среда, 16 април 2008

ПРИЧИНИ ЗА ЕТНИЧКИ КОНФЛИКТИ

Денес, во совренениот свет, не постои ниту една држава во која населението му припаѓа на само еден етникум, т.е.еднонационална држава. Државите најчесто се составени од население кое го чинат различни етнички заедници од кои една е најбројна и настојува да го наметне својот суверенитет над останатите помалубројни етнички заедници. Етничките заедници една од друга се разликуваат по јазикот, културата, религијата, историското потекло, фолклорот... Доминантната етничка заедница, како по правило, настојува да го наметне својот јазик и култура, а некаде и својата религија на целата територија на државата. Наметнувањето на еден јазик на целата територија само по себе не мора да значи причина за конфликт, ако на таа волја не се спротивстави некој етникум кој е малцинство на целата територија, но доминантно или во значителен број во одреден дел од државата и чини компактна заедница на одредена територија. Некогаш се случува причина за конфликтот да биде религијата, т.е. населението да зборува ист јазик, но од различна вероисповед, како што беше случајот во Босна и Херцеговина. Таму, завојуваните страни- Срби (православни христијани), Хрвати (католици – христијани ), и населението од исламска вероисповед, кое долго време вероисповедта ја поистоветуваше со националната припадност-Муслимани, а сега се претставуваат како Бошњаци, зборуваа ист јазик.Блискоста на религијата кај христијанското население- Срби и Хрвати не беше доволна поради историското наследство (од Втората Светска Војна)кое не беше заборавено, туку напротив- се потенцираше до антагонизам...едните беа четници, а другите усташи.

Конфликтот настанува тогаш кога мнозинското население нема слух за решавање на барањата на малцинското население, кое на одредена територија од државата е мнозинско. Двете страни се упорни во своите настојувања, мнозинското - да не се напушта почетната состојба, а малцинското- во целост да се исполнат нивните барања. Таа состојба на краен антагонизам, не води кон решавање на проблемот, туку предизвикува конфликтна состојба . Во еден таков случај, почетиот проблем на малцинското население, (на пример: образование на мајчин јазик, дискриминација при вработување, верска нетолеранција и др.) станува проблем за решавање на мнозинското население. Како што реков погоре,како главни причини за меѓуетнички конфликт се јавуваат разликите во јазикот, религијата, културата, историското наследство... Но, дали на побунетото малцинство ќе му се придружат останатите малцинства зависи од повеќе причини- од спремноста на мнозинското население да ги почитува елементарните човекови права и чувството на загрозеност на останатите малцинства. Во случај мнозинското население да е нетолерантно кон верската припадност на различните од себе, т.е. не покажува разбирање за елементарните човекови права,ќе ги обедини останатите малцински заедници против себе. Останатите малцинства и покрај разликите во јазикот, религијата и историското наследство ќе се обединат против заедничкиот непријател- нетолерантното мнозинство, солидаризирајќи се со побунетото малцинство и чувствувајќи ги неговите барања како свои.

Нема коментари: