среда, 16 април 2008

НАТПРЕВАР ВО УМЕТНИЧКО РЕЦИТИРАЊЕ

Вечерва, со почеток во 17 часот, во големата сала на некогашниот Дом на АРМ, се одржа натпревар во уметничко рецитирање,во организација на Домот за деца и млади- „Благој Јанков Мучето“, на кој учество зедоа ученици од основните училишта што некогаш и припаѓаа на општина Струмица. Не би можел да кажам дека е општински, бидејќи не учествуваа само деца од општина Струмица, туку и претставници од речиси сите училишта на некогашната општина. Би можел да се нарече „регионален“, но да се однесува само на струмичкиот регион. Беа пријавени 35 ученика, а според пропозициите, право на учество имаа учениците од петто до осмо одделение, а секое училиште имаше право на три претставника. Но, настапи и девојче и од четврто одделение, а О У „Сандо Масев“ немаше свои претставници. Моето училиште , „ Даме Груев“ , го претставуваа : Игор Ристов, ученик од осмо одд. во Куклиш, Црнгарова Драгица, осмо одд. - Куклиш и Миладија Петрова, моја ученичка од Костурино. Наш фаворит, според гласовните можности, искуството и сценските квалитети, пред натпреварот, беше Црнгарова Драгица, а на Миладија се гледаше како на потенцијал што треба да собира искуство и да се негува.
Вредноста на рецитатор(к)ите требаше да ја оценува тричлено жири, во состав: Кирова Васка- новинар, Милушева Катерина- професор по македонски и Ќосева Катерина, исто така професор. Она што мене ми сметаше, а на крајот го спомна и членот на жирито- Милушева Катерина, е што добар дел од рецитаторите, веројатно не по своја вина, изгледаа смешно, бидејќи нивните ментори ги измешале лончињата...
Рецитаторот треба да ја оживотвори песната само со промена на бојата на гласот, интонацијата, изразот на лицето,очите.. при рецитирањето рацете се покрај телото, а погледот е во висина на очите...движења по сцената, гестикулации, реквизити...не се допуштени, бидејќи во рецитирањето внесуваат драмски елементи.
На мое големо изненадување, мојата ученичка, Миладија Петрова беше меѓу наградените, т.е. освои трето место. Мајка и ,која исто така беше присутна , беше пријатно изненадена и пресреќна ... а малата Миладија не и веруваше на своите уши, па морав да прашувам дали добро сме слушнале. Миладија е дијамант што треба да се бруси, а во наредните години од неа очекувам и врвен резултат.

Нема коментари: