вторник, 16 февруари 2010 г.

11. МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ НА АФОРИЗАМ И КАРИКАТУРА - СТРУМИЦА 2010


Вечерва, во фоајето на ЦКИ Антон Панов во Струмица, свечено беа доделени наградите од 11. Меѓународен фестивал на афоризам и карикатура Струмица 2010, што традиционално се одржува како пропратна манифестација на Струмичкиот карневал.
Меѓу наградените за афоризам се најдоа - Атанас Крлевски (Македонија) - бронзена плакета; Димитар Атанасов (Бугарија) - сребрена плакета и Стеван Којиќ (Србија) - златна плакета.



Наградите за карикатура ги добија - Румен Драгостинов (Бугарија) - златна плакета;



Михаил Златковски (Русија) - сребрена плакета и Спиро Џајков (Македонија) - бронзена плакета, додека Валери Александров (Бугарија) ја доби наградата на ОО Струмички карневал.

вторник, 26 јануари 2010 г.

Дрварникот


















Една стара зградичка, која некогаш била затвор...ја изградиле веројатно Турците, а ја користеле и српските џандари, сега ни служи како помошна просторија, каде ги чуваме дрвата за огрев. Зградата иако дотраена, на неа се извршени некои интервенции (варосување), сепак не служи, но за да направиме нешто поарно, мора да се сруши, а локалното население се противи... емотивно се врзани за оваа зграда. Тука биле мачени и претепувани нивните предци во минатото.

среда, 20 јануари 2010 г.

Колку ја познаваме Македонија

Знаеме ли кои сме?
Се прават реклами за странците да ја запознаат Македонија, се снимаат скапи спотови а всушност не е до рекламата, туку морам да забележам ние Македонците не сме баш добри домаќини.
Зошто?
Ако некој странец ве праша што треба да види во Македонија, имате два или три одговори – Охрид, Маврово… Ако ве праша по што е Македонија на пример единствена во светот знаете ли да кажете? Колку манастири или цркви имаме? Многумина ќе кажат многу, а повеќе од половина не знаат да набројат повеќе од две, а да дадеме патоказ како да стасаат до нив? Е, тогаш странците треба да имаат среќа да налетаат на некој кој знае.
Колкумина од вас биле на Беровско или Дебарско езеро, Струмичките водопади, сте ја виделе ли прекрасната црква во Радовиш, Св. Јоаким Осоговски и куп прекрасни македонски манастири, сте ги посетиле ли археолошките локалитети и стари градови и знаете ли дека во Македонија ги има за извоз?

Еве еден пример, најскапата колекција монети која е продадена е токму од Македонија и тоа колекцијата пеонски монети кои биле украдени од Македонија, а продадени без никакви последици на аукција во големата “Сотби” аукциска куќа.

Колку си ја знаеме нашата сопствена татковина, нашата природа, нашата историја, корени? Рекламите на владата изгледа треба прво во Македонија да се вртат по телевизиите а после да одат во светот. Можеби нема да се согласите со мене ама за да го поткрепам тврдењето еве неколку факти за Македонија, некои познати но некои од нив малкумина ги знаат. Јас до нив доаѓам благодарение на работата која ја работам па стигнуваат до мене вести и информации, но се прашувам зошто од некои факти сум запрепастена што ги слушам.
Одговорот на прашањето дали си ја знаеме Македонија барајте го овие информации -

- Во Македонија се наоѓа единственото европско наоѓалиште на рубини.
Дали сте знаеле дека многу скапоцени камења што можете да ги видите во светските каталози, се прокриумчарени од Прилепско. Странците го купуваат скапоцениот камен по багателни цени. Поради неупатеноста и желбата за заработка, кај Прилепчани поминала приказната дека станува збор за минералот корунд и тоа од најниска класа. Рубини во Македонија има и може да се најдат во лежиштата на доломитските мермери како што е прилепскиот сивец.

- Македонскиот рудник “Алшар” на планината Кожув е единственото наоѓалиште во светот на талиум и потенцијален “рудник” на еколошки чиста енергија. Од 2004 год. рудникот е евидентиран како споменик на природата и дел од мрежата на “Емералд” – мрежа за заштита на природни реткости.

- Најквалитетниот опиум на светот е македонскиот. Втор по квалитет е пакистанскиот со 7 морфиски единици, а следуваат со помали разлики останатите (колумбискиот на пример е околу 3, 5 МЕ. македонскиот е замислете 14 морфиски единици!)

- Најславниот од сите римски патишта во најголемиот свој дел врви низ Македонија, патот – “ВИА ИГНАЦИЈА”.
- Пештерата Пешна во Македонски Брод во “Њујорк тајмс” е опишана како идентична на измислените пештери во филмот “Господарот на прстените”.

- Во темелите на манастирот “Св. Богородица Пречиста” (Кичевско) има дел од крстот на кој е распнат Исус Христос. Дел од крстот има и во темелите на манастирот “Св. Јован Бигорски” како и во манастирот “Св. Георгиј Победоносец” во с. Рајчица, Дебарско.

- Гробот на славниот Грк Зорба е во градските гробишта во Бутел. Алексис Георгиос Зорба кој бил инспирација за романот “Гркот Зорба” живеел во Скопје имал жена и деца, а во 1942 починал тука.

- Освен Мајка Тереза познати лица родени на овие простори се и таткото на модерна Турција Кемал Ататурк роден во Битола.
- За татко на модерното воено инженерство се смета Дијад во времето на Александар Македонски измислил низа опсадни машини меѓу кои и катапултот.
- Музиката во Македонија датира од 11 век. БОЛОЊСКИОТ ПСАЛТИР е напишан на кирилица во селото Равен Охридско, а во Охридскиот музеј се чуваат нотни писма 14 музички ракописи кои датираат од 10 до 14 век.

- Најстарото дрво во Македонија Платанус Ориенталис во Охрид познато како Чинарот, расте од времето на Св.Климент Охридски во 9 век.

- Најпознатата песна за Палестина и нивна химна е всушност напишана од Македонец. Панде Манојлов, новинар и писател од Битола напишал песна за Палестина во далечната 1982 год. и ја објавил во весникот “Нова Македонија” и денес истата е химна на Арапскиот свет.

- Во МПЦ само во манастирот “Св. Ѓорѓија Победоносец” се изработуваат митри кои се мошне квалитетни и барани од епископите, не само од македонската црква, туку и пошироко. Од 2003 година до денес, монахињите имаат изработено над 150 митри што ги носат великодостоинственици на православните цркви во Америка, Африка, Русија, Грција, Украина, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора и во други држави, ерусалимскиот патријарх и вселенскиот патријарх Вартоломеј.

- Првиот светски златен медал на македонски фотографи – Браќата Манаки во 1905 год. во Битола отвараат ново “Студио за уметничка фотографија” и учествуваат на големата светска изложба на фотографии во романскиот град Синаја 1906 година, каде освојуваат прво место и златен медал за нивната фотографска колекција.

- Во Скопје животот континуирано трае најмалку 7000 – 8000 години. Докази се Неолитската тумба во Чаир, покрај Неолитската тумба во Маџари и неолитската населба на Скопската Тврдина.

- Прва зоолошка градина на Балканот е во Скопје.

- 120-те кукли во Куклица во близина на Кратово се стари 10 милиони години (а ние за малку ќе ги потопевме со вештачко езеро…)

- Еден од преживеаните од бродот Титаник е Македонец. Стојко Додоловски од село Чучер Скопска Црна Гора. Во последен момент прекупил карта од еден поп и се качил на Титаник. Кога бродот тонел тој се фрлил во водата и се обидел да се качи на спасувачки брод, со господа кои не го пуштиле. Плутал се додека не го нашол единствениот од екипажот кој се вратил по преживеаните. Спасил 12 лица меѓу кои и Стојко.

- Според НАСА, Кокино е 4 на листата најстари опсерватории во светот. Останатите се Abu Simbel Egypt, Stonehenge Grat Britain, Angkor Wat Cambodia. Но помалку позната е и Чочев Камен близу Кокино стара 4 милиони години и посовремена од Кокино.

- Македонија има 34 планини, 53 езера природни и вештачки, најстарото во Европа – Охридското езеро е и најдлабоко на Балканот. Старо е 4 милиони години во него има 200 ендемски видови кој се со светска важност.

- Во Македонија годишно се произведуваат повеќе од 135 милиони литри вино и 150 милиони литри ракија, а пиво 850 милиони литри.

- Првата железничка пруга на Балканот Салоника – Скопје е изградена во 19-от век.

- Анастасие I (Flavius Anastasius) византиски цар (491-518) е најзаслужен за градбите во Македонија – Самоилова тврдина, Маркови Кули, Скопско Кале и.т.н се од Јустинијан I.

- Првата црква, првата покрстена во Европа – Македонката Лидија.
50 година по Христа, Ап. Павле како пастир на Христијанството сакал да оди во Азија но како што се вели во Библијата и Новиот завет во “Дела апостолски 16.13 – ” пишува: Преку ноќта на Павле му се јави привид : стоеше пред него еден човек, МАКЕДОНЕЦ, кој го молеше и му велеше : Прејди во МАКЕДОНИЈА и помогни ни !
Павле тогаш доаѓа во Македонија и основа нови цркви, по градовите – Филипи, Бер, Стоби и Охрид, со што симболично и патот на Павле е во облик на голем крст над Македонија. Првата покрстена на европско тло е Лидија Македонката од градот Тиатир која во ближниот Филипи продавала ЦРВЕНИ ткаенини. Токму црвената боја e сеприсутна низ македонскиот фолклор, ткаенини, везови но и на востаничките знамиња носени во борбите.

- Лесновскиот Манастир е Прва монашка република на Балканот
Во него постоело книжевното училиште – “Лесновски скрипторум” и тоа уште од половината на XI век, но и калиграфско (препишувачко) формирано во XIII век. Се до 40-тите години од XIX век во манастирот се наоѓала и најголемата библиотека на Балканот, со огромен фонд на книги и ракописи собирани од најстарите времиња и најдалечни краеви, но и создавани тука на автохтоното македонско подрачје.

- Според археолозите и геолозите во Македонија траги на живот има уште од времето на Плиоценот, т.е пред првата ледена епоха.
Во околината на Неготино се пронајдени коски, за кои се претпоставува дека му припаѓаат на животно старо од 2 до 10 милиони години, а човекот од Егејска Македонија е постар дури и од познатиот Неандерталец од Германија, кој се проценува на 30 000 – 100 000 години старост. Со пронајдокот од Егејска Македонија се рушат и теориите за Неандерталецот како најстар предок на човекот, особено што и други пронајдоци од најново време покажаа дека, тој бил суштество сосем различно од човекот или некаков човечки предок!

- Првите карпести гравири создадени во Македонија и во светот пред 32 000 000
Според наводите на Емануел Анати од Италија, директор на Светскиот архив за карпеста уметност и на францускиот академик Жан Клод, се вели дека Македонија е земја со најголем број ваков вид карпеста уметност во светски рамки. Мрежестите гравири, кои за прв пат беа откриени во местото Лас Мазил, во Франција, а во Македонија се откриени во Пелагонија, во Славишко поле – Крива Паланка, во северниот дел на кумановскиот регион, во селата Тополовиќ, Горно Кратово и во други краишта на нашата земја.

Ова е само мал дел од она што го знаеме или не го знаеме за нашата земја и потекло. Како ќе им раскажуваме на странците по што е Македонија уникатна и прекрасна ако не знаеме ни самите.

Затоа запознај си ја татковината за да ја сакаш повеќе ! Прво за себе, а потоа и за гости од надвор, можеби ќе имаш прилика да ги прошеташ низ Македониј.

Преземено од ИНСОМНИА http://insomnia69.blog.mk/2010/01/20/kolku-ja-poznavame-makedonija-2/

сабота, 16 јануари 2010 г.

Географија на маленкоста


Синоќа,(15.01.2010)во малата сала на Домот на културата во Струмица, беше промовирана збирката раскази ГЕОГРАФИЈА НА МАЛЕНКОСТА од Ацо Гогов. Ова е прв книжевен обид на Гогов ставен на хартија.



Книгата претставува збирка од четириесет суперкратки раскази, поделени во четири циклуси. За уметничкото мајсторство на Гогов, свои рецензии напишале Никола Маџиров и Јасна Котеска, а пред љубителите на пишаниот збор, своја рецензија прочита Трајче Бјадов. Делови од книгата читаше младиот поет Митко Гогов.

петок, 15 јануари 2010 г.

Претставување на Пандев пред новинарите

Со мало задоцнување го ставам клипот од претставувањето на Пандев пред новинарите, како нов играч, нова ѕвезда на Интер.



А еве и мало потсетување што значеше тој за Лацио:

среда, 6 јануари 2010 г.

ПРВ ГОЛ НА ПАНДЕВ ЗА ИНТЕР

По само четири дена од потпишувањето на договорот со миланскиот фудбалски гигант- Интер, Жозе Мурињо му даде доверба на Пандев веќе на првиот натпревар од пролетниот дел на првенството против Киево, а нашиот фудбалски маѓепсник ја оправда, постигнувајќи гол, со кој му обезбеди водство и победа на својот нов тим. Сепак, топката ја поминала гол линијата по ударот на Балотели, па голот му е припишан нему, што е и праведно.

недела, 13 декември 2009 г.

КНУТ ХАМСУН


Во рамките на одбележувањето на празникот на заштитниците на градот Струмица - Св. 15 Тивериополски свештеномаченици, во организација на Тивериополската филмска алијанса, а во соработка со Кинотеката на Македонија, љубителите на седмата уметност од Струмица ќе имаат можност да видат двајца нобеловци на филмското платно – Кнут Хамсун и Семјуел Бекет.

Годинава се навршуваат 150 години од раѓането на Хамсун (1859 – 1952), а тоа е повод Амбасадата на Кралството Норвешка во Македонија, на македонските љубители на филмот да им ги претстави филмовите работени според новелите на овој свој нобеловец, кој го носи ореолот на предавник.

Некогаш, големите луѓе стануваат жртви на своите идеали или заблуди... така и Хамсун за време на Втората светска војна, застанал на страната на Квислинг, надевајќи се дека Хитлер ќе направи нов светски поредок, а Норвешка конечно ќе го добие местото што и припаѓа.

Во филмот акцентот е ставен на неговиот живот и односите со жена му - пред, за време и непосредно по големата војна, во која норвешкиот нобеловец си го извалкал името. Живеејќи осаменички живот, повлечен на еден селски имот, буквално глув и „слеп“ за она што навистина се случувало, Хамсут ќе го дочека крајот на војната како предавник. По неговото апсење го носат во лудница, каде го прогласуваат за духовно растроен...дијагноза недостојна за еден од најголемите светски писатели. Неговите белешки, кои почнал да ги води за процесот по долга апстиненција од перото, ќе бидат објавени 1949г. како НЕРАЗГАЗЕНИ ПАТЕКИ и ќе доживеат молскавичен успех.

сабота, 28 ноември 2009 г.

Разговор со Струма

Несреќнице, дали некогаш си се запрашала, како му било на татко ти кога дознал кој го предал, кој им ги отвори портите на Грчиштата...како му било кога дознал дека каменот паѓа од близу? Како му било на кутриот пред да издивне и со последните атоми на душата да исколни – ГРОБ ДА НЕМАШ НЕСРЕЌНИЦЕ! Земјата да не те прима, ороспијо византиска! Девет постели да смениш! Девет пати земјата да те исфрла, а ни по девет векови коските твои да не најдат мир. Гробот да ти го погани племе од најдолен сој...

Не знам зашто никој никогаш не ми ја кажа легендата до крај, па не знам ни кога си умрела ни како... дали си по старост, со обелени коси покрај внуци; или ножот ти го зариле твоите уште додека крвта ти била врела; или те отруле Грчиштата, зашто таквите како тебе се за еднократна употреба, па од твојот гроб направиле споменик во слава на предавниците... па сега не знам и се прашувам – чии гени носиме? Дали од татко ти или твои – предавнички? Или сме се измешале како болви, па сега еден на друг си ги вадиме очите и со векови го носиме ореолот на предавници, нарекувајќи се струмичани.

Од твојот отворен и ограбен гроб никнаа црница и капина... и двете црни, зашто од црнилата се раѓаат само црнила.

Не знам чија сестра си, дали Персеева или Маркова, но сеедно, знам дека си предала татко. Си го предала татка си... а оној што си го предава таткото, ја предава татковината, зашто зборот татковина се изнедрил од зботот татко. Зар не чувствуваш вина?

Велиш, си предала од љубов... зарем тоа ти е оправдување за гревот? Како да немаше маж достоен за тебе меѓу оние што со меч и со копје, а некогаш и со голи раце ги бранеа Царевите Кули и ги коваа коњите наопаку... Дозволи да им бидеш „тројански коњ“ на Грчиштата, кои само со лукавства победуваат.

И други големи предавства памети оваа небо... твојот гроб е недалеку од местото кај што им ги вадеа очите на војниците на Самуил, кои со предавство беа поразени, а потоа ослепени... А потоа моравме да чекаме илјада години за да повторно направиме држава... за да воскреснеме како феникс од сопствената пепел, небаре само слепци раѓала Македонија, па не не се нашол некој со едно око што ќе ги води.

И сега повторно Грчиштата ни тропаат на врата...сакаат име да ни сменат, корените да ни ги пресечат, а гниди од твојот сој се готват да им помогнат.

Внимавај да не му погрешиш на татко ти, зашто таткова клетва фаќа... не учеа кога бевме мали. Не учеа на твојот пример, но дали сите научивме ?

Macedonia is alive ( Petar Temelkovski)

петок, 30 октомври 2009 г.

Од екскурзијата до Скопје

Вчера, 29.10. 2009 ја реализиравме планираната научно-наставна екскурзија - Посета на планетариум со учениците од петтите одделенија од ОУ„ Даме Груев“ - Куклиш и подрачното училиште во Костурино. Од пристигнатите (три) понуди, најповолна беше онаа на Туристичката агенција „Сафари“, која за истите услуги беше за 100 денари поевтина (750 ден.). Од училишниот двор во Куклиш тргнавме во 7.30 и се упативме кон Костурино.


Последно пребројување пред поаѓање.
Водач на патот беше искусниот наставник Петре Георгиев, кому оваа можеби ќе му биде последна посета на планетариумот.




Децата од Костурино трчаат кон автобусот.


По патот не следеа брановидни облачиња, кои најавуваат скорешно заладување на времето.


Мала пауза направивме на локалитетот Стоби, каде децата можеа да ги оптегнат нозете и да купат некој сувенир, но не и да го разгледаме локалитетот, зашто во 11. 00 моравме да бидеме во Скопје.


Додека чекавме пред Планетариумот да излезат битолчани, децата позираа.



До ручекот имавме два часа, кои ги искористивме за посета на Хидрометеоролошкиот завод, кој се наоѓа на Зајчев Рид, на надморска височина од 391 м.

Овде се вршат сите видови мерења на температурата на воздухот, почвата, притисокот, влажноста на воздухот, брзината и правецот на ветерот, врнежите... податоците редовно се запишуваат, а врз основа на нив синоптичарите ја изготвуваат временската прогноза.

На ручек во Уранија...



Поздрав со Шмизлите...

Откако ја разгледавме постојаната поставка од македонски мајстори од 19. и 20 век во Даут - пашиниот амам, (без да плаќаме влезници, за што се заблагодаривме), се упативме кон Чифте амамот во старата скопска чаршија.



Чаршијата опустела...единствената гужва ја направивме ние, а некогаш овде беше тешко да се разминеш.

Кога сонцето почна да се крие на запад, се упативме назад кон автобусот.

сабота, 24 октомври 2009 г.

Боите на есента



Ниеден уметник не може да се спореди со раскошниот талент на мајката природа...а кога се боите во прашање, есента е ненадминат мајстор.