сабота, 29 март 2008

МАКЕДОНИЈА ПРЕД НАТО-самитот ВО БУКУРЕШТ

Се ближи денот кога (повторно, по 1913) во Букурешт ќе се носи важна одлука за Македонија.
Како одминува времето и тензиите растат. Полека испливува на површина грчкиот инает и нечиста совест која безобразно ја прекриваат. За нас приемот во НАТО е важен чин, ни нуди безбедност и ни ги отвара вратите за влез во Унијата.Но важно ни е и името Македонија, тоа за нас е прашање на идентитет. Откако Македонија ја прогласи својата независност, се соочува со пречки од своите комшии- Бугарија прва не призна, но ни го оспорува јазикот; Србија ни го признава јазикот и територијата, но не и самобитноста на МПЦ; Албанија не призна, но кришум работи на проектот- Голема Албанија(проект на Албанската Академија); Грција не призна, но ни го оспорува името и правото така да се викаме.Од самиот старт се соочивме со грчката непопустливост, па поради нив веќе направивме неколку отстапки-променивме неколку членови во уставот, -се откажавме од грижата за македонското малцинство во Грција,го сменивме знамето- со ѕвездата од Кутлеш,а 1993 станавме членка на ООН СО СМЕШНО И ПОНИЖУВАЧКО ИМЕ FYROM (под притисок на Грција). Грција , кога започнаа преговорите, се обврза да не го попречува, да не става вето ,на нашиот прием во НАТО. Кога преговараат две страни, логично е до решение да се дојде по пат на компромис, при што нема победници и поразени,т.е. и двете страни прават некакви отстапки. Од почетокот на преговорите до денес, грчката страна постојано условува и досега не направила ниту една отстапка, или можеби ни дозволуваат да дишеме од воздухот,да му се радуваме на сонцето, а на водите од Вардар помешани со фекалии од половина Македонија без визи им дозволуваат влез во Грција.
Во Македонија му се придава ,можеби и со право, судбинско значење на самитот на НАТО во Букурешт. Но, дали во НАТО и по цена на идентитетот? Што ќе ни е НАТО, ако сме обезличени? Во Македонија се поларизираа две струи : мека и попустлива, спремна на отстапки (онаа на СДСМ и претседателот на чело) и тврда и непопустлива онаа на Владата и ВМРОДПМНЕ (на чело со премиерот Груевски). На форумот на ИДИВИДИ, на темата За или против Демократска Република Македонија, јас застапував став,дека ова име не е навредливо (во споредба со БЈРМ) и дека е прифатливо со оглед на настаните во околината. Наидував на жестоки полемики, но мојот став еволуира деновиве, откако сватив дека Грците и немаат намера за спогодба...нивната цел е перманентна криза.Штом во Македонија ќе се создаде некаква позитивна клима за некое ново име , кое за нас не е така навредливо, тие го менуваат ставот и имаат нови побарувања. Со нив нема спогодба. Тие би сакале да не нема. Да се откажеме од имотите на протераните Македонци... Некои се до тој степен дефетисти, што почнаа да шират хистерија дека ако сега не влеземе во НАТО, за десетина години ќе не снемало како држава. Добро е што зад нас е Америка...таа е живо заинтересирана да влеземе во НАТО и притиска да се изнајде решение што нема да е навредливо за нас. Америка не призна под уставното име и немаше разбирање за грчкиот каприц. Во НАТО или надвор од него, ќе опстои овој народ. Не чекавме 2000 години да направиме држава, па да се распрсне како меур од сапуница. Сме издржале и полошо, па пак сме опстоиле...жилав е овој народ, како пиреј...само му требаат добри лидери, а не подвиткани опашки.

Нема коментари: