понеделник, 5 јули 2010 г.

Лошо организиран семинар

На 30. 06.2010 г. на мојот меил добив известување за семинар, кој треба да започне на 05. 07. 2010 и ќе трае до 09. 07. а најкасно до 29. 06. 2010 г. требало да го потврдам своето присуство ?! Уште на стартот нешто не штимаше... Го потврдив своето учество на семинарот, иако не ми беше јасно за што ќе се работи. Денес се јавив во просториите на средното училиште „ Никола Карев “ во Струмица, со мало задоцнување се разбира, но кога започнаа предавањата сфатив дека мене не ми е местото таму. Според логиката на нештата, овој семинар би требало да го посетуваат директорот и секретарот, кој во исто време е и благајник. Јас како македонист или како наставен кадар, немам никаква врска со овој семинар. Тоа што јас го согледав не беше само мој впечаток... со истиот проблем се соочивме речиси сите учесницио на семинарот.

Младата обучувачка, симпатичната Мирјана, ни крива ни должна се соочи со револтот на наставниците.   Но, проблемите не застанаа тука... се организира обука, а софтверот се’ уште незавршен. Добивме папки и прирачници, но какво фајде кога практичната работа со компјутерот беше ограничена. Заминавме на кафе-пауза и ручек, по што добивме известување дека работата на семинарот и за утрешниот ден не е сигурна.

20 години ВМРО ДПМНЕ

На 08. 07. 1990 год. е основан огранок на ВМРО ДПМНЕ во Струмица, па по тој повод денес со голем број свечености се одбележа 20-годишниот јубилеј. Централен настан беше свечената академија која започна во 20.30 мин. во големата сала на ЦКИ Антон Панов, која беше претесна за да ги собере сите членови и симпатизери на партијата. На свеченоста им беа врачени благодарници на основачите на партијата, а од нивно име на присутните им се обрати Ристо Георгиев, првиот претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ. Свое обраќање имаа уште Влатко Ѓорчев - пратеник во Собранието на Република Македонија, Зоран Коњановски, министер за одбрана во владата на Република Македонија и Славе Гошев, актуелен претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ.


По завршувањето на свечената академија, започна забавниот дел од прославата. Младите струмичани ги забавуваше Владо Илиевски, а присутните во градскиот парк ги поздрави и Зоран Џорлев со својата виолина.

недела, 20 јуни 2010 г.

И ова е Струмица

Прашањето со продавачите на отворено никако да се реши... додека едни плаќаат високи кирии, даноци и мораат да издаваат фискални сметки, други пред нивните дуќани им се нелојална конкуренција.
Нивната досетливост отиде и чекор понатаму... со колички ја разнесуваат стоката до самите потрошувачи, па така добиваме мобилни бутици.

Дали државата  ги затвара очите и свесно ја толерира сивата економија, за да го обезбеди социјалниот мир, при тоа не водејќи сметка дека еден слој од граѓаните е протежиран, за сметка на другите кои имаат обврски кон државата.

вторник, 15 јуни 2010 г.

На базенот на СИРИУС

На овие тропски горештини, што ја зафатија Македонија, кога не е препорачлива употребата на кофеин и разладување со пиво, најдобар начин да се освежите е да заминете на базен. Младите струмичани деновиве имаат можност да се разладат покрај базенот на хотелот Сириус и да уживаат во прекрасната околина.
За безбедноста на пливачите во базенот, се грижи професорот Ратко Кршков, кој поседува и лиценца за спасител.
Денес, по напорната работа, со моите колешки, решивме да се освежиме на базенот.

Околината на базенот е прекрасна и нуди уживање за сите сетила. Додека слушате прекрасна музика и се разладувате со ладен пијалок, безалкохолен - се разбира, можете да го почувствувате мирисот од разнобојните цвеќиња и да ги одмарате очите во глетката пред себе.

Оваа рајска убавина не би била она што е, ако не се тука и рајските птици - пауните, кои спас најдоа под сенките на дрвјата.

сабота, 12 јуни 2010 г.

Полуматурска под отворено небо

Годинава, за прв пат, полуматурската забава ја направивме под отворено небо, на зелениот тревник во Панорама во Мокрино, во стилот на Големиот Гетсби.


Амбиентот беше неповторлив... Веќе три години таму, во Панорама, ги правиме полуматурските забави, но секогаш внатре, во сала. На почетокот децата не беа баш восхитени од идејата... повеќе девојчињата, заради штиклите


Додека се’ уште не беше стемнето,  децата го искористија времето за меѓусебно фотографирање и заеднички фотографии, кои ќе ги потсеќаат на таа последна заедничка ноќ.

За музиката се погрижија членовите на групата 4+, кои заслужија чиста 5.

На почетокот девојчињата играа со штикли и внимаваа на својот изглед, на шминките...


Но како одминуваше времето, а атмосферата се вжештуваше, благодарение на одличните 4+, некои од нив ги фрлија штиклите и како самовили заиграа боси по меката трева.
Голема заслуга за добрата организација има и колегата Ратко, кој се погрижи вечерта да помине во најдобар ред, а кого главата го болеше четири години со генерацијата палавковци од Куклиш.

четврток, 10 јуни 2010 г.

Моите костуранчиња

Заврши уште една учебна година... помина многу брзо, но не верувам дека и за децата беше брзо.

вторник, 8 јуни 2010 г.

Средба со „Ѕверот“

Интересни се познанствата од интернетот... разговараш со некого и врз основа на неговите текстови создаваш слика за него, без да имаш претстава како изгледа. Можеби сликата за надворешниот изглед не се поклопува со онаа замислената, но сликата за неговата духовност е таа. Денес ми се јави Ѕверот... а го очекував вчера. Подоцна сфатив зашто го одменил денот.


Во Вељуса денови за посета биле вторник, четврток, сабота и недела, а тој човек со прекрасна душа, своите батерии ги полни токму таму, во „рајот на земјата“, кој му носи смирение на душата за цела година, како што самиот рече.

Под тремот на црквата го испивме кафето што ни го свари една монахиња од сестринството, разменивме по некоја реченица, уживајќи во амбиентот. Овој манастир има чудесна моќ... тоа секој што го посетил манастирот го рекол.

сабота, 5 јуни 2010 г.

До св. Илија

Веќе подолго време со моите ученици се договаравме за прошетка до Цареви Кули, но се’ нешто не спречуваше... некогаш имав семинар, друг пат не чинеше времето, а бидејќи овој ни е последниот викенд, децата запнаа - да одиме по секоја цена. Иако метеоролошкиот билтен најавуваше врнежлив викенд, тие беа упорни. Сепак, се договоривме - место до Цареви Кули, да одиме до манастирот Св. Илија, омилено место за прошетки на струмичани. Бевме договорени во 11. 15 минути да се најдеме пред Ловен Дом. Бев во таксито пред ГЛОБАЛ кога ми заѕвони мобилниот... - Професоре, овде врне! Нема да дојдеме... ми се јави Лина. И’ реков да се вратат дома, бидејќи и во градот времето не чини. Место да се вратам дома, наминав кај еден другар во неговата менувачница. Не поминаа ни дваесетина минути, моболниот повторно ми заѕвони. - Професоре, дождот престана, ние идеме!
Одвај успеав да ги убедам дека сега во градот не чини времето и дека се очекува пороен дожд. Бев тргнал накај дома кога мобилниот и по трет пат ми заѕвони... овој пат ми се јавија од Струмица, на мое запрепастување. - Во Глобал сме! Ќе Ве чекаме кај Тинекс!
- Седете таму каде што се... веднаш доаѓам!
Иако над градот се беа надвиснале облаци, не сакав да ги оставам сами... Ми беше страв да не им се случи нешто, зашто знаев дека од дома се пуштени на моја одговорност. Со две таксиња се префрливме до Ловен Дом, а потоа продолживме пеш по трим патеката што води до манастирот.


Речиси на секој чекор застануваа да се сликаат со своите мобилни... беа восхитени од глетката.