недела, 13 декември 2009

КНУТ ХАМСУН


Во рамките на одбележувањето на празникот на заштитниците на градот Струмица - Св. 15 Тивериополски свештеномаченици, во организација на Тивериополската филмска алијанса, а во соработка со Кинотеката на Македонија, љубителите на седмата уметност од Струмица ќе имаат можност да видат двајца нобеловци на филмското платно – Кнут Хамсун и Семјуел Бекет.

Годинава се навршуваат 150 години од раѓането на Хамсун (1859 – 1952), а тоа е повод Амбасадата на Кралството Норвешка во Македонија, на македонските љубители на филмот да им ги претстави филмовите работени според новелите на овој свој нобеловец, кој го носи ореолот на предавник.

Некогаш, големите луѓе стануваат жртви на своите идеали или заблуди... така и Хамсун за време на Втората светска војна, застанал на страната на Квислинг, надевајќи се дека Хитлер ќе направи нов светски поредок, а Норвешка конечно ќе го добие местото што и припаѓа.

Во филмот акцентот е ставен на неговиот живот и односите со жена му - пред, за време и непосредно по големата војна, во која норвешкиот нобеловец си го извалкал името. Живеејќи осаменички живот, повлечен на еден селски имот, буквално глув и „слеп“ за она што навистина се случувало, Хамсут ќе го дочека крајот на војната како предавник. По неговото апсење го носат во лудница, каде го прогласуваат за духовно растроен...дијагноза недостојна за еден од најголемите светски писатели. Неговите белешки, кои почнал да ги води за процесот по долга апстиненција од перото, ќе бидат објавени 1949г. како НЕРАЗГАЗЕНИ ПАТЕКИ и ќе доживеат молскавичен успех.