понеделник, 29 јуни 2009 г.

ОД БЛОГЕРСКАТА СРЕДБА ВО КАВАДАРЦИ




Заврши уште едно ( за мене прво) дружење на блогерите од blog.com.mk. Главен „виновник“ за оваа средба беше популарната Оксиморон, која се погрижи се да помине во најдобар ред. На зборното место, пред капијата на гигантот ТИКВЕШ, во 12.00 се појавија Ненад, Кликер, Вангел, Илина, Марјан, Ана Карењина, Струмјан, Гершанина, Вероника и јас, а во улога на домаќин се јави еден млад човек, кој за себе рече дека се вика Ѓорѓи и дека помага во Тиквеш.
Младиот менаџер на ТИКВЕШ ни го објасни целиот процес на довивање на висококвалитетно вино - од приемот на грозјето до финалниот прозивод. Знаев дека ТИКВЕШ е голем, ама не знаев дека е толкав гигант. Откако ги видовме визбите со огромните буриња, во кои одлежуваше виното и новите вложувања во малите буриња, кои треба да обезбедат производство и пласман на висококвалитетни вина во помали количини за пробирливиот пазар, се симнавме во подземниот ресторан од затворен тип, во кој покрај другите познати фаци биле Тито, Николина Пишек, Трендо и јас...
Во опуштена атмосфера, ни беа презентирани квалитетните вина од асортиманот на Тиквеш, а младиот менаџер умееше со разни досетки да го одржува ведрото расположение. На големата маса ни се придружија и две Американки, кои не знаеја македонски, ама беа видно восхитени од квалитетот на вината на Тиквеш... се интересираа во кои држави на САД може да се најдат овие вина.
Мене најмногу ме воодушеви белото вино Alexandria Cuvee, кое се подготвува од сортите Chardonnay и Riesling, а просто се лизга во грлото, додека во устата ви останува вкус на праска, а пријатниот овошен мирис го чувствувате и во носот.

Нема коментари: