недела, 30 август 2009

ВАРВАРИЦА



Ова е она што останало од некогашното село Варварица...третата и последна локација на жителите на Варварица, кои поради немање вода, поради секнување на изворите, на двапати се местеле и се настаниле овде, за да се иселат и распрснат по околните села засекогаш. Никој не живее веќе овде. Нивните куќи зјапаат немо, а каменот и црвеницата ги чуваат тајните на некогашното живеење овде. Последниот жител се иселил минатата година, на свои 90 години... а сега како единствен непостојан жител го најдовме неговиот син - Симо, кој овде доаѓал секој петок и останувал до понеделник. Тој е единствениот кој му дава некаква живост на селото... го уредил дворчето, засадил овоштарник со одбрани сорти јаболка, кои патем редовно му ги крадат дрварите на враќање, пред тој да ги вкуси зрелите плодови. Ја пристегнал куќата од дедо му, кој некогаш бил најбогатиот човек во селото, ја варосал и од чардакот, за време на викендите, ужива во глетката пред себе. Имал само пет години кога го напуштил селото, но никогаш не се откажал од него... вели дека го влечат корењата. Другите варваричани повремено поминуваат низ селото да насечат огревно дрво и само упатуваат нем поглед кон купот камења што некогаш им бил огниште.