понеделник, 6 јули 2009

СТРУМИН ГРОБ

Западно од Струмица, на патот што води до Вељуса, каде што е познатиот манастир Св. Богородица Елеуса, е селото Баница. И ако сакате да стигнете до Водоча, каде што е прекрасниот комплекс од цркви Св. Леонтие, пак ќе поминете низ истото село и истиот пат. Но ретко кој од туристите, кои редовно ги посетуваат и Водоча и Вељуса, се задржува во Баница за да го види гробот на Струма, според која и денешната Струмица го добила името...така вели преданието. Оние што ќе го посетат гробот, ќе можат да ја прочитаат легендата за Струма, напишана на една метална табла, проект на Aqvila Avrea Macedonica.



Според преданието, Струма била ќерка на некој локален словенски владетел. Градот бил под опсада на Византијците, кои никако не можеле да го освојат, ниту пак да им ја најдат насоката, зашто коњите ги потковувале наопаку. Тајната сите ја чувале се’ додека убавата Струма несреќно не се вљубила во некој млад византиски војсководец, кому му ја открила тајната. Откако биле поразени и тврдината освоена, несреќниот тактко разбрал за предавството на ќерка си, па во момент на гнев ја проколнал ќерка си – кога ќе умре, земјата девет пати да ја исфрла од гробот.




Бев дете кога прв пат ја чув оваа трогателна приказна за несреќната Струма и го видов нејзиниот гроб, кој беше нем сведок и предупредување за тоа како завршуваат предавниците на сопствениот народ.


Пред десетина години се разочарав кога го посетив гробот. Гробот беше отворен, а во внатрешноста се гледаше мермерен саркофаг. Според димензиите на саркофагот, тогаш се запрашав дали тоа воопшто било гроб и ако бил гроб чие тело било погребано и во каква положба.

Со векови овој гроб стоеше осамен во полето и беше табу за сите што го виделе. Низ ова поле поминале разни освојувачи...Турците биле пет и пол века- не го отвориле. Потоа се сменувале Бугарите и Србите, но и тие не го отвориле. Гробот на Струма е отворен и ограбен во периодот кога станавме независна држава. Оние што го отвориле, ги интересирало само златото и ја чуваат тајната, а науката посиромашна за едно сознание.

Денес, при мојата посета на Струмин Гроб, уште повеќе се изненадив. До гробот некоја невладина организација поставила метална табла, на која ја раскажала легендата за Струма, а од внатрешноста на гробот се подаваа гранките на млада црница и капина. Кога ѕирнав внатре, мермерниот саркофаг го немаше... некој дополнително го ограбил гробот.

Можеби некој досетлив селанец, на чиј имот е гробот, еден ден на туристите ќе им продава Струмина Мастика и слатко од Струмината Капина.






Нема коментари: