петок, 12 ноември 2010 г.

На гости кај првачињата

Само што седна, Верето ме праша - Лазо, која е твојата омилена сказна?
- О, сите... многу се.
- Една кажи... Омилена од детските години. Не од оние што си ги читал, туку од оние што си ги слушал од татко ти? - Во нејзиниот поглед прочитав повеќе молба отколку прашање.
- Денес треба да им зборувам на моите првачиња за сказните. А треба да им раскажам и некоја сказна...
- Ти треба помош? Сакаш ли да дојдам кај тебе и да им ја раскажам мојата омилена сказна?
- Па, на тоа мислев и јас, ама ми е незгодно да те прашам... да не ти е тешко?
- Не... тоа би било прекрасно. А на кој час ја имаш сказната?
- Сега. На првиот час.
- Сега не ќе можам... имам во осмо. Треба да им ги објаснувам стилските особености на Тешкото. Втори час имам со петто. Тие знаат што е сказна. Ја знаат приказната, па ќе ни бидат од корист.
По првиот час, им објаснив на петтоодделенците дека ќе им бидеме гости на првачињата и дека ќе им ја раскажам приказната  за Момчето и четириесетте калуѓери...
Кога влеговме во училницата на првачињата, тие веќе беа испоседнати во полукруг и не’ чекаа.
 Беа одлични слушатели. Додека раскажував, правев актуализации, а едно од дечињата се согласи да го позајми своето име за јунакот од приказната... се викал Димитар. Името си го изговори одвај чујно. СЕ согласи и да го викам Мите. Слушаше со ширум отворени очи... ми го голташе секој збор.


Приказната траеше колку еден школски час... остана време за краток разговор. Децата на одмор заминаа разговарајќи кој од нив што би одбрал од сказната... сите го посакувале јагнето, зашто тоа ќе им давало златни парички, па со нив ќе можеле да си купуваат што ќе посакаат. Ова за мене беше прекрасно искуство, а децата - верувам дека долго ќе го паметат овој час.

среда, 3 ноември 2010 г.

Посета на Планетариум

Вчера, учениците од ОУ„ Даме Груев“, ја реализираа планираната посеата на планетариумот, а јас го искористив превозот, за да завршам некои работи со СОНК. Патувавме со автобусите на Туристичката агенција „Атлантис“.
На излезот од Костурино видовме густ чад... чадеше една „фабрика “ за вар...


Одблиску изгледаат како мали вулкани од кои излегува само црн чад...

Прв пат во животот патував со двоспратен автобус. До мене седеше мојата комшика и колешка - Мирјана.
Валандово тонеше во магла... маглата беше над Вардар.
Веќе кон Демир Капија беше чисто... маглата се раскрена и огреа сонце.
Ка мотелот Македонија, направивнме пауза, но наместо таму, застанавме од спротивната страна... на бензинската пумпа. Кафе пиевме од нога...
Скопје тонеше во магла... или во смог.

Скопје се гради...


Се намачив додека ги најдов просториите на СОНК... сите ме праќаа во Работничкиот дом.
Таму остварив средба со новиот лидер на СОНК, Јаким Неделков,

а во истата канцеларија беше и неговиот советник, а бивш лидер - Дојчин Цветановски.

По краткиот разговор со лидерите на СОНК, се упатив во центарот каде се сретнав со Карека, познаник од блогерајот... со него испивме кафе и помуабетивме .






Заедно заминавме во Зоолошката градина, каде веќе беа нашите ученици.





Присуствував на интересен момент... вработените во Зоолошката се обидуваа без трауматизирање на животното да го преселат во ново живеалиште, зашто неговиот „дом“ треба да им биде живеалиште на крокодилите, што допрва треба да дојдат. Молењето траеше долго... животното беше исплашено и полно со недоверба.
Овој е Менде од Битола... бенгалски тигар, донација на Зоолошката градина од Битола.




Овој бил Сибирски тигар...

На враќање кон дома, бевме и во црквата во Радовиш, чиј ктитор е познатиот бизнисмен - Ристо Гуштеров.


Дома се вративме уморни и полни со впачатоци...

вторник, 26 октомври 2010 г.

Средба со Борче Начев

Денес, само што излегов од таксито, на влегување во училиштето, го видов главниот јунак од Сенки, на Милчо Манчевски, Борче Начев, инаку - гордост на куклишани... роден куклишанец, а и буквите ги научил во нашите простории.

Беше дојден да понуди детска претстава, во која и самиот игра, а јас, неговото присуство го искористив да го сликам и да се сликам со него.

недела, 17 октомври 2010 г.

Јаким Неделков - нов лидер на СОНК

Јаким Неделков, наставникот по Техничко образование во ЦОУ „ Драга Стојанова “ во с. Ракотинци и лидер на СОНК во Општина Кисела Вода, ја доби довербата на огромно мнозинство од делегатите на V Конгрес на СОНК, кој денес (17. 10 . 2010 г. ) се одржа во една од салите на спортската сала Борис Трајковски во Скопје.



Негов противкандидат беше Веле Ѓорѓијоски, професор по одделенска настава во ООУ „ Гоце Делчев “ - Прилеп.
Од лидерската позиција, на свое барање, поради лични причини, се збогува харизматичниот Дојчин Цветановски, со чие лидерство се врзани најсветлите моменти на овој синдикат и многу болни прашања почнаа да се решаваат.