среда, 13 октомври 2010 г.

Обука за постапки во случаи на природни катастрофи

Денес, во просториите на ОУ„ Даме Груев“, се одржа семинар за наставниците за справување со природни катастрофи, при што акцентот беше ставен на  постапување на наставниците во случаи на - земјотреси, пожари и поплави. На семинарот присуствуваа и свој удел имаа претставници на Општинскиот црвен крст, станицата за противпожарна заштита и Републичкиот центар за управување со кризи.
На колегите прв им се обрати претставникот на Општинскиот Црвен крст.


Наставниците имаат огромна одговорност, кога се во прашање децата. Нивната задача не е само подучување и воспитување на децата, туку и грижа за нив и нивното здравје и безбедност во услови на криза, предизвикана од природна катастрофа. Ако за капетанот на бродот, важи правилото дека последен го напушта бродот, во случај на несреќа, истото важи и за наставникот, во услови на криза. 

Во услови на криза, полесно се постапува кога децата се добро информирани и постапката за евакуација е извежбана. За полесно и попластично да се запознаат децата од прво одделение, со појавата земјотрес, може да им се демонстрира со пудинг, на кој ќе се стават ситни делчиња, може и парчиња креди, кои треба да ги претставуваат училиштето, домот, и објектите што им се познати на децата, па откако подлогата на која се поставени ќе се помрдне, да видат дека тие паѓаат, што се случува и во услови на катастрофален земјотрес.


Истото може да се постигне и на друг начин, користејќи се со детски играчки, при што децата треба да видат дека предметите што не опкружуваат, во случај на земјотрес паѓаат, а ѕидовите се рушат, а ние треба да се евакуираме додека стигне помошта. А оние што треба да ја пружат помошта, поради својата униформа и маските за лична заштита во услови на кризи, можат да изгледаат страшно за децата, па многу важно е децата во таков момент да ги препознаат и да соработуваат со нив.


А која е улогата на наставникот?
Тој, откако ќе ги евакуира децата и ќе установи дека и последниот ученик безбедно ја напуштил училницата, со дневникот во раката ја напушта просторијата, децата ги води на безбедно место и се грижи за нив до моментот на престанок на опасноста. Потоа, во наредниот период, го следи нивното однесување, зашто светските искуства говорат дека кај 15% од оние што се соочиле со катастрофата, се појавуваат посттрауматски шокови, кои можат да се манифестираат на најразлични начини преку нивното однесување. Наставникот е тој што треба да ги препознае промените кај детето и да преземе чекори за детето да ја добие потребната стручна помош.

За улогата на „добриот пожарникар - Чичко Сем“, зборуваше претставникот на противпожарната бригада од Струмица, кој  не‘ запозна со превенциите и начините на заштита во услови на пожар.

петок, 8 октомври 2010 г.

Новите членови на Детската организација

Денес, првачињата од ПОУ „ Даме Груев “  во Костурино, станаа членови на Детската организација. По тој повод, нивните другарчиња од шесто одделение направија приредба, а потоа со нив и заиграа, со што симболично ги примија во своите редови.
 

Потоа полагаа свечена заклетва, со што и официјално станаа членови на Детската организација.

Потоа нивните другарчиња на реверите им ставија беџови и маркици, а ги добија и своите пасоши.


Денес, немаше посреќна од нивната учителка, во потполна смисла на зборот, колешката - Вера Френкова.


вторник, 21 септември 2010 г.

Eсенска прошетка

Денес, 21. 09. 2010 год. за празникот Мала Богородица, кој се поклопува и со првиот ден на есента, ја реализиравме планираната еднодневна есенска прошетка, со учениците од петто до осмо одделение во Костурино. Веќе стана традиција, прошетките да ги изведуваме до месноста Селска Корија, во близина на селското игралиште. Времето не ни беше најнаклонето... есента ги покажа забите уште првиот ден.
Беше ветровито и облачно време и со ништо овој ден не заличуваше на претходниот, последен ден од летото.

Девојчињата беа испоседнале под дабовите дрвја, а некои од нив играа и фудбал.
Најдобро организирани беа машките од осмо одделение. Си купиле ќебапчиња и колбаси, донеле скари, запалија оган, но се мачеа околу местењето на скарата.
А Гиро од шесто и неговиот другар си гледаа сеир...

