недела, 13 април 2008

ТРЕБА ЛИ ПРОШКА ЗА ВАНДАЛИТЕ?!


Деновиве во Струмица се случуваа серија вандалски чинови, направени од млади луѓе, а можеби и малолетни. Најпрво од канцеларијата на средното земјоделско училиште „ Димитар Влахов“ исчезнаа сите 33 дневника. По два дена , дел од дневниците беа најдени, но изостана информацијата- дали се фатени актерите на вандалскиот чин. Сеуште се дискутираше за дневниците од „ земјоделското“, кога проструи веста дека исчезнале дел од дневниците на ОУ „Сандо Масев “... па следеше информација за наоѓањето на одделенските книги во шахта спроти гимназијата. Беше јасно дека зад тие чинови стојат малолетни или сосем млади лица. Следеше уште пошокантна вест - дека непознати лица ги демолирале приодите како и поставените корпи за отпадоци , ги откорнале гредите од мостот и од оградите што водат до двата најголеми и најубави водопади во пошироката околина, смоларскиот и колешинскиот.
Уредувањето на пристапните патеки со заштитни огради, информативни табли, мост што нуди убава глетка ...се направија со пари од странски донации. Странците веројатно биле восхитени од она што природата го дала, па сакале убавината да им биде достапна на сите. И она што се направи беше добро...со водопадот се гордееја и луѓето од Општина Ново Село, што се изборија за тој проект и граѓаните на струмичкиот регион. Водопадот во Смоларе е највисок на Балканот. Одеднаш за него слушнаа сите, па почнаа да пристигаат најпрво од Македонија, екскурзијанти, а потоа и од европските земји. Почна да се негува селскиот туризам.
Но кому му сметаше она што човечката рака го направила, за да им овозможи на љубителите на природата полесно и на безбеден начин да дојдат до водопадите?
Вечерва слушнав уште пошокантна вест- полицијата ги фатила сторителите на вандалскиот чин, кои биле млади луѓе и се каеле за она што го сториле па молеле за прошка?! Ајде де...па нели бидува јас да ја ограбам банката, а потоа да се покајам и да ми простат оти се каам.
Сторената материјална штета е голема, но уште поголема е и ненадоместлива онаа другата штета- соборениот углед на Македонецот во очите на странските донатори. Зарем заслужува помош оној што руши? Младите луѓе , свесни за неделото што го направиле, се каеле и барале милост?! Тие имаат право да се каат, имаат право и да се исповедат пред свештеник и да бараат прошка и милост. Бог е добар и можеби ќе им прости, но правдата, Јустиција, е со врзани очи и суди според законот...без емоции, без милост.
Македонија е правна држава и овие вандали треба да ги обелодени и да им суди строго. А што ако истите млади се сторители на целата серија вандалски чинови... За нив не треба да има милост. Материјалната штета треба да ја надоместат...да платат за се да се доведе во нормален ред, а за срамот што го нанесоа на народот да си одлежат под сенка. За такви недела се лежело до три години.

Нема коментари: