недела, 11 април 2010 г.

Меморијален марш - Ванчо Атанасов



Денес се одржа традиционалниот планинарски марш - посветен на Ванчо Атанасов, на кој учествуваа планинари и љубители на планинарскиот спорт и природата.







сабота, 10 април 2010 г.

Кола во казино...













Откако се изнамачив, ( без никаков успех), да направам фотосторија за колата што влегла во казиното во Глобал, решив тоа да го направам на мојот стар добар блог на блогспот... овде никогаш не сум имал проблеми со качување на фотографии ниту со нивната големина.

вторник, 30 март 2010 г.

Ја засадивме нашата иднина



Денес, во рамките на акцијата „Засади ја својата иднина“, која се организира по петти пат, учениците од ППОУ„ Даме Груев “ во Костурино, во придружба на своите одделенски раководители, засадија 33 дрвца. Само мал дел од нив беа добиени од „акцијата“... за останатите се погрижија децата. Се надевам дека врбите и вишните, што ги засадија децата годинава ќе додржат. Веќе 12 години редовно садиме дрвца секоја пролет, а во училишниот двор има само една жална врба. Можеби „Големиот смок“ ќе ги остави овие садници, зашто не се атрактивни за дворовите.



Лазар, Гире, Иван и Ване денес беа за пофалба... засадија најмногу дрвца.



Многу раце, едно дрвце...



Мојот имењак да учи, како што сади дрвца, ќе биде најдобар ученик.



Да видиме дали утре некое од „калунгите“ ќе остане во дворот... ако не, ќе го имаме на слика.

Активности на најмладите



Додека учениците од петто до осмо надвор садеа дрвца, по повод Денот на дрвото, најмалите, во присуство на своите родители, го одбележаа доаѓањето на пролетта и повторното раѓање со песни и игри, а потоа заедно со своите мајки ги бојадисаа првите велигденски јајца.















четврток, 18 март 2010 г.

Папрадишки во Струмица



Годинава се навршуваат 150 години од раѓањето на Димитар Андонов Папрадишки, еден од основоположниците на македонското модерно сликарство, па по тој повод, неговите платна беа изложени во фоајето на ЦКИ „Антон Панов“ во Струмица. Папрадишки го знаев пред се по фрескоживописот на црквата св. Јоаким Осоговски, но вечерва видов дека бил одличен портретист.














среда, 10 март 2010 г.

Еден мој ден



Додека размислував за насловот на овој пост, забележав дека во левиот агол на оваа фотографија, веќе имам добар наслов.
Веќе трет ден од март има снежна покривка... Се сеќавам на далечната 1980, кога на Осми март ме пратија девојчињата од нојот клас до единствената цвеќара во градот, во која работеше Гонцето-цвеќарката, исто така заврна снег. Прв осмомартовски за мене... Обично тој ден беше сончево или во најмала рака пријатно, но никако и снежно. Бев со плитки чевли и додека се вратам на час, нозете ми накиснаа. И сега пак е снежно, а како што велат - цел март ќе бил таков.



Снегот и зимата повеќе сакам да ги гледам преку прозорец.
Во колата ни е тесно, зашто сите сме топло облечени... прозорците се замаглени, а коловозот е влажен, поради што е потребно внимателно возење.


Во Костурино, како по обичај не пречекува студен ветар... - Надвор не е за мажи. - им велам на шега на колегите. - Го нема ни одборот за дочек. - дофрлува Весна, само како потврда дека навистина е ладно. Бевме навикнале секое утро да ги среќаваме машките, застанати под стреата на училиштето, но денес не не пречекаа...



Во канцеларијата, на масата не чекаше ново изненадување, но некој веднаш се сети дека невестата на младиот мајстор-Перо, сигурно се породила, па праша што е... - Син! - гордо рече Перо, татко на тригодишна ќерка. И додека го пиеме утринското кафе и наздравуваме со сокче, за здравје на синот на Перо, во канцеларијата влегува младата библиотекарка Бети и со широка насмевка ни покажува дека забите и‘ се здрави, а крајниците не и‘ се воспалени.





Но, веќе е време за час, па Весна го зема дневникот и оди, а во канцеларијата ќе остане Бети, да размисли што да нарача од Oriflame.


Додека децата се загледани во вежбанките и ја „везат“ втората писмена работа, во училницата е топло. Го отварам прозорецот... надвор е свежо. Го нема магарето на соседите. Сигурно е некаде под „сушина“... Небото е оловно-сиво, оџаците чадат и веројатно сите се собрани околу печката... Тивко е... Само едно куче со подвиткана опашка поминува. И нему му студи...



Се истркала и овој работен ден... уште една среда е зад мене. И додека ги чекам колегите да го одржат седмиот час, нарачувам кафе. Врбата, што расте веднаш до училиштето, единственото дрвце што некако успеа да порасне, веќе е напупена... ја излажа топлото време од претходните денови.



Кафето е веќе готово... Фиданка ми го носи со широка насмевка. Уште еден ден помина... постар сум за уште еден ден.

недела, 21 февруари 2010 г.

Семинар за оценување

Вчера, 20. 02 2010 г., започна првата сесија од планираните четири од семинарот Примена на стандардите за оценување на учениците, кој за наставниците од ОУ„ Даме Груев “ - Куклиш и ОУ „ Гоце Делчев “ од Вељуса се одржува во просториите на нашето училиште во Куклиш. Во улога на обучувачи на наставниците се појавија : Снежана Узунова, психолог во ОУ „ Маршал Тито “; Александар Атанасов, наставник по музичко во ОУ „ Гоце Делчев “- Вељуса; и Николина Јашкова - педагог во ОУ „ Даме Груев “- Куклиш, а надзор на работата на семинарот вршеше Лидија Манушева, психолог, моментално работи како директор во ОУ„ Сандо Масев “.


Николина и Снежана



На семинарот се користат најсовремените средства за презентација и LCD - проектор, а до новите сознанија се доаѓа по пат на дискусија, разговори, размена на искуства, работилници, презентации ... Сето тоа се одвива во опуштена атмосфера, а на моменти има бура од идеи и жестоки полемики.











вторник, 16 февруари 2010 г.

11. МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ НА АФОРИЗАМ И КАРИКАТУРА - СТРУМИЦА 2010


Вечерва, во фоајето на ЦКИ Антон Панов во Струмица, свечено беа доделени наградите од 11. Меѓународен фестивал на афоризам и карикатура Струмица 2010, што традиционално се одржува како пропратна манифестација на Струмичкиот карневал.
Меѓу наградените за афоризам се најдоа - Атанас Крлевски (Македонија) - бронзена плакета; Димитар Атанасов (Бугарија) - сребрена плакета и Стеван Којиќ (Србија) - златна плакета.



Наградите за карикатура ги добија - Румен Драгостинов (Бугарија) - златна плакета;



Михаил Златковски (Русија) - сребрена плакета и Спиро Џајков (Македонија) - бронзена плакета, додека Валери Александров (Бугарија) ја доби наградата на ОО Струмички карневал.