сабота, 1 мај 2010

Српски краљ во ново руво



Една од постарите згради, градени во приодот меѓу двете светски војни и секако најубава е зградата на некогашниот хотел „Српски Краљ“, која деновиве изгледа како нова. А и нова е.



Некогаш, во приземјето беше Стара Нама... овде се продаваше текстил, златен накит... На спратот беа канцелариите на „Дрен“, а мансардите ги доби ДЛУС (друштвото на ликовни уметници од Струмица), па во една боемска атмосфера се раѓаа делата на нашите сликари. Понекогаш навраќав во ателјето на Стојче Гоцков, веќе починат сликар и мој пријател. Тој еден период беше сам, а потоа едно ателје делеа со Бранко Кончалиев. Тука, од Момчило Петровски - Момо, почина млад, слушнав за Момо Капор и „Фолиранти“. А за тоа дека зградава се викала „Српски Краљ“, слушнав од една стара пријателка на ноќта, која неколку дена висеше пред нашата капија на Мајевица, облечена во краток деколтиран фустан и мрежести чорапи со раб од позади. Не прашуваше кој од каде е и испаѓаше дека била секаде, ги знаела сите градови и паланки во некогашната СФРЈ. Кога ме праша мене, и’ реков дека таму сигурно не била. - Много си сигуран...-рече. А кога слушна дека сум од Струмица, рече дека е убав град. Ми рече дека јас не сум бил ни роден, кога таа пеела во кафаната „Српски Краљ“ и ми ја опиша зградата спроти Собранието.



Зградата е повторно нова, благодарение на Pro Credit Bank, која од старите сопственици ја откупи за свој деловен простор, со обврска да го зачува некогашниот изглед.

недела, 25 април 2010

Четврти ден



Денес беше последниот ден од обуката за Вреднување и оценување на постигањата на учениците. Откако продискутиравме за есејските прашања, поминавме кон работа и вреднување на проекти.



Повторно имаше празни столчиња... дел од колегите беа на друг семинар, а дел од неоправдани причини не беа присутни, па бидејќи ова им беше второ одсуство, не се здобија со сертификат... обучувачките беа доследни на своите принципи.
Ратко помина само колку да се видиме. Тој беше на обука за Edubuntu.



Гордана и Наташа секогаш ни беа при рака кога требаше да разрешиме некоја дилема. Патем забележав дека во неделите Гордана е со фатена коса, која поубаво и’ стои.



Групата зад нас е најмасовна и не ги собира во еден кадар.





Денес најтешко им беше на Јагода и Николина или дуо -Трио.





По исполнувањето на сите задачи од обуката, се премина кон свечениот чин- доделување на сертификатите. Обострано си разменивме комплименти за задоволството од соработката.
Можеби некогаш патиштата пак ќе ни се вкрстат.