среда, 10 март 2010

Еден мој ден



Додека размислував за насловот на овој пост, забележав дека во левиот агол на оваа фотографија, веќе имам добар наслов.
Веќе трет ден од март има снежна покривка... Се сеќавам на далечната 1980, кога на Осми март ме пратија девојчињата од нојот клас до единствената цвеќара во градот, во која работеше Гонцето-цвеќарката, исто така заврна снег. Прв осмомартовски за мене... Обично тој ден беше сончево или во најмала рака пријатно, но никако и снежно. Бев со плитки чевли и додека се вратам на час, нозете ми накиснаа. И сега пак е снежно, а како што велат - цел март ќе бил таков.



Снегот и зимата повеќе сакам да ги гледам преку прозорец.
Во колата ни е тесно, зашто сите сме топло облечени... прозорците се замаглени, а коловозот е влажен, поради што е потребно внимателно возење.


Во Костурино, како по обичај не пречекува студен ветар... - Надвор не е за мажи. - им велам на шега на колегите. - Го нема ни одборот за дочек. - дофрлува Весна, само како потврда дека навистина е ладно. Бевме навикнале секое утро да ги среќаваме машките, застанати под стреата на училиштето, но денес не не пречекаа...



Во канцеларијата, на масата не чекаше ново изненадување, но некој веднаш се сети дека невестата на младиот мајстор-Перо, сигурно се породила, па праша што е... - Син! - гордо рече Перо, татко на тригодишна ќерка. И додека го пиеме утринското кафе и наздравуваме со сокче, за здравје на синот на Перо, во канцеларијата влегува младата библиотекарка Бети и со широка насмевка ни покажува дека забите и‘ се здрави, а крајниците не и‘ се воспалени.





Но, веќе е време за час, па Весна го зема дневникот и оди, а во канцеларијата ќе остане Бети, да размисли што да нарача од Oriflame.


Додека децата се загледани во вежбанките и ја „везат“ втората писмена работа, во училницата е топло. Го отварам прозорецот... надвор е свежо. Го нема магарето на соседите. Сигурно е некаде под „сушина“... Небото е оловно-сиво, оџаците чадат и веројатно сите се собрани околу печката... Тивко е... Само едно куче со подвиткана опашка поминува. И нему му студи...



Се истркала и овој работен ден... уште една среда е зад мене. И додека ги чекам колегите да го одржат седмиот час, нарачувам кафе. Врбата, што расте веднаш до училиштето, единственото дрвце што некако успеа да порасне, веќе е напупена... ја излажа топлото време од претходните денови.



Кафето е веќе готово... Фиданка ми го носи со широка насмевка. Уште еден ден помина... постар сум за уште еден ден.

Нема коментари: