недела, 20 април 2008

ЗА ВОКАЛНОТО Р

Нашата азбука, кирилицата, е фонетско писмо, што значи дека за секоја фонема имаме графема,т.е. графички знак- буква. Во гласовниот систем на Македонците има 32 гласа, а нашата кирилица има 31 буква, што значи дека графички не бележиме некој глас. Се работи за темниот вокал или јорот,т.е. големиот „ер“, за кој немаме графички знак, поради што имаме неправилно читање на вокалното Р.
Гласот Р спаѓа во групата на сонанти и има способност кога ќе се најде во одредени позиции да образува слог, поради што велиме дека е полувокал.
„Р“ е слоготворно (вокално) кога ќе се најде на почетокот на зборот, а по него доаѓа согласка, или во средината- меѓу две согласки.
Буквите од нашата азбука ги спелуваме така што самогласките ги изговараме со отворена уста, а при изговорот на согласките темниот вокал или „ерот“ го изговараме по секоја согласка, никако пред неа.
Но, што се случува со вокалното Р ? - Во некои позиции, темниот вокал е правилно да се изговори по Р, а некогаш, или почесто пред Р. Бидејќи темниот вокал графички не го бележиме, а и поради разлики во неговиот изговор во разните дијалекти, се соочуваме со неправилно читање на вокалното Р како од страна на ученици, така и од некои новинари.
Ако темниот вокал го бележевме, грешките немаше да постојат. Пред неколку години, на таа тема се обиде да проговори една група јазичари на чие чело стоеше Лилјана Минова-Ѓуркова,но иницијативата пропадна, бидејќи сета работа се исполитизира, демек со доаѓањето на власт на ВМРО ДПМНЕ, ќе се воведела бугарска азбука... значи старата кирилица е бугарска, и Русите, што во својата азбука ги чуваат „еровите“ се користат со бугарски букви. Глупости ... со јазикот се занимаваа политичари, кои немаат врска со проблематиката на јазикот.
Со овој мој текст , јас би сакал да помогнам, да објаснам ,како правилно да читаме и при ваква состојба, т.е. во отсуство на „ ерот“.
Кога Р ќе се најде меѓу две согласки, а по согласката не доаѓа самогласка, правилно е темниот вокал да следи по Р.
Пример: ВРВ, ЦРВ, ТРН,ЦРН, ГРБ, СТРВ, СТРВНА, ПРВ, СРПСКИ, ГРК, ГРЧКИ, ДРВНА...
Кога Р ќе се најде во средината, меѓу две согласки, а зад втората согласка следи самогласка, тогаш е правилно темниот вокал да го изговориме пред Р.
Пример : ВРВОТ, ЦРВОТ, ЦРВИ, ЦРВЕН, ТРНОТ, ЦРНА, ЦРНИ, ЦРНИЛА, ЦРТА, ГРБАВ, ГРБОТ, СТРВЕН, ПРВА, ПРВИ, СРБИЈА, СРБИН, СРЦЕ, ДРВО, ДРВЕН, ГРЦИЈА, ГРЦИ, ХРВАТСКА, ХРВАТ(И), ...
Истото правило важи и за ситуации кога Р ќе се најде на почетокот на зборот, а по него следи согласка . Во зависност од тоа дали по согласката следи нова согласка или самогласка, темниот вокал треба да го изговараме пред или по Р според правилото што го објаснив погоре.
Пример : РЖ, РЖТА, (темниот вокал правилно е да се изговара по Р, а некои наши граматичари го велат спротивното) , РСКАВЕЦ, РСКОТ, РТКА,
Кај примерите : РБЕТ, РТИ, - темниот вокал треба да се изговара пред Р. Во тие случаи најчесто темниот (испуштен) вокал се заменува со апостроф пред Р, но апострофот не е буква.
Текстот претставува мое размислување, не е препишан од никаде, ниту нарачан од некого и нема политичка заднина. Со него само сакам да дадам свој придонес во правилното читање и изговарање на вокалното Р.