вторник, 11 септември 2007 г.

AПЕЛ

А П Е Л

Ние , соседите на неправедно приведениот Васил Бојаџиев, сме згрозени од она што го читаме , слушаме и гледаме во нашите печатени и електронски медиуми, во врска со неговата личност.

Нашиот сосед се товари за тешки дела против општата сигурност, врз основа на сведочењето на единаесетгодишен штитеник на Заводот , кој, како што се вели во соопштението, често ги менувал исказите. А ако некој ги менува исказите , тогаш нешто смрди. Васил Бојаџиев е претставен како агресивна личност, монструм кој им се заканувал на штитениците од Заводот дека еден ден ќе ги запали. Таков човек не живее на „ Иљо Шопов“. Човекот што ние го познаваме е мирен човек со топло срце и убав збор за секого. Тој е грижлив татко, добар сопруг и сосед каков што секој би посакал. Во неговото големо срце има доволно љубов и место за сите. Штитениците од Заводот ги сакаше како свои деца, тие тоа најдобро го знаат бидејќи честопати беа негови гости.

Апелираме до истражните органи професионално да си ја завршат работата и да не бараат вина таму каде што ја нема.

Во целата постапка нешто смрди! Никој не го објави името на дежурниот во критичната ноќ. Што правел додека му горело во близина, дали спиел или гледал телевизија?! Во колку часот малиот ја запалил свеќата? За колку време догорува една свеќа ?

Нека се направи реконструкција на настанот, можеби свеќата не е причинителот на несреќата...

НЕВИН ЧОВЕК ДРЖИТЕ ВО ПРИТВОР !

КОЈ ЌЕ МУ ЈА НАДОМЕСТИ ШТЕТАТА НА ВАСЕ БОЈАЏИЕВ ЗА НАРУШЕНИОТ УГЛЕД, А МОЖЕБИ И ЗДРАВЈЕ, ЗА ДЕНОВИТЕ ПОМИНАТИ ВО ПРИТВОР?

ДАЛИ ЌЕ БИДЕ ДОВОЛНО САМО ИЗВИНУВАЊЕ?!

ШТО БЕШЕ ТОА ПРЕЗУМЦИЈА НА НЕВИНОСТ!?

сабота, 8 септември 2007 г.

Коментар по повод притворањето на Б. В.

На почетокот да им изразам длабоко сочувство на родителите и блиските на трагично загинатите штитеници на Заводот во Банско. Нивната несреќа е ненадоместлива... Но морам да го изразам и својот револт од непрофесионалноста на новинарката Сузана Тасева. На госпоѓата Тасева , која трча по сензации , изгледа не и е познато дека постои презумција на невиност, па веќе во чудни околности осомничениот и притворен В. Б. речиси го прогласи за виновен .Нејзе не и е првпат осомничените да ги посочува со нивното полно име и презиме. Од вербална закана до злосторство можеби има само еден чекор, но и тој чекор треба да биде направен за да имаме злосторник. Се работи за тешко злосторство, ако е смислено направено... многу потешко од подметнување пожар во редовно училиште, бидејќи несреќата се случила ноќе, на спиење, а штитениците на Заводот се лица што не се во состојба сами да се спасуваат. Но, уште поголемо злосторство ќе се направи ако се осуди невин човек. Не сум правник но од општа култура знам дека за да се обвини некој треба да има деликт,мотив, средства со кои е извршен деликтот и сведок, кој не е секогаш неопходен. Некогаш доказите упатуваат на злосторникот и без да има сведоци. Во случајов имаме трагичен настан кој можеби е несреќен случај, можеби настанал од несакање или невнимание ,а да не заборавиме и на фактот дека понекогаш децата умеат и да лажат за да се спасат себеси.

Според законите на физиката еден предмет или во случајов лице, во исто време не може да биде на две места, а Б. В. критичната ноќ бил дома и има цврсто алиби. Кога разбрал за несреќата веднаш отишол да помага. Ако некој понекогаш пие, не значи и дека е злосторник. Се работи за тежок и сложен случај во кој судиите треба да се остават да размислуваат со ладна глава а не под притисок на новинарите. Со емоции не се донесуваат праведни пресуди. Факт е дека детето купило свеќи и дека свеќите ги запалило, но дали нема пиромани и меѓу децата? Размислете колку пожари се предизвикани од деца... од невнимание ,од незнаење,од небрежност.

Зарем сите нив некој ги наговарал?! На мојот братучед децата двапати му ја палеа куќата, за среќа се добро се заврши, но не ја фрлаа вината на друг...во прашање беше невнимание. Мој бивш ученик од Јеловјане предизвикал пожар,запалил плевна, веројатно од небрежност. И да не набројувам други случаи кога причинители на пожарот биле деца во игра и тоа дома.Повторувам - поголем грев ќе се направи ако се осуди невин човек. А како илустрација каков човек е господинот В. Б. ќе посочам дека честопати штитениците од домот ги носеше кај него дома. И покојниот Златко беше негов гостин. Тој ни мравка не би згазнал и не е човек што ќе наговори некого на такво грозоморно злосторство.

среда, 8 август 2007 г.

СПОРТСКИ РИБОЛОВ

Што е потребно за да се стане спортски риболовец ?
За да се стане спортски риболовец, најпрво е потребна желба, како и за секоја друга работа.Потоа треба да се набави опрема ( трска, најлон конци, јадици, пливки, оловца, храна за примамување, ранец, чуварка, црпка, а мамците се одбираат во зависност од сезоната и рибата што имате намера да ја ловите), да се зачлените во некое риболовно друштво, да набавите дозвола и да заминете на некоја река или езеро. Ако материјалната положба не ви дозволува да ја набавите сета опрема одеднаш, најпрво се купуваат најнеопходните елементи од опремата потребни за риболов, а останатите со текот на времето.

Најголема грешка се прави при изборот на опремата. Најчесто почетниците знаат дека сакаат да станат рибари и знаат дека им треба трска, а каква? Знаат дека сакаат да ловат риба, но каква? Во водата ги има многу -крап, црвеноперка, белвица, костреж, легва, сом...
Нашата земја е богата со води (реки и езера ), а во нив има риби, но тие се разликуваат освен по формата и големината и по начинот на исхрана. Не е исто дали ќе ловите пастрмка или сом. Со иста опрема не можете да ловите сом и белвица, или не е сеедно дали ќе ловите на река или на мирна вода. Најчесто кај нас на почетниците им препорачуваат трска со машинка, најлон 16, со 14 за подврз и им советуваат дека со таквата опрема можат да ловат се. Црвеноперката на таква дебелина на конецот послабо ќе гризе, а таа конструкција е преслаба за добар крап. Лесно е кога би знаеле дека во водата нема поголеми парчиња од 3кг. Рибата не знае каква марка е вашата трска, ниту кој ја држи трската, таа се залетува по мамецот, па често се случува најдобрата риба да ја фати некој почетник. Но, за да не ви биде риболовот чиста среќа , ве советувам пред да отидете по трска, веќе да имате на ум каде ќе ловите и каков вид риба ќе ловите, на тој начин ќе заштедите. Оние што го сакаат ловот на пастрмка, нека не го читаат овој текст, не го знам ниту начинот на лов на сом. Бидејќи најраспространета риба кај нас е црвеноперката, јас ќе се задржам на неа. Пред да ги потрошите парите по првата трска размислете каков тип сте и кој вид риболов најмногу ви одговара. Ако сте немирен дух и не ви се седи на едно место , туку ги сакате долгите прошетки , ви препорачувам да станете „ мушичар “ и да ловите пастрмка и кленови што во нашите реки ги има во изобилство. Ако по природа сте стрплив и можете со часови да чекате без да фатите риба - можете да ловите крап или сом. Но ако сакате да сте активни постојано, ви советувам лов на црвеноперка. Црвеноперката е риба што живее во огромни јата и нејзината ловна сезона трае преку целата година, со исклучок на сезоната за мрестот, кога треба да биде забранета , но не е , и периодот по нејзиното мрестење кога наеднаш исчезнува околу еден месец. Бидејќи трската е најважниот елемент од опремата, за лов на црвеноперка препорачувам лесна трска ( карбон ) , бидејќи цел ден ќе ви е во раката, а алатот не треба да му тежи на мајсторот. Должината на трската препорачувам да не е помала од 5м. а може и 6. Наместо да купувате повеќе трски со различни должини и опремени со машинки, купете само една- ама добра, затоа нека биде карбонска и долга како што реков погоре. Во зависност од сезоната и потребите, со вадење на членови, долгата трска се прави и пократка, но кратката не се продолжува.
Црвеноперката е риба што живее во јата и можете да ја ловите од брегот . Растојанието од брегот го менува зависно од сезоната, температурата на водата и притисокот. Најчесто добри резултати се постигаат на длабочина од 3,5 до 4м. (во вештачките езера, Дојран е поплиток). Ако ловите во Дојран , ќе може да ја ловите и влезени во вода до појас, но ќе барате места кај што нема капачи и ќе внимавате на дното- треба да биде песокливо или со школки.
Важен елемент од опремата се и конците. Никогаш не купувајте евтини конци, купувајте добри марки и внимавајте - одберете конец со потенко влакно а добра носивост. За лов на црвеноперка препорачувам 0,8 или десетка, ако правите подврз - нека биде потанок од основата. Јас користев 0,6 но таа дебелина ја препорачувам за поискусни рибари .
За лов на црвеноперка ви треба нежна пливка со мала носивост. Ако ловите на мирна вода,најдобро е за почеток да имате два комплета (намотани на моталка ) , едниот со пливка во форма на пенкало, а другиот комплет со пливка чие тело е во форма на топче или буренце. Кога има бранови пливката во форма на пенкало многу не ќе ви користи , затоа како универзална ја препорачувам малата пливка во форма на буренце, но со што помала носивост. Најмалите пливки се користат исклучиво за лов на плашки и белвици (дојрански) или за црвеноперки во време на мрестот.
Важен елемент е и оловото, т.е. отежнувањето на пливката. Отежнувањето на пливката е важно бидејќи таа е индикатор, т.е. ни кажува што се случува долу , дали рибата гризе и како гризе. Пливката е добро отежната око и се стави олово колку што треба, телото да и биде во водата, а над водата само перцето или антената во чиј врв постојано гледаме. Ако пливката не е добро избалансирана, таа нема добро да ни сигнализира. При изборот на олово внимавајте да биде со што поситни зрна и меко. Крупните зрна и крутото олово не се за вас. Постојат повеќе начини на распоредувае на оловото во зависност од тоа во каква вода ловите и во која сезона. Бидејќи препорачувам да одите на риболов само со една трска и тоа карбонска со должина од 5 или 6м. и тоа без машинка. Најпрво ќе отсечете парче кабел што ќе одговара за врвот на вашата трска, со должина од 2- 2,5 см. Жицата се разбира ќе треба да ја извадите. Внимавајте кабелот да биде мек. Низ него протнете го конецот трипати и зацврстете го на врвот од трската. Потоа измерете ја должината на конецот што ќе го користете. Ако ловите без подврз измерете 15- 20 см. повеќе од должината на вашата трска. Потоа монтирајте ја пливката на растојание 1,5м од врвот на трската, кога ќе ловите пливката се регулира зависно од условите. На долниот крај од трската врзете ја јадицата. Потоа монтирајте го оловото. Ако претходно сте знаеле колку олово носи пливката, одберете повеќе зрнца распоредени на поголемо растојание почнувајќи од половината на конецот.Последното зрно , над јадицата, нека биде најмало и на растојание околу 15см. од јадицата. Ваквиот распоред на оловото ќе ви овозможи успешен лов без разлика дали рибата е на површината , во средина или на дното, бидејќи бавно и рамномерно паѓа.

Важен елемент од опремата се и јадиците. За лов на црвеноперка препорачувам јадици со број 18, може и 16, јас сум ловел и со 20 и 22, но зависно од мамецот и големината на црвеноперката што се лови може да се користат од 12 до 18 . За почетници и лов со жито препорачувам 14. Ги има разни видови - со долг врат , „ папагалки“ , стандардни. Кога ловите со лепче препорачливо е да користите јадици со долг врат, но не се лоши и стандардните.

Кога веќе трската ви е подготвена , не заборавајте да си набавите и една специјална
прачка, (пластична или метална), за вадење на јадиците од рибата. Така ќе добивате во време. Таа прачка, која на едниот или на двата краја има зарез, додека ловите треба да ви биде при рака. Можете да си ја ставите на конец околу вратот , за да не ја барате, или да ви стои во кофата со храната за риби.

На риболов не тргнувајте без капа која ќе ве штити од сонцето и без очила за сонце. Изборот на капата ви го оставам вам според вкусот, а очилата да не бидат со црни стакла и пожелно е да бидат поквалитетни, бидејќи цел ден ќе бидете изложени на сонце и рефлексија на сончевите зраци од водата која ќе ве заслепува. Невозможно е спортски риболов без очила за сонце.
И во риболовот како и во секој друг спорт понекогаш има среќа, но не е пресудна и не е редовна. Има денови кога едноставно рибата не сака да јаде, но ќе забележите дека има рибари што и тогаш фаќаат, и редовно фаќаат повеќе од другите. Тие не се претплатници на среќата, туку едноставно знаат повеќе од другите, користат добра храна за примамување и на риболов не одат само со еден мамец. Цело време се активни и ја бараат рибата, (менувајќи ја длабочината и растојанието од брегот), менуваат мамци... Во такви моменти кога вам не ви оди, а некој друг фаќа, направете пауза , без да му пречите видете на кое ниво му е пливката, притоа имајте на ум -должината на неговата и вашата трска, а ако користи машинка- има и подвижни пливки. Видете каков мамец користи и коригирајте се . Прашајте за совет, во риболовот од секого можете нешто ново да научите. Ако мушичките се ројат над водата (поради промена на притисокот), а вие ловите на дно (3,5-4м.) и рибата не ви јаде, веднаш променете ја длабочината, бидејќи сета риба е горе, мушичките се нивната природна храна. Оние што ќе ги користат моите совети нема да станат натпреварувачи, но ќе бидат подобри од другите. Сакам да потенцирам дека не треба да и се препуштате на среќата, туку на риболов да одите подготвени како и секој друг спортист.
Нашиот народ вели : „ Со гол газ риби не се лови, сака и урда“. Е, сега ќе зборуваме за „ урдата“. Без разлика дали рибата ќе ја ловите на лепче или на жито (пченица), треба да знаете дека рибата најпрво треба да ја „повикате“ , а потоа треба да знаете да ја зачувате.
За таа цел треба да набавите ароматизирана храна специјално за риби, марките се важни за натпреварувачите, која во однос 1:3 или 1:4 ќе ја мешате со сув леб(кој претходно ќе го натопите со вода и добро ќе го истискате да му излезе воздухот) и мелена пченка. Треба да потсетам дека со една храна можете четирипати да одите на риболов, значи не едно пакетче за едно одење. Откако ќе ја измешате добро залејте ја со вода, ама внимателно да не ја направите премногу ретка. Измесете ја добро а потоа за фрлање во водата подгответе ја во форма на топчиња со големина на топче за тенис, или во форма на плескавици.