среда, 9 септември 2009

Започна ФКТ Ристо Шишков



Вечерва, во 20.часот, градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев, од големата сцена им се обрати на своите сограѓани во преполнетата сала на ЦКИ Антон Панов, со што свечено го отвори Фестивалот за камерен театар Ристо Шишков. Од минатата година овој фестивал е меѓународен, а на него се доделува само една награда за актерска игра, затоа на актерите им е посебен предизвик учеството на овој фестивал.
На свеченото отварање му претходеше отварање на изложбата на слики од Битолската ликовна колонија „ Де Ниро“. Жал ми е што блицот ми направи рефлексија на сликата од мојот омилен сликар Васко Ташковски.

Покрај шанкот, каде отидов да испушам една цигара, го видов познатиот Џумерко од Прилеп, во друштво со своите колеги. Кога го замолив за едно кадро, ми рече: „ Сликај, ебааго...“



Тука видов уште едно познато лице од блогерајот, но и од мојата улица - Мирко Христов, со кого испивме по една Мастика.


Мастиките ни ги наточи познатиот струмички артист Ванчо Мелев, кого неговите колеги од Прилеп, на шега го викаа Мелевски.


Со својата висина и поетскиот потенцијал, останатите гости во фоајето ги надвишуваше младиот, но веќе докажан поет - Никола Маџиров.


Први, пред љубителите на театарската уметност во Струмица, се претставија членовите на НТ„Војдан Чернодрински“ од Прилеп, кои со својата маестрална игра , ја воодушевија публиката. Тие се претставија со „Тапани во ноќта“, во режија на Мартин Кочовски.















На крајот од претставата, актерите од Прилеп беа наградени со долг громогласен аплауз од воодушевената публика. Во 22.30 требаше да се претстават гостите од Мал драмски театар од Битола, со претставата „Граница“, во режија на Софија Ристевска... но, поради обврски си заминав и не ја гледав нивната претстава.

недела, 6 септември 2009

ТИКВЕШКИ ГРОЗДОБЕР 2009



За добро дружење, потребни се луѓе со добри намери и се разбира - добро вино и добро мезе. А за добро вино е потребно добро грозје и соодветна технологија, а се разбира и знаење и искуство... а сето тоа го има во вината на нашата најголема и најпозната винарија ТИКВЕШ. Во рамките на манифестацијата ТИКВЕШКИ ГРОЗДОБЕР 2009, група блогери се собравме во Кавадарци, за да (некои по втор пат) уживаме со чашка добро вино, добро мезе и пријатен разговор.


Во 14 часот се собравме пред влезот на комбинатот ТИКВЕШ, а нашиот домаќин накратко ни го објасни патот на виното од приемот на грозјето до финалниот производ.


При приемот на грозјето се врши мерење на неговата шеќерност, заради утврдување на квалитетот на грозјето... се врши и визуелна проценка на степенот на оштетеност на грозјето.




Од најквалитетните сорти грозје, потоа се произведуваат најквалитетните вина.


Но, за да се направи добро вино, не е потребно само добро грозје...многу лесно може од доброто грозје да се направи лошо вино. Многу фактори се потребни, за да се направи добро вино, а пред се’ соодветна температура, која е обезбедена во подрумите на ТИКВЕШ.


За доброто вино се потребни и соодветни садови - буриња, во кои тоа мора да одлежи. Бурињата се прават од дабово дрво, а по секоја употреба потребно е нивно чистење... механички мора да се отстрани горниот слој од дрвото, за да се отстрани винскиот талог. Во спротивно, бурето нема да ја врши својата функција и ќе имате лош продукт идната сезона.


За најдобрите сорти грозје, од кои се произведуваат најквалитетните вина на ТИКВЕШ, набавени се помали буриња од дабово дрво од Унгарија. Нивната употреба е ограничена...можат да се користат до три пати, а потоа се фрлаат.


Во подземниот ресторан продолжи главниот дел од дружењето, каде на „шведска маса“ беше поставено мезето, а виното овој пат беше по слободен избор. Јас го одбрав белото вино Alexandria Cuvee.





















На импровизираната сцена се слушнаа звуци од акустични гитари и гласот на Јаков Дренковски... се собра народот, чадеа скари, но кога стануваше најинтересно, моравме да се разделиме со ветување пак да се собереме... Идната средба веројатно ќе е во Валандово, на традиционалната РАКИЈАДА.