вторник, 14 септември 2010 г.

Зијах Соколовиќ и Кабаре - кабаре


Синоќа, како специјален гостин на XVIII ФКТ „ Ристо Шишков “, на големата сцена од Домот на културата Во Струмица, два саати урлаше, скокаше, на моменти шепотеше, зборуваше со брзина од 362 збора во минута... се потеше под светлото на рефлекторот, пцуеше без влакна на јазикот, се трансформираше од несреќен средовечен маж во дебела жена, од мал обичен беззначаен човек, во старец кој се пишмани што не ги ебел сите оние што можел, па сега е спремен тоа да го направио со сите нив, но од него веќе тоа никој не го бара... големиот
Зијах Соколовиќ...

Претставата беше еден вид предупредување и апел до сите оние будали во гледалиштето, до сите оние  безначајни мали луѓе да почнат да живеат во сегашноста, зашто и онака еден ден ќе се каат за пропуштените шанси... да не веруваат во светлата иднина која веќе три милијарди години ја најавуваат - а никако да дојде, да престанат да веруваат во идеалите зашто тие веќе илјадници години се актуелни, зашто рајот е фатаморгана, како и иднината...




петок, 10 септември 2010 г.

Во друштво со Смилевски

Деновиве во Струмица престојува професорот Цветко Смилевски, директор на Бизнис Академијата Смилевски, кој е заинтересиран за ширење на својата академија и во Струмица, покрај веќе постоечките во Скопје и во Битола. Неговиот престој,  го искористивме за заедничка средба на кафе во Глобал. На излегување од автомобилот, откако разгледа наоколу, професорот рече: „ Струмица станала европски град... ние тешко ќе можеме да ве стигнеме.“

Брачниот пар Смилевски, Цветко и Цена, се симпатична двојка и во нивно друштво се чувствував пријатно... опуштено. Разговаравме како да се познаваме со години и без „ракавици“. Професорот ми ги образложи своите планови за ширење на БАС во Струмица, како град со голема концентрација на успешни приватни фирми, град на работливи и претприемливи граѓани, град кој полека прераснува во центар на југоисточниот регион. Најпрво планираат да отпочнат со додипломски студии за вонредни студенти, а нивна целна група се претприемачи, кои веќе се докажале како успешни менаџери, но го немаат дооформено своето образование.

Кај нас во БАС, најважни се студентите... тие се нашите клиенти и се’ им е подредено ним, на нивните потреби и барања... а професорите се овде да одговорат на нивните барања. Можеби кај нас не предаваат најдобрите експерти во своите области, но предаваат најдобрите учители, кои умеат своето знаење успешно да им го пренесат на студентите. Затоа, една година задоцнивме со стартот, откако ги добивме потребните акредитиви. Но, за нас тоа не е изгубена година, зашто моравме да ги направиме потребните подготовки... да обезбедиме кадар кој ќе одговори на нашите барања, кој ќе има слух за новиот начин на работа, што си го зацртавме. Ние не требаше да откриваме топла вода. Доволно беше да ги следиме примерите кои успешно се спроведуваат на запад.
Додека професорот зборуваше, неговата сопруга го голташе жедно секој збор и оддаваше впечаток на жена која сиот свој живот му го посветила нему... на одана сопруга која живее во неговата сенка, но не за да се одмара, туку личната среќа и сопствената кариера ги ставила во втор план... Госпоѓата Цена Смилевска е вистински доказ дека зад секој успешен маж, треба да стои силна и амбициозна жена.
Нив ги интересираше, што би можеле да видат, додека се овие неколку дена во Струмица. Се чини прашањето беше упатено на вистинската адреса... Им предочив дека мора да ја посетат Римската терма во Банско, водопадите кај Колешино и Смоларе, манастирите во Водоча и Вељуса. А, кога им го раскажав преданието за Струма, за грешната девојка, која го предала својот татко и по чие име денес градот се нарекува, посакаа да го видат и нејзиниот гроб.
Се договоривме за денес попладне повторно да се сретнеме и да им бидам водич на прошетката низ Баница, Водоча и Вељуса.
Од селото Баница, кое е западно од Струмица, се гледаат Царевите кули, каде некогаш живеел некој владетел, кој имал убава ќерка - Струма. Додека градот бил под опсада од непријателите, убавата Струма се вљубила во некој војсководец, непријател на нејзиниот татко. Понесена од љубовта, таа ја оддала тајната на нејзиниот татко, за потковувањето на коњите наопаку, поради што никако не можеле да му ја најдат насоката. Откако тајната била откриена, лесно му било на побројниот непријател да ги совлада малубројните чувари на тврдината. Таткото, кога дознал за предавството на својата ќерка, ја проколнал - земјата да не ја прима девет пати. Во нејзин спомен, денес во Баница сведочи нејзиниот гроб, како предупредување - како завршуваат предавниците на сопствениот народ.

Потоа, патот го продолживме кон Водоча, каде е познатиот комплекс водочки цркви св. Леонтие, а светецот потекнува токму од некогашниот Тивериопол. Таму ги очекуваше ново изненадување - вреден манастир, подигнат во близина на некогашната Бела Река, чии води сега се заробени зад насипот на браната Водоча, а по беласичката битка, овде им биле ослепени очите на 14 000 војници на царот Самуил.

Патот го продолживме кон Вељуса, до манастирот од XI век, подигнат од игуменот Мануил, на една бигорна монолитна карпа, посветен на св. Богородица Елеуса.
Секој што го посетил манастирот го рекол истото - дека чувствува смирение на душата...


Откако се одморивме, си заминавме полни со впечатоци и со наполнети батерии.

вторник, 7 септември 2010 г.

Обука за ЕДУБУНТУ

Од денес започнавме со обуката за ЕДУБУНТУ, која ќе ни овозможи да се запознаеме со можностите на оперативниот систем Linux и полесно користење на компјутерите во наставата.
Во обуката сме опфатени петнаесет наставника од предметна настава, а наши обучувачи се колегите Соња Ташева и Костадин Трајков. Обуката се одржува во просториите на нашето училиште во Куклиш, а ќе трае три дена (по пет часа).







Секој од нас требаше да напише краток текст во програмата Writer, да го форматира, да има барем три пасуси, фуснота, да употреби два хиперлинка, (едниот да води до веб-страна, а другиот до некој документ), да обои позадина, да обои текст и да употреби наслов и „подножје“.


среда, 25 август 2010 г.

Од семинарот за новата наставна програма за осмо одделение

Денес, 25. 08. 2010. год. во Штип, во организација на БРО,  се одржа семинар, на кој се разгледуваше новата наставна програма за осмо одделение. Семинарот започна со работа во 10. часот, во просториите на ОУ „ Тошо Арсов “ - Штип, а на него беа поканети претставници од училиштата во Струмица, (и околните општини), Радовиш, Свети Николе и градот домаќин, Штип, кои ги предаваат предметите - Македонски јазик, Математика, Биологија, Географија, Историја, Физика, Хемија,  Ликовно, Музичко и Физичко.

Со семинарот по Македонски јазик, раководеше советничката Нада Николовска. Откако ја разгледавме новата наставна програма и нејзините измени, ги воочивме разликите од минатата година. добивме кафе-пауза.

По паузата, работевме по групи, а секоја од групите требаше да изготви тематско планирање.

понеделник, 5 јули 2010 г.

Лошо организиран семинар

На 30. 06.2010 г. на мојот меил добив известување за семинар, кој треба да започне на 05. 07. 2010 и ќе трае до 09. 07. а најкасно до 29. 06. 2010 г. требало да го потврдам своето присуство ?! Уште на стартот нешто не штимаше... Го потврдив своето учество на семинарот, иако не ми беше јасно за што ќе се работи. Денес се јавив во просториите на средното училиште „ Никола Карев “ во Струмица, со мало задоцнување се разбира, но кога започнаа предавањата сфатив дека мене не ми е местото таму. Според логиката на нештата, овој семинар би требало да го посетуваат директорот и секретарот, кој во исто време е и благајник. Јас како македонист или како наставен кадар, немам никаква врска со овој семинар. Тоа што јас го согледав не беше само мој впечаток... со истиот проблем се соочивме речиси сите учесницио на семинарот.

Младата обучувачка, симпатичната Мирјана, ни крива ни должна се соочи со револтот на наставниците.   Но, проблемите не застанаа тука... се организира обука, а софтверот се’ уште незавршен. Добивме папки и прирачници, но какво фајде кога практичната работа со компјутерот беше ограничена. Заминавме на кафе-пауза и ручек, по што добивме известување дека работата на семинарот и за утрешниот ден не е сигурна.