Несреќнице, дали некогаш си се запрашала, како му било на татко ти кога дознал кој го предал, кој им ги отвори портите на Грчиштата...како му било кога дознал дека каменот паѓа од близу? Како му било на кутриот пред да издивне и со последните атоми на душата да исколни – ГРОБ ДА НЕМАШ НЕСРЕЌНИЦЕ! Земјата да не те прима, ороспијо византиска! Девет постели да смениш! Девет пати земјата да те исфрла, а ни по девет векови коските твои да не најдат мир. Гробот да ти го погани племе од најдолен сој...
Не знам зашто никој никогаш не ми ја кажа легендата до крај, па не знам ни кога си умрела ни како... дали си по старост, со обелени коси покрај внуци; или ножот ти го зариле твоите уште додека крвта ти била врела; или те отруле Грчиштата, зашто таквите како тебе се за еднократна употреба, па од твојот гроб направиле споменик во слава на предавниците... па сега не знам и се прашувам – чии гени носиме? Дали од татко ти или твои – предавнички? Или сме се измешале како болви, па сега еден на друг си ги вадиме очите и со векови го носиме ореолот на предавници, нарекувајќи се струмичани.
Од твојот отворен и ограбен гроб никнаа црница и капина... и двете црни, зашто од црнилата се раѓаат само црнила.
Не знам чија сестра си, дали Персеева или Маркова, но сеедно, знам дека си предала татко. Си го предала татка си... а оној што си го предава таткото, ја предава татковината, зашто зборот татковина се изнедрил од зботот татко. Зар не чувствуваш вина?
Велиш, си предала од љубов... зарем тоа ти е оправдување за гревот? Како да немаше маж достоен за тебе меѓу оние што со меч и со копје, а некогаш и со голи раце ги бранеа Царевите Кули и ги коваа коњите наопаку... Дозволи да им бидеш „тројански коњ“ на Грчиштата, кои само со лукавства победуваат.
И други големи предавства памети оваа небо... твојот гроб е недалеку од местото кај што им ги вадеа очите на војниците на Самуил, кои со предавство беа поразени, а потоа ослепени... А потоа моравме да чекаме илјада години за да повторно направиме држава... за да воскреснеме како феникс од сопствената пепел, небаре само слепци раѓала Македонија, па не не се нашол некој со едно око што ќе ги води.
И сега повторно Грчиштата ни тропаат на врата...сакаат име да ни сменат, корените да ни ги пресечат, а гниди од твојот сој се готват да им помогнат.
Внимавај да не му погрешиш на татко ти, зашто таткова клетва фаќа... не учеа кога бевме мали. Не учеа на твојот пример, но дали сите научивме ?
Нема коментари:
Објави коментар