четврток, 17 март 2011 г.

Од семинарот во Кавадарци


Денес, во кино-салата на Домот на културата во Кавадарци, се одржа семинар за наставниците по Македонски јазик, Историја, Ликовно и Музичко, од основните училишта во Струмица, Гевгелија, Дојран и се разбира - градот домаќин, Кавадарци. Советниците по овие предмети, им ги презентираа на наставниците новините за користењето на информатичката технологија во наставата.


Советничката по Македонски јазик, м-р Блага Панева, ни објасни  како треба да се користат новите апликации од областа на народното творештво за митови, легенди и преданија. Интересно е што содржините, покрај можноста за читање, можат и да се слушаат, а постои можност и за самооценување.



сабота, 12 март 2011 г.

Трибина со граѓаните на Струмица





 Синоќа, во преполнетата сала на НУЦК Антон Панов во Струмица, се одржа трибина, на која министрите од Владата на Република Македонија, зборуваа за постигнатото и за своите идни планови пред граѓаните на Струмица. Најпрво Присутните ги поздрави премиерот на Република Македонија, Никола Груевски.

 Потоа, за успесите на оваа Влада во изминатиот период, зборуваше министерот за финансии, Зоран Старвевски.




На трибината присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, господинот Зоран Заев, кој постави неколку прашања.



недела, 6 март 2011 г.

Средба со Марија и Зоран

Каде и да си, што и да си, мораш да знаеш и од каде си, чиј си, зашто корените влечат... Крвта вода не бива. Благодарение на интернетот, воспоставивме некои подзаборавени контакти. Едни за други знаевме од слушање, од старите, пожолтени фотографии, од избледените спомени. А растевме... нашиот број се зголемуваше. Еден по еден, Лазар ги собра синовите кај себе, а зад нив останаа спомените, зачувани во пожолтените фотографии на семејните албуми и во нашите глави... зад нив останаа и подзаборавените приказни.
 Долго време не знаевме дека сме внуци на ист дедо, а од различни баби. Тоа, нашите татковци,  го криеја од нас како најсвета тајна. Дедо ми Лазар, бог да го прости, пред стотина години ја напуштил Вељуса и дошол во Чифликот во Струмица, па се оженил со Ѓурѓа. Бил домазет. Таа му ги родила : Кољо, Костаќе, Васил, Пано и Родна. Потоа Ѓурѓа се упокоила.
Кољо веќе бил голем кога татко му, Лазар, се преженил со Софија, но на Родна, која имала само три- четири години и’ требало мајка, па  „новата“ мајка си ја завикала - мамо. Софија, чие семејство по палењето на Дојран се населило во Струмица, имала прележано шпански грип, па на своите деца - Миле, Александар и Драга им оставила во „наследство“ отпорност кон таа опака болест.

Од нашето последно видување беа поминале повеќе од триесетина години. Сега веќе подостарени, со по некој колограм повеќе и бели влакна во косата. Зоран е веќе дедо, а јас таа  „титула“ допрва ќе треба да ја очекувам. Главен „виновник“ за таа средба е Марија, неговата жена, која неочекувано, без никакво барање, самата се понуди да ми помогне околу книгата.


За неа знаев од весници дека лекува со билки. И сега го прави тоа... кај неа доаѓаат и наоѓаат лек за својата болест луѓе од секаде. Има многу пријатели, а малку роднини. Таа е поголем Партик од својот сопруг - Зоран. Ведра е, секогаш насмеана и полна со љубов и разбирање за сите. Ја паметам кога беше млада невеста, а сега подостарела... се изменила.  На неа личи, ќерка и’ Лени, која го носи името на баба и’ Лена, од која го наследила  гласот и љубовта кон пеењето.


понеделник, 21 февруари 2011 г.

Од активноста на најмалите

Кај најмалите нешто интересно се случува... сите исполегнале во круг и нешто прават. Со нив е и нивната учителка - Вера, но и таа занесено работи. Мора да е нешто интересно.

Нешто цртаат заеднички. Повеќе усти - изедливи, но повеќе раце - работливи. А кога нешто заеднички се прави побрзо и поубаво се завршува.


 Велат дека крајот го краси делото, а нивното дело навистина е достојно за почит. Сите се горди на постигнатото и воопшто не е важно чија рака каде боела, кој цртал на главата а кој ги цртал рацете, најважно е да има се’.

понеделник, 31 јануари 2011 г.

Новото милениче

Денес, најмалите, првачињата во Костурино добија како подарок од својата учителка папагалче. На радоста и‘ немаше крај.

Папагалчето немало име, па мораше да му се одбере некое, а било женско.

На крајот, решија папагалчето да го викаат Аника.

петок, 28 јануари 2011 г.

Унапредување на медиумската писменост во образованието

Денес, (28.01.2011г.), во 14 часот, во хотелот Илинден во Струмица, започна семинарот за Медиумската писменост во наставата по мајчин јазик, на кој беа поканети наставниците што предаваат Македонски јазик во селските средини во струмичкиот регион.


Во медиумската писменост не’ воведуваа Дарко Булдиоски и Дејан Андонов, а работеа по следната агенда: 14.00 - 15.15 - Вовед во медиуми и медиумска писменост, 15.15 - 15.45 -ручек, 15.45 - 17.00 -Влијание на медиумите во општеството, 17.00 17.10 кафе пауза и 17.10 - 18.00 Нови медиуми.

Денес семинарот продолжи со работа, а во улога на обучувач се појави Дејан Андонов.
Теми на денешниот семинар беа: „Основи на новинарството и медиумска продукција“ и „Политиката и медиумите“.


среда, 19 јануари 2011 г.

Работилница

Вчера, 18. 01. 2011г. , ден спроти Водици или Богојавление, во просториите на УО „Даме Груев“- Куклиш, беше најавена работилница за наставниците од предметна настава.

Оние што мислеа дека работилница е просторија во која се чува алатот и со себе планираа да понесат клешти, дупчакли, одвртувачи... беа грешка. Целта на оваа работилница беше да се утврди етичкиот кодекс на наставниците за оценување. Со работилницата раководеше училишниот педагог - Николина Јашкова. Се разви плодна дискусија, а се стекна впечаток дека сите колеги одлично ги знаат сите етички аспекти при оценувањето, но во праксата се соочуваат со свои и туѓи, поголеми или помали недоследности. На крајот беше потпишан и кодексот до кој треба да се држиме во иднина.

понеделник, 27 декември 2010 г.

Предновогодишна забава на БАС во Де Ниро - Битола

На 25. 12. 2010. год. во пицеријата Де Ниро во Битола, на заедничко предновогодишно дружење се собраа професорите, студентите и соработниците на Бизнис Академијата Смилевски.
Со чашка пијалок и вешто одбрано и убаво декорирано мезе, студентите и нивните професори се дружеа и разговараа опуштено, за своите идни планови.

 

Целта, на овој прв од таков вид собир, е да се надминат бариерите меѓу професорите и студентите, а тие како идни менаџери, да стекнат навика да ги негуваат и одржуваат контактите, зашто  во бизнисот човечките ресурси се од непроценливо значење.