Денес (27.10. 2011) во малата собраниска сала на Општина Штип, со почеток во 10. часот се одржа семинар за наставниците од основните и средните училишта на југоисточниот регион, во органозација на Бирото за развој на образованието, а со цел - наставниците кои имаат намера да пишуваат учебници да се запознаат со стандардите за новите учебници, како и методологијата за нивното вреднување.
Поради лоша или недоволна информираност, од нашето училиште имаше дваесетина пријавени наставника, но во Штип пристигнавме нешто помалку.
Идејата за стандардизација на новите учебници е за поздравување, а уште повеќе што преку форма на семинар се запознаваат наставниците за новите стандарди и методологијата за нивното вреднување, зашто сме свесни за низата пропусти кај учебниците од сите нивоа во изминатиот период. Беше истакнато дека новите учебници ќе мораат да бидат во склад со наставната програма; да бидат напишани на јазик и стил кои ќе одговараат на возраста на учениците; придружните текстови да овозможуваат проширување на знаењата на учениците, а онаму каде е тоа возможно да имаат и воспитни цели, при што треба да се има во предвид - јакнење на граѓанската свест, разбивање на досегашните стереотипи, негување и почитување на свесноста за разликите и градење толерантен став за различните од себе во национален, верски, полов, социјален и секаков друг поглед; придружните визуелни елементи да бидат во склад со наставните содржини.
Потоа беше објаснета методологијата на вреднување на новите учебници. На оценувањето на ракописите за новите учебници, ќе работат тројца рацензенти, чија работа ќе биде независна, односно секој посебно го кажува своето мислење и дава оценка. Оној ракопис што ќе добие единица, како средна оценка за некој од индикаторите, нема да добие виза да се користи како учебник.
На крајот се разви дискусија, на која учество зедоа автори на учебници, чии ракописи не поминале, најчесто поради користење нестандардна терминологија. Тие прашуваа која е и каде е истакната стандардната терминологија и бараа истакнување на стандардните термини за во иднина да не се случуваат такви пропусти.
Слаби страни на овој семинар беа тоа што советниците работеа практично без агенда, при што не водеа сметка за нивото на издржливост и количината на податоци во даден временски интервал.Иако слушателите беа возрасни наставници, а содржините им беа познати, нивната концентрација после еден час почна да попушта. Во иднина би требало да се допушти пауза и да се остави поголем простор за дискусија, а советниците да даваат исцрпни одговори, а не да се прогласуваат себе си за ненадлежни. Останува да се надеваме дека во иднина ќе се почитуваат стандардите и децата ќе се поучуваат од поквалитетни учебници.
Нема коментари:
Објави коментар