Некои, како „мој“ Лазо, се возеа со своите велосипеди...
 За да не ни „биде нешто“ кога скарата ќе биде готова, си тргнавме...

 Костурино се беше стуткало на ветрот...

недела, 19 септември 2010 г.

Страв

Не знам дали луѓето се плашат или се срамат да пишуваат за своите стравови. А стравот е нормална работа... непријатно чувство, од кое понекогаш се срамиме. Срам ни е да признаеме дека сме се уплашиле, зашто мислиме дека другите се похрабри од нас... дека ќе ни се смеат. А не постои човек што не се плаши од ништо. Стравот ни е вроден. Човекот од секогаш се плашел, а тој, стравот го донел прогресот. Да не беше стравот од темнината, никогаш не ќе беше пронајден огнот. Не знаеме што се крие во мракот, па затоа се плашиме. Да не е стравот од темнината, многу љубови никогаш и не ќе започнале. Стравот од темнината бил тој што ја натерал девојката да побара спас во неговата прегратка, барајќи заштита, чувствувајќи се посигурна во прегратката, наслушнувајќи го неговото забрзано и длабоко дишење, слушајќи го ритамот на неговто срце ... без да знае дека и тој кутриот е уплашен. Се плашиме од непознатото... На девојчињата им е допуштено да се плашат и од помали нешта, но за машкото е срамно да се плаши. Тој треба да е заштитник... Свети Ѓорѓија кој храбро ќе го убие глушецот, пајакот ќе го сплеска за ѕид, бубашвабата ќе ја згазне, а уште ако ја убие и змијата, ќе направи вистински подвиг достоен за поема. Се плашиме и од нагли промени... Се плашиме и од болести, од громови, од духови и вампири, од смртта, од староста. Се плашиме од долгови, од кредити и каматни стапки. Се плашиме да не не’ избркаат од работа. Се плашиме да се побуниме кога платата ни е мала. Се плашиме за здравјето на нашите деца и дали парите ќе ни стигнат до следната плата. Се плашиме да разговараме со сомнителни типови, за да не помислат дека и ние сме како нив... Се плашиме да не ни претече бојлерот, зашто немаме пари за нов. Се плашиме од празници и годишни одмори, од келнери и даночни инспектори. Се плашиме да признаеме дека нешто ни се допаѓа и од „ оние другите “, за да не  не’ прогласат нашите за предавник. Се плашиме – што ќе речат другите за нас. Се плашиме од вистината... Се плашиме да признаеме дека ни е страв.
Кога бев мал, се плашев штом ќе ја угасеа сијалицата...Гранките од смоквата што растеше до скалата, кои се подаваа над прозорецот, во ноќите со месечина, ми заличуваа на раце кои се трудат да влезат во собата. Ме плашеа и глувците, што грицкаа весници во сандакот за дрва од стариот шторет на дрва... ми беше страв да не ми ги изгризат ушите. Се плашев и од завивањето на ветерот , кој се обидуваше да ја отвори старата, влезна, дрвена врата, а таа само крцкаше и тропаше... Се плашев да одам сам да наполнам вода од Тушанка, зашто  Големите Спили од мојата висина ми заличуваа на огромен човек со отворена уста во профил, па мислев дека карпата е Бог. A смртно се уплашив, кога бев војник... кога имав наполнета пушка и бев на стража. Бевме на Селиште... место некаде на Фрушка Гора. Мапата на воениот имот заличуваше на чевличе, на парамециум. Стражарската куќичка беше далеку од кецот... беше на високо место, опколено со шума, а се наоѓаше некаде на крајот, а кецот беше на врвот од чевличето. Велеа дека истрелот од куршум на кецот, не се слушал до куќичката. Двојката беше од другата страна на долчето, низ кое се тркалаше или потскокнуваше мало поточе. А пред кецот поминуваа пруга и пат. Местото беше убаво... зад стражарската куќичка на стражарското место број еден, имаше рид, обрастен со багреми и трева... висока трева. Ридот беше издупчен со подземни туели, кои беа магацини за течно гориво. Буриња имаше и покрај патеката, но тие беа празни, па ноќе кога се ладеа испуштаа звуци кои заличуваа како некој да фрлил камче по бурето... поради што ме лазеа морници. Поточето беше сосем мало... можеше да се прескокне со еден скок, без да се наводениш, па се чудев, како ова поточе толку надошло и одзело нечиј живот. А тоа беше неодамна. Иако од тогаш имаше поминато еден месец, колата уште стоеше покрај поточето и патеката. Беше бел „тристач“. Покрај него уште стоеја трагите во калта... некои беа од боси нозе, а други од војнички чизми. Војниците успеале да ги спасат девојчињата, но ... мајката умрела. А велат дека духот на умрените од насилна смрт, останува овде... лута, не оди на оној свет. На врвот од ридот се гледаа неколку крстови... биле војнички гробови од некоја војна.
Тој ден, не’ посети мајорот Павлов и ни рече дека состојбата на Косово не чини... дека и во Полска не чини. Во државата биле забележени диверзанти, па добро требало очите да ги отвориме. – Удвостручите страже! – рече мајорот Павлов пред да си замине.Тој беше политички комесар.
- Дје- вој- ке у лјет- ним ха- љи-нама вооо- лим... се слушаше од касетофонот, кога десетарот Иванишевич ми рече: „ Партиков, припреми се за стражу!“ Ја зедов пушката и погледнав низ прозорецот. Надвор беше потполн мрак... најцрното црнило. Прст пред око не се гледаше. На кецот требаше да одиме двајца, јас и Петрович Пејо од Јајце... во мракот требаше да се џариме четири часа, за мојата и неговата смена. Но, сепак, подобро е двајца... По десетина- петнаесет минути пешачење, стигнавме до кецот. Облакот комарци веднаш се пресели над нас и се подели на две... но ништо не ни можеа зашто имавме Бибан. Само што ќе чинеше – Ззнннн , веднаш бегаше. До десет на стража беше Стипе, од Сплит. – Чују се кораци... рече, а гласот како да не беше неговиот. Не му го видов лицето поради темнината, но гласот го издаде... беше преплашен.
Со Пејо се договоривме тој да гледа назад, а јас напред... во правец на поточето. Кога посакав да запалам, ми рече – Немој, ќе не откријат... тоа го рече одвај чујно, со шепот. Гледав напред, а ништо не се гледаше... само црнина. А некаде лаеше куче. Лаеше упорно, чиниш човекот е веднаш тука, пред него. Кучето беше на некое од околните лозја и лаеше штом сонцето ќе зајдеше... кутрото. Изгледа и тоа се плашеше... лаеше од страв. Лаеше по месечината. – Има некој... прошепоти Пејо. – Овде е ... зад нас. Му ги слушам чекорите во тревата. – Ај , помислив... двајца се изгледа. И јас имав впечаток дека некој се движи пред мене. Барем да запалевме по една, ќе се опуштевме некако... а вака, гледавме со ширум отворени очи во мракот, претворени во уво и накострешени како волци. По некое време зароси... ситен некој дожд. – Немој во куќичката, рече Пејо, ќе не заколат... првин таму напаѓаат диверзантите. Сега беше уште потешко. Се напрегавме да ги разликуваме звуците... да ги одделиме од дождот, кој ни ја усложнуваше маката. Силен звук на локомотива не’ извади од памет... се појави силна светлина, но сал за миг, а потоа силно тракање на тркалата по шините во потполн мрак, кое ми се чинеше бескарјно долго. – Додека минуваше возот, можеа да ни влезат и да не’ исколат, - рече Пејо.
Пред полноќ дувна ветер, ги растера облаците, прекина дождот и огреа полна месечина. Некаде запеа був, па морници  ме полазија. Гледав во правец на колата... долго гледав. Месечевата светлина се одбиваше од колата и трепереше. Наеднаш нешто бело затрепери до колата и видов невеста во бело како стои до колата. До неа застана војник... или можеби беше офицер. Но, и тој беше бел...речиси проѕирен. В рацете држеше букет. И го подаде, а таа го бакна... Зарем е можно? Значи, постојат духови... Ги затворив очите и пак погледнав во истиот правец. Двајцата уште стоеја до колата и се гледаа во очите. Беа на триесетина метри од нас. Косата ми се исправи... шлемот ми стоеше на врвот од влакната. Срцето ми чукаше силно... како на појачало го слушав биењето на сопственото срце – Баам – бап, баам – бап, баам- бап... а потоа го слушнав и шуркањето на крвта во моите вени. Го откочив автоматот, но не ставив куршум во цевката... никој до сега не убил дух. Двајцата вљубени тргнаа кон ридот и се загубија некаде кон подземните тунели, кои беа вкопани во брегот. Малаксав од страв... седнав и веројатно сум задремал. Кога ги отворив очите, нешто големо црно ми идеше во пресрет... ја немаше месечината, па не можев да гледам добро. Но, тоа црното дишеше... беше нешто живо. - Можеби е мечка.- помислив. Кога дојде до мене, почна да ме мириса, а потоа ме лижна. – Ме проба дали сум сладок, пред да ме изеде, -си помислив. Но, не ме касна. Некако ја испружив раката и го помилував она живо , црно пред мене, а тоа се пикна уште повеќе во мене. Ја познав... беше нашата војничка кучка. Добар германски овчар. Почувствував олеснување и почнав да ја милувам, а таа ме лижеше по лицето. Набргу дојде и смената на стражата.
Следната смена бев од шест до осум... Пак слушав чекори. Бев сиот накострешен. Застанав... и тие застанаа. Дадов два чекори, а и тој некој зад мене продолжи. Помислив дека некој од другарите сака да ме уплаши... нагло се свртев и ја вперив пушката кон него. Зад мене стоеше срна. Беше прекрасна. Прв пат видов мало срнче во природа. Стоеше и ме гледаше прашално. Со палецот полека поминав на затварачот од автоматот. Ја откочував внимателно, за да не ја уплашам срната. Цевката ја држев во нејзиниот правец... немаше потреба да нишанам... беше на пет чекори од мене. Потоа со средниот прст го напипав железото и почнав да внесувам куршум во цевката... тоа траеше бескрајно долго. Не смеев да штракнам, за да не ја уплашам, а со срнчето се гледавме в очи. Куршумот беше веќе во цевката, показалецот ми беше на чкрапецот и полека го повлекував... но, од дрвото падна едно гранче, срнчето нагло се сврте и се уплаши, па во неколку скокови се најде меѓу багремите. – И поарно, си реков. – Подобро што не ја убив...
Нагло крцкање, а потем силен тресок, ме оттргнаа од мислите,па отскокнав во еден ров покрај поточето. Кога се свртев, го видов паѓањето на еден наполу  скршен багрем... Почнав гласно да пцујам.
- Што е војнику? Се преплаши? – ми дофрли еден минувач кој одеше на своето лозје.  Тогаш гласно се насмеав, зашто почувствував олеснување... колку е убаво кога ќе помине стравот. Но, стравот како сенка не’ следи. Кога ќе победиш еден страв, доаѓа друг, па така цел живот ни поминува во борба со нашите стравови, а последен е соочувањето со смртта...

вторник, 14 септември 2010 г.

Зијах Соколовиќ и Кабаре - кабаре


Синоќа, како специјален гостин на XVIII ФКТ „ Ристо Шишков “, на големата сцена од Домот на културата Во Струмица, два саати урлаше, скокаше, на моменти шепотеше, зборуваше со брзина од 362 збора во минута... се потеше под светлото на рефлекторот, пцуеше без влакна на јазикот, се трансформираше од несреќен средовечен маж во дебела жена, од мал обичен беззначаен човек, во старец кој се пишмани што не ги ебел сите оние што можел, па сега е спремен тоа да го направио со сите нив, но од него веќе тоа никој не го бара... големиот
Зијах Соколовиќ...

Претставата беше еден вид предупредување и апел до сите оние будали во гледалиштето, до сите оние  безначајни мали луѓе да почнат да живеат во сегашноста, зашто и онака еден ден ќе се каат за пропуштените шанси... да не веруваат во светлата иднина која веќе три милијарди години ја најавуваат - а никако да дојде, да престанат да веруваат во идеалите зашто тие веќе илјадници години се актуелни, зашто рајот е фатаморгана, како и иднината...




петок, 10 септември 2010 г.

Во друштво со Смилевски

Деновиве во Струмица престојува професорот Цветко Смилевски, директор на Бизнис Академијата Смилевски, кој е заинтересиран за ширење на својата академија и во Струмица, покрај веќе постоечките во Скопје и во Битола. Неговиот престој,  го искористивме за заедничка средба на кафе во Глобал. На излегување од автомобилот, откако разгледа наоколу, професорот рече: „ Струмица станала европски град... ние тешко ќе можеме да ве стигнеме.“

Брачниот пар Смилевски, Цветко и Цена, се симпатична двојка и во нивно друштво се чувствував пријатно... опуштено. Разговаравме како да се познаваме со години и без „ракавици“. Професорот ми ги образложи своите планови за ширење на БАС во Струмица, како град со голема концентрација на успешни приватни фирми, град на работливи и претприемливи граѓани, град кој полека прераснува во центар на југоисточниот регион. Најпрво планираат да отпочнат со додипломски студии за вонредни студенти, а нивна целна група се претприемачи, кои веќе се докажале како успешни менаџери, но го немаат дооформено своето образование.

Кај нас во БАС, најважни се студентите... тие се нашите клиенти и се’ им е подредено ним, на нивните потреби и барања... а професорите се овде да одговорат на нивните барања. Можеби кај нас не предаваат најдобрите експерти во своите области, но предаваат најдобрите учители, кои умеат своето знаење успешно да им го пренесат на студентите. Затоа, една година задоцнивме со стартот, откако ги добивме потребните акредитиви. Но, за нас тоа не е изгубена година, зашто моравме да ги направиме потребните подготовки... да обезбедиме кадар кој ќе одговори на нашите барања, кој ќе има слух за новиот начин на работа, што си го зацртавме. Ние не требаше да откриваме топла вода. Доволно беше да ги следиме примерите кои успешно се спроведуваат на запад.
Додека професорот зборуваше, неговата сопруга го голташе жедно секој збор и оддаваше впечаток на жена која сиот свој живот му го посветила нему... на одана сопруга која живее во неговата сенка, но не за да се одмара, туку личната среќа и сопствената кариера ги ставила во втор план... Госпоѓата Цена Смилевска е вистински доказ дека зад секој успешен маж, треба да стои силна и амбициозна жена.
Нив ги интересираше, што би можеле да видат, додека се овие неколку дена во Струмица. Се чини прашањето беше упатено на вистинската адреса... Им предочив дека мора да ја посетат Римската терма во Банско, водопадите кај Колешино и Смоларе, манастирите во Водоча и Вељуса. А, кога им го раскажав преданието за Струма, за грешната девојка, која го предала својот татко и по чие име денес градот се нарекува, посакаа да го видат и нејзиниот гроб.
Се договоривме за денес попладне повторно да се сретнеме и да им бидам водич на прошетката низ Баница, Водоча и Вељуса.
Од селото Баница, кое е западно од Струмица, се гледаат Царевите кули, каде некогаш живеел некој владетел, кој имал убава ќерка - Струма. Додека градот бил под опсада од непријателите, убавата Струма се вљубила во некој војсководец, непријател на нејзиниот татко. Понесена од љубовта, таа ја оддала тајната на нејзиниот татко, за потковувањето на коњите наопаку, поради што никако не можеле да му ја најдат насоката. Откако тајната била откриена, лесно му било на побројниот непријател да ги совлада малубројните чувари на тврдината. Таткото, кога дознал за предавството на својата ќерка, ја проколнал - земјата да не ја прима девет пати. Во нејзин спомен, денес во Баница сведочи нејзиниот гроб, како предупредување - како завршуваат предавниците на сопствениот народ.

Потоа, патот го продолживме кон Водоча, каде е познатиот комплекс водочки цркви св. Леонтие, а светецот потекнува токму од некогашниот Тивериопол. Таму ги очекуваше ново изненадување - вреден манастир, подигнат во близина на некогашната Бела Река, чии води сега се заробени зад насипот на браната Водоча, а по беласичката битка, овде им биле ослепени очите на 14 000 војници на царот Самуил.

Патот го продолживме кон Вељуса, до манастирот од XI век, подигнат од игуменот Мануил, на една бигорна монолитна карпа, посветен на св. Богородица Елеуса.
Секој што го посетил манастирот го рекол истото - дека чувствува смирение на душата...


Откако се одморивме, си заминавме полни со впечатоци и со наполнети батерии.