сабота, 12 ноември 2011

Тридневна екскурзија низ Македонија

Конечно, осамна денот Д... (09.11.2011.г), ден по Митровден, кога требаше да се тргне на долгоочекуваната и долгопланираната тродневна екскурзија низ Р. Македонија. Тендерот го беше добила ТА Атлантис, чија понуда беше нешто поповолна (поевтина) од онаа на ТА Сафари.
Откако се уверивме дека сите се присутни и седнати на своите места, тргнавме кон нашата прва дестинација - манастирот Св. Гаврил Лесновски.
Метеоролозите најавија пријатно време во наредните два дена, а на третиот облачност и дожд во попладневните часови. И не погрешија. Имавме среќа... во ноември да не грее септемвриско сонце, а природата, пејзажот, како создаден за уживање...вистински празник за очите.

Варовничките карпи покрај патот не’ потсетуваат дека сме некаде близу манастирот... наидуваме и на пештерни ќелии, во кои некогаш веројатно престојувале монаси „пустиници“.
Пред нас е манастирот и шествековната црница пред него... истата онаа, под која седел агата од „приказната“, што ни ја раскажа монахот.
 „Седнал агата под сенката на старата црница, за да го напише ферманот, со кој требало да се даде заповед за рушење на манастирот и негово претварање во џамија. Но, неговите мисли ги „прочитал“ Свети Гаврил и в часот агата ослепел... не само што го изгубил видот, туку и десната нога и десната рака, во која го држел перото со кое требало да биде потпишан ферманот - му се одзеле. По некое време стигнал некој од неговите слуги за да го извести за уште поголема несреќа... изгорело во страшен пожар се  што имал агата - и плевната и амбарот и куќата. Тогаш агата се покајал. Сфатил каков грев ќе сторил и почнал да му се моли на господа за прошка. Заповедал да се заштити манастирот, па и ден денес, во подножјето на крстот има полумесечинка, симбол на муслиманите, со која се давало до знаење дека овој манастир е под заштита на државата.“
По неколку заеднички фотографирања, кои ќе сведочат за посетата на овој манастир, повторно сме во автобусот и продолжуваме кон Скопје,нашата следна станица. Глетката е прекрасна - раскош од бои, кои само мајката природа умее вака да ги распореди.
Патем, наидуваме на „спомениците на културата“ од времето на СДСМ или „столбовите на срамот“, кои немо сведочат за човечката глупост.
Поминувавме низ чуден предел... глетка која заличуваше на некое друго место и друго време.
Следени од сонцето, стигнуваме во Скопје... имаме малку време за разгледување на градот, зашто во 14. часот сме најавени за ручек.
Во Музејот на македонската борба за државност или популарно наречен - Музеј на ВМРО, не можевме, зашто не бевме најавени. Обиколката траела 50 минути, а групите не требало да бидат повеќе од 30 лица... а ние бевме 49 ученика и три наставника. Се упатуваме кон плоштадот, а речиси на секој чекор подзастануваме да фотографираме личности од нашата историја, кои со своите дела си обезбедиле  место покрај Вардар или на самиот плоштад.


Овде е и нашиот патрон - Даме Груев, а десно од него е Делчев. На некои им пречеше дека бил на коњ...„учителот“ одел пеш, а не на коњ. 
 Се договараме за заедничка фотографија под скулптурата на Даме...
На плоштадот доминира „коњаникот“, за кој сите знаеме кој е.
Точно на време стигнуваме на договореното место и се упатуваме кон ресторанот Македонска куќа.

По ручекот, следуваше посета на зоолошката градина. Таму се’ уште се работи на создавање на подобри услови за животните и нивната безбедност од неразумните посетители.
Кога го напуштавме Скопје, денот почна да и’ отстапува место на ноќта и набргу се стемни. До Маврово патувавме по темница. Нашите домаќини во хотелот Макпетрол, не само што не страдаа од претерана љубезност, туку изгледаа како целата планина да им тежи. Кога се раздени, видовме дека хотелот се наоѓа во прекрасна околина.
„Благословен е оној кој доаѓа во името Господово“, е цитат од Новиот Завет... овие зборови на Свети Јован Крстител може да ги прочита секој што ќе го посети манастирскиот комплекс посветен на овој светец,  кај народот познат како Свети Јован Бигорски.
Значајно за овој манастир е што иконостасот е ремек-дело на копаничарската тајфа на Петар Гарката. Од нивната мајсторска рака се изработени иконостасите на уште три наши значајни цркви: Свети Гаврил Лесновски, Свети Спас во Скопје и Свети Никола во Крушево, чиј иконостас настрадал во опожарување 1903. година.
За ручек бевме во ресторанот „Кутмичевица“ во Вевчани, каде што бевме топло пречекани и уште поубаво нагостени, а очите ни се одмараа во прекрасната глетка што се простираше пред нашите очи. За вечера бевме во хотелот Престол, откако направивме мала прошетка низ охридската чаршија. Третиот ден осамна без сонце, кое веројатно се беше сокрило зад оловносивите облаци.
На ред беше разгледувањето на Охрид, овој древен град, каде секој камен има своја приказна.
Најпрво бевме во Куќата на Робевци, стара, моќна охридска фамилија, која се занимавала со трговија со кожи, а во која слугувала мајка му на големиот Прличев.
Откако ѕирнавме низ собите на Робевци, на ред беше катедралната црква Света Софија.
Потоа се упатуваме по дрвениот „мост“, кој води кон Канео.


Веќе сме на Плаошник, првиот словенски универзитет, основан од Свети Климент Охридски.

Потоа се упативме кон Богородица Перивлептос, позната како свети Климентова Црква.
Тука се восхитувавме на фрескоживописот, дело на браќата Ефтихие и Михаило, водени од зборовите на најдобриот кустос во Македонија. Бев речиси дете (1975 или ’76.), кога покојниот академик Димче Коцо одржа предавање за проторенесансата во Македонија. Го голтав речиси секој збор и секој слајд и долго ги паметев неговите зборови дека „ десетина години пред италијанските ренесансни мајстори (Ѓото и Фра Филипо Липи),  да почнат да сликаат тродимензионално, овде, на Балканот, во Македонија, се напушта византиското сликање на светците со аскетски изглед и се слика тродимензионално,при што се користат и апокрифни текстови. Долго време нашите научници не знаеле, зашто било неможно и да се види, бидејќи фреските биле речиси црни од чадот на свеќите... дури откако го „исчистиле “ чадот виделе какво богатство спиело со векови на малтерот од црквата, која и на Турците не им се видела атрактивна, па затоа и не ја претвориле во џамија.
По испиеното кафе се упативме кон автобусот и по влажните улици на „Словенскиот Ерусалим“, се упативме кон градот на конзулите и клавирите, градот на културата, на кабадахиите и чаламџиите, на бадијалџиите кои по цел ден седат на Широк Сокак, пијат кафе или чај и гледаат во убавите жени или девојки, кои поминуваат пред нивните очи или седат на соседните маси и муабетат со кафето и никогаш не излегуваат од дома недотерани и ненашминкани.


 

Битола беше нашата последна дестинација... потоа се упативме кон дома и направивме само една мала пауза. Заврши едно прекрасно дружење, кое и ние и децата долго ќе го паметиме... нека ни простат ако некаде згрешивме.