана на проектите или - презентација.
Следниот ден, откако ги поминавме сите чекори од обуката, се стекнавме со сертификати.

А, оваа глетка, би сакал да ја гледам некое идно лето...