петок, 1 април 2011 г.

Еко - семинар Во Охрид

На 29. и 30. март, во хотелот Белведере, во Охрид, се одржа семинар на тема: Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем, за наставниците од основото образование. Со мало задоцнување, тргнавме кон Охрид, а веќе пред Битола, темните облаци ни најавуваа лошо време.

Пред хотелот стигнавме по дождливо време.
Хотелот е сместен над патот што води кон Пештани, сред висока борова шума. Веднаш в очи паѓаат големите питуси. 

Откако се сместивме по собите, се симнавме во ресторанот на ручек.

По паузата за кафе, ја имавме првата сесија од семинарот, која беше заедничка за директорите, педагозите и наставниците.
Потоа, поделени во групи, низ работилници и низ игра, учевме - Како да се стане Еко-училиште?
Нашата група ја направи највисоката кула...
Вежбата, или - играта ни помогна да сфатиме дека кога имаме заедничка цел и работиме тимски, а секој од тимот го дава својот допринос, мораме да успееме... а работата во Еко - одборот е тимска работа.
По паузата за кафе, се симнав до езерото, но поради облаците тоа имаше некаква оловно-сива боја и ни оддалеку не личеше на „бисер“...

Кога се враќав кон хотелот, денот беше на умирање, па светлата почнаа да се палат.
 
На наредната сесија малку задоцнив, а моето доцнење беше искористено за наредната вежба. Нашата група требаше да симулира - кавга или тим кој делува како расштиман оркестар, поради што и нема резултати.
Потоа добивме задача да направиме проект за заштеда на водата.
По паузата, следеше одбрана на проектите или - презентација.
Следниот ден, откако ги поминавме сите чекори од обуката, се стекнавме со сертификати.

А, оваа глетка, би сакал да ја гледам некое идно лето...


четврток, 24 март 2011 г.

Наградените цртежи за маски

Восхитува креативната фантазија на децата. На интерниот конкурс за најдобра маска, најмногу гласови доби цртежот на Николина Туџарова.

По својот квалитет не изостануваат ни второ и трето наградените.

четврток, 17 март 2011 г.

Од семинарот во Кавадарци


Денес, во кино-салата на Домот на културата во Кавадарци, се одржа семинар за наставниците по Македонски јазик, Историја, Ликовно и Музичко, од основните училишта во Струмица, Гевгелија, Дојран и се разбира - градот домаќин, Кавадарци. Советниците по овие предмети, им ги презентираа на наставниците новините за користењето на информатичката технологија во наставата.


Советничката по Македонски јазик, м-р Блага Панева, ни објасни  како треба да се користат новите апликации од областа на народното творештво за митови, легенди и преданија. Интересно е што содржините, покрај можноста за читање, можат и да се слушаат, а постои можност и за самооценување.



сабота, 12 март 2011 г.

Трибина со граѓаните на Струмица





 Синоќа, во преполнетата сала на НУЦК Антон Панов во Струмица, се одржа трибина, на која министрите од Владата на Република Македонија, зборуваа за постигнатото и за своите идни планови пред граѓаните на Струмица. Најпрво Присутните ги поздрави премиерот на Република Македонија, Никола Груевски.

 Потоа, за успесите на оваа Влада во изминатиот период, зборуваше министерот за финансии, Зоран Старвевски.




На трибината присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, господинот Зоран Заев, кој постави неколку прашања.