петок, 26 август 2011 г.

Од семинарот за новата наставна програма за шесто одделение (деветтолетка)

На 22.08.2011. год. во ООУ„ Ванчо Прке“ во Штип, се одржа семинар, на кој наставниците од источниот регион, кои од први септември ќе предаваат Македонски јазик во шестите одделенија (деветтолетка), беа информирани за измените и новата наставна програма.
Со новата наставна програма не’ запозна м-р Блага Панева, моја колешка од факултетот, инаку советничка по Македонски јазик за средните училишта, а во случајов се појави како припомош за основните, на местото од Нада Николовска. Советничката не беше прв пат со нас... таа го водеше и семинарот во Кавадарци и одлично се снајде и покрај пеколните горештини. Беше отворена за дијалог и за дискусии за јазични теми, кои не беа во врска со семинарот, а за кои пројавија интерес дел од колегите. Создаде работна атмосфера и успеа да ги активира и мотивира колегите, кои се уште се во „лер“ поради пеколните горештини.


 

четврток, 9 јуни 2011 г.

Самоиницијативност на шестоодделенците

Неколку ученички од шестото одделение во Костурино, за последниот училишен ден подготвиле  драматизација на свој текст - „ Мрзливата принцеза“ и една музичка точка, со што пријатно не‘ изненадија.




недела, 29 мај 2011 г.

Моите - најдобри

Пријатно е да се пишува за убави настани... Вчера моите ме изненадија со пријатна вест - победиле на натпреварот во цртање цвеќе на асфалтот и аранжирање цвеќе. Изненадувањето и не е така големо, зашто истите учествуваа и во Велес, а добро ми е познат талентот на Чонева Марина. Овој пат победиле во состав - Анета Василева, Чонева Марина и Лина Тенкова. Симпатичниот трофеј ќе ја краси наставничката канцеларија во Костурино.


недела, 10 април 2011 г.

XII меморијален марш во чест на Ванчо Атанасов

По убаво време, на зборното место, пред старата автобуска станица, во 8.30 часот, се беа собрале планинарите и љубителите на прошетките во природа за да учествуваат на Дванаесеттиот меморијален марш во чест на Ванчо Атанасов, прерано починат претседател на планинарското друштво Ентузијаст и голем ентузијаст во спортот.
 Организатори беа членовите на планинарското друштво Ентузијаст од Струмица, а на маршот учествуваа планинари од Гевгелија, Радовиш и Пробиштип, а гостите од Бугарија му дадоа меѓународен карактер на маршот. Со два автобуси триста и десетте учесници на маршот беа пренесени до Свидовица, од каде што требаше да започне искачувањето по Беласица.
Се искачувавме по стрмна угорница, додека сонцето печеше и дувкаше тивко ветре. Последните куќи од селото останаа далеку зад нас.

Искачувањето беше напорно, зашто теренот беше каменлив и стрмен.
 
 Водата беше во ранецот на син ми, Александар, а чувствував силна жед...
 На маршот му се придружи и градоначалникот на Струмица со својот мотор, во придружба на повеќе моторџии...
Поради искористеност на бонусот за слики, не бев во состојба да ги постирам останатите фотографии. Набргу, на првите планински колиби добивме чај, а на планинарскиот дом, не очекуваше топло гравче. Беласица е прекрасна планина... но на некои места многу напорна. На слегување над Банско, ми се тресеа колената од напорното „кочење“. Сепак, машки го издржав маршот долг 18 км. и планирам да учествувам и на некој иден марш.

петок, 1 април 2011 г.

Еко - семинар Во Охрид

На 29. и 30. март, во хотелот Белведере, во Охрид, се одржа семинар на тема: Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем, за наставниците од основото образование. Со мало задоцнување, тргнавме кон Охрид, а веќе пред Битола, темните облаци ни најавуваа лошо време.

Пред хотелот стигнавме по дождливо време.
Хотелот е сместен над патот што води кон Пештани, сред висока борова шума. Веднаш в очи паѓаат големите питуси. 

Откако се сместивме по собите, се симнавме во ресторанот на ручек.

По паузата за кафе, ја имавме првата сесија од семинарот, која беше заедничка за директорите, педагозите и наставниците.
Потоа, поделени во групи, низ работилници и низ игра, учевме - Како да се стане Еко-училиште?
Нашата група ја направи највисоката кула...
Вежбата, или - играта ни помогна да сфатиме дека кога имаме заедничка цел и работиме тимски, а секој од тимот го дава својот допринос, мораме да успееме... а работата во Еко - одборот е тимска работа.
По паузата за кафе, се симнав до езерото, но поради облаците тоа имаше некаква оловно-сива боја и ни оддалеку не личеше на „бисер“...

Кога се враќав кон хотелот, денот беше на умирање, па светлата почнаа да се палат.
 
На наредната сесија малку задоцнив, а моето доцнење беше искористено за наредната вежба. Нашата група требаше да симулира - кавга или тим кој делува како расштиман оркестар, поради што и нема резултати.
Потоа добивме задача да направиме проект за заштеда на водата.
По паузата, следеше одбрана на проектите или - презентација.
Следниот ден, откако ги поминавме сите чекори од обуката, се стекнавме со сертификати.

А, оваа глетка, би сакал да ја гледам некое идно лето...