четврток, 21 февруари 2008

ГРЦИЈА И ПРОБЛЕМОТ СО ИМЕТО

Нашиот јужен сосед - Грција (или Елада,како што самите милуваат да ја нарекуваат) западниот свет ја нарекува „ ЛУЛКА НА ДЕМОКРАТИЈАТА“...но денешните Грци,кои себеси се нарекуваат -потомци на некогашните Хелени, од демократија немаат ни Д. И тоа не од сега,кога на својот северен сосед кој пред 17 години се осамостои како независна држава, а произлезе (на мирен начин ) од СФРЈ. Проблемот на Грција е многу стар, своите корени ги влече не од 1948- кога изврши етничко чистење на територијата на Егејска Македонија; не од 1913 -кога вршеше геноцид во Егејска Македонија, која ја доби како воен плен на букурешкиот мировен договор (доби 51 % од вкупната територија на етничка Македонија);- туку од поодамна... уште од времето на Филип II и АлександарIII (Македонски или Велики). Огромна е разликата меѓу некогашните Грци и некогашните Македонци. Тие се разликувале по многу нешта. Грците имале високо мислење за себе и од високо гледале на сите негрчки народи (меѓу нив и на Македонците) нарекувајќи ги -варвари... значи шовинизмот кај нив има традиција. Додека грчките полиси живееле во постојана неслога и меѓусебни војни, Македонија била унитарна држава на чие чело стоел крал , чија моќ се протегала на територијата на целата држава. Тој во исто време бил и врховен воен заповедник над редовна платена војска, која во случај на војна се дополнувала од резервен состав во кој влегувале сите здрави и способни мажи . Во тоа време -грчките полиси немале редовно обучувана војска ( освен Спарта). Нивната трговска флота во случај на војна преминувала во воена, а војниците биле занаетчии и трговци. Постоела разлика и во јазиците, а јазикот е најсилен белег на една нација. Потврда за ова дава и Харолд Ламб, кој својот роман за Александар Велики го пишувал според римски и старогрчки извори, а и едните и другите се потпирале на дневниците што на својот поход кон исток ги воделе Александар и најбиските негови соработници. Во романот, Харолд Ламб на неколку места прави разлика меѓу македонскиот и грчкиот јазик,т.е. кога им се обраќал на своите војници, Александар зборувал македонски, а кога сакал сите да го разберат, се обраќал на грчки, на што македонските војници му замерувале. Современик на ФилипII и Александар Македонски е најголемиот грчки говорник Демостен. Тој сиот живот го посветил на антимакедонската кампања, т.е. држејќи жестоки говори против Филип . Во тоа време во Атина имало две партии- едната промакедонска, а другата антимакедонска на чие чело стоел тој, Демостен. Тој го предупредувал грчкиот народ од опасноста што со себе ја носи сојузот со Македонија, бидејќи тоа нема да биде сојуз, туку вазален однос, при што грчките полиси ќе бидатставени во понижувачка улога. Ако Демостен е Грк, а во тоа нема сомневање, а Македонците се варвари и поробувачи, како може денес Грците да тврдат дека Александар бил Грк. Не може во исто време и едниот и другиот да бидат Грци. Чудно, до сега не се памети некој народ до заслепување да го обожава својот поробувач.
Во 1913 во Букурешт Македонија беше заклана... најголемиот дел од вкупната територија на Македонија доби Грција- 51%, иако грчкото население таму беше во малцинство. Најголем дел од народот во тој дел од Македонија беа Македонци и Турци, а покрај Грци , имаше и Евреи, Власи, Ерменци, Цигани и др. Најголем дел од обработливата земја, пасиштата и шумите беа во посед на Македонците и Турците, кои беа земјоделци и сточари. Грците го населуваа крајбрежниот појас и се занимаваат со риболов и трговија. Солун во тој период беше отворен трговски град во кој мнозинството го чинеа Евреите, Турците, Македонците, Ерменците, Циганите...Грците беа малцинство. Британските агенти ја советувале тогашната грчка влада да го мотивира грчкото население да купува земја и да се занимава со земјоделие, ако сака да ја задржи Македонија и да работи на демографската политика... на етничкиот состав на Егејска Македонија. Потоа започнува процесот на етничко чистење и геноцид, за што никој не ја обвини Грција. Во неколку наврати, Грција направи размена на население со Бугарија и Турција , при што македонското население, без известување и без негова волја беше протерувано од своите вековни огништа и упатувано во Бугарија, а турското население кон Турција. На нивно место беа населувани Грци и Власи од Бугарија и од малоазискиот брег. Беа носени и Грци од Русија, од Кавказ... Како резултат на таквите размени - Мелник станал пуст, град на духови. Но и тоа не било доволно... Грци од пасивните острови биле упатувани по плодните македонски полиња како аргати, кои никогаш не се враќале назад, ами се женеле со македонски девојки и според грчките обичаи добивале земја како мираз. Мирното македонско население, кое дотогаш живеело во етнички чисти села, не го знаело грчкиот јазик и го немало тој обичај, но мешајќи се со грчкото население, го прифатило обичајот. Грчката влада го забранува македонскиот јазик, дури и за домашна употреба. Таков шовинизам историјата не памети.
Кога заврши Втората Светска Војна, во Грција се разви граѓанска војна. На една страна беа оние што ја извојуваа слободата борејќи се против фашизмот- грчките комунисти , чие мнозинство беа Македонците и монархофашистите отворено помагани од Британија, која до вчера се бореше против фашизмот. Грчката Комунистичка партија беше единствената која покажа спремност за решавање на македонското јазично прашање, т. е. единствено таа изрази спремност да им дозволи на Македонците образование на свој мајчин јазик, поради што македонскиот народ застана на нивна страна. Исходот од таа војна одамна беше познат- победата ја однесоа монархофашистите отворено помагани од Британија и веднаш се пристапи кон етничко чистење на територијата. Македонците беа разнебитени во речиси сите земји на социјалистичкиот лагер и се разбира во Југославија. Од оние што беа протерани кон границата со Југославија, најголем дел остана во Македонија, но добар дел беше транспортиран за Војводина. Македонските бегалци се најдоа низ прифатните логори во Бугарија, Романија, Полска, Чехословачка, Русија... а еден добар дел помина преку океанот и стигна во Австралија, Америка, Канада... При транспортот, не се водело сметка фамилиите да бидат комплетни, туку штом ќе се натоварел некој вагон ( најчесто товарен ) се затварала вратата и останатите се товареле во следниот вагон. Неретко се случувало- мајката со две деца да се најде во вагон за Бугарија, а останатите деца во вагон за Русија... а имало фамилии чии членови биле разнебитени во три држави. Како некој да сакал на овој народ да му го сотре семето. По Втората Светска Војна започнаа Нирнбершките процеси... на германските фашисти им се судеше за нивните злодела над Евреите... над човештвото. На грчките фашисти никој и никогаш не им судеше до ден денес. Нивните злодела не само што не беа казнети, за да биде иронијата поголема - беа славени! Никос Казанѕакис за својата новела „ Алексис Зорбас“, во која главниот јунак, родум од Крит, е член на андартските чети што пустошеле, убивале, палеле и силувале низ Македонија. Членовите на Шведската Академија дали претходно ја прочитале новелата, пред да го наградат... замислете нобелова награда да добиеше германски писател чиј главен лик со задоволство се присеќава на злосторствата што им ги правел на Евреите во некој од логорите на смртта... кај ќе му беше крајот? Дали ќе се печатеше таква книга... а камоли да биде наградена. Згора на се, нашите недоветни литературни критичари го разгледуваа како веселник со широка душа и го вметнаа во лектирите за средните училишта, за да му се восхитуваат младите генерации... каков мазохизам. Подоцна во нашите локали беше хит музиката од филмот, а љубителите на сиртаки се обидуваа во играњето да го имитираат грчкиот веселник што колел Македонци, палел села и силувал Македонки. Па дури беа горди на податокот дека почива во Скопје. А деновиве на интернет налетав на блог што го носи неговото име, а креаторот на блогот е погодете- Македонец!
Грција нема проблеми со името, Грција има проблеми со минатото... на Грција како планина и тежат злосторствата над Македонците, чија земја ја обработуваат дојденците од Кавказ, од малоазискиот брег, од пустите грчки каменливи острови на кои освен кози не вирееше друга стока... Земјата ја користат дојденците, а во катастарот стојат имињата на оние што ги протераа. Кога - тогаш правдата ќе ги стигне... ако не европските судови, тогаш Бог - кој се гледа и кога- тогаш казнува.