недела, 6 септември 2009 г.
ТИКВЕШКИ ГРОЗДОБЕР 2009
За добро дружење, потребни се луѓе со добри намери и се разбира - добро вино и добро мезе. А за добро вино е потребно добро грозје и соодветна технологија, а се разбира и знаење и искуство... а сето тоа го има во вината на нашата најголема и најпозната винарија ТИКВЕШ. Во рамките на манифестацијата ТИКВЕШКИ ГРОЗДОБЕР 2009, група блогери се собравме во Кавадарци, за да (некои по втор пат) уживаме со чашка добро вино, добро мезе и пријатен разговор.
Во 14 часот се собравме пред влезот на комбинатот ТИКВЕШ, а нашиот домаќин накратко ни го објасни патот на виното од приемот на грозјето до финалниот производ.
При приемот на грозјето се врши мерење на неговата шеќерност, заради утврдување на квалитетот на грозјето... се врши и визуелна проценка на степенот на оштетеност на грозјето.
Од најквалитетните сорти грозје, потоа се произведуваат најквалитетните вина.
Но, за да се направи добро вино, не е потребно само добро грозје...многу лесно може од доброто грозје да се направи лошо вино. Многу фактори се потребни, за да се направи добро вино, а пред се’ соодветна температура, која е обезбедена во подрумите на ТИКВЕШ.
За доброто вино се потребни и соодветни садови - буриња, во кои тоа мора да одлежи. Бурињата се прават од дабово дрво, а по секоја употреба потребно е нивно чистење... механички мора да се отстрани горниот слој од дрвото, за да се отстрани винскиот талог. Во спротивно, бурето нема да ја врши својата функција и ќе имате лош продукт идната сезона.
За најдобрите сорти грозје, од кои се произведуваат најквалитетните вина на ТИКВЕШ, набавени се помали буриња од дабово дрво од Унгарија. Нивната употреба е ограничена...можат да се користат до три пати, а потоа се фрлаат.
Во подземниот ресторан продолжи главниот дел од дружењето, каде на „шведска маса“ беше поставено мезето, а виното овој пат беше по слободен избор. Јас го одбрав белото вино Alexandria Cuvee.
На импровизираната сцена се слушнаа звуци од акустични гитари и гласот на Јаков Дренковски... се собра народот, чадеа скари, но кога стануваше најинтересно, моравме да се разделиме со ветување пак да се собереме... Идната средба веројатно ќе е во Валандово, на традиционалната РАКИЈАДА.
Претплати се на:
Коментари на објава (Atom)
Нема коментари:
Објави коментар