сабота, 24 април 2010

Трет ден...



Денес врнеше или поточно - росеше, а веројатно и утре ќе врне. Така кажале на вестите... На излегување морав да понесам чадор, зашто од дома до „ Сандо Масев “ сигурно ќе накиснев. Поради неколку натпревари, дел од колегите не беа присутни од оправдани причини. Работата се одвиваше во опуштена атмосфера.



Откако научивме како се прави анализа на објективните тестови, денес научивме како се изготвуваат тестови со есејски прашања и како се вреднуваат есеите или популарно наречените - писмени состави.











Пак се презентираше, а презентациите беа будно следени од присутните и по секоја презентација следуваше дискусија.





По напорната работа, заминавме на кафе, но овој пат не бевме почестени со присуството на нашите шармантни обучувачки - Наташа и Гордана.

недела, 18 април 2010

Втор ден од семинарот



Дека, изготвувањето на добар, објективен тест, не е лесна работа, знаев и од порано, а во тоа се уверивме денес сите учесници на семинарот. Тестовите, што до сега ги подготвував самиот, чувствував дека имаат некакви празнини... на одделни прашања имав неточни одговори и од учениците, за кои очекував дека го знаат одговорот, а на некои прашања, поради лошата формулација на прашањето, имав погрешни одговори. Самиот си правев анализа на минатите тестови... некаде согледував и свои грешки, но веројатно поради суетност, тешко признавав дека - какво ќе биде прашањето и одговорот ќе биде таков. За да имаме успешно завршена работа, мораме најнапред јасно да ја дефинираме ЦЕЛТА.



Работевме во групи, а секоја од групите имаше за задача да поготви тест по одредена област. Нашата група одбра да изготви тест преку кој треба да ги провериме знаењата на децата од второ одделение од областа на сообраќајот и нивната оспособеност безбедно да учествуваат во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и најосновните знаци, како и да ги разликуваат различните превозни средства и нивната намена.





Нашата работа будно ја следеа нашите советнички, па секогаш кога имавме некаква дилема, беа тука да ни помогнат и да не‘ советуваат или да го одобрат нашето мислење.















На крајот се премина кон презентација на сработеното, па секоја од групите одбра свој презентер. По излагањето следеше дискусија, која некои погрешно ја сфаќаа како критика.











На крајот, следуваше резиме и упатство дека овие тестови треба практично да се применат, а идниот викенд заеднички ќе направиме анализа на резултатите од тестот.



По успешно завршената работа, следуваше разгледување на сликите и краток разговор во опуштена атмосфера со кафе. Верувам дека никој од колегите не зажали за „пропаднатиот викенд“